Освен изборот на Таравари, од Конгресот во Тетово се очекуваше и потенцијално да се објави влез на Алијанса за Албанците во Владата. Тоа не се случи, но ја искористивме можноста да прашаме – што мислат другите партии за тоа
Во кусо интервју за „360 степени“, претседателот на Алијанса за Албанците го повтори ставот од последните денови – се разговара, но нема конкретна понуда за влез во владиното мнозинство. Од средбите со партиските структури, вели, има групации што сакаат, но и групации што не сакаат влез во Владата
Домот на културата во Тетово во саботата ги отвори вратите за да ги пречека делегатите на Алијанса за Албанците, кои бираа нов лидер само осум месеци откако го реизбраа Зијадин Села за прв човек на партијата. Причината за овој трет, вонреден Конгрес, беше неотповикливата оставка на Села откако партијата летово не освои ниту еден советник на предвремените локални избори во Тетово.

За делегатите, изборот не беше тежок. Требаше да одлучат – дали ќе го поддржат или не единствениот кандидат. А тоа беше Арбен Таравари, кој се потруди да прати порака на единство кога во салата влезе во придружба на Села.

Интонирањето на албанската химна го означи стартот на свечениот дел на Конгресот. Главното обраќање пред присутните го имаше доскорешниот и патем прв претседател на партијата.
„Политичките партии не можат да бидат сопственост на поединци“,
рече Зијадин Села.

„Овде сум денес со најголема гордост да ви кажам дека го одржав зборот, исто како што одржав и многу други зборови досега. Алијанса за Албанците никогаш не му припаѓала на Зијадин Села и нема да припаѓа на никој друг освен на Албанците“.
нагласи тој.
Со говорот на Села заврши делот кој беше отворен за гостите и медиумите. На затворениот дел право да присуствуваат имаа само оние што бираа – делегатите.
Откако заврши гласањето, вратата повторно се отвори. На голем екран беше прикажано видео во кое главен лик беше Арбен Таравари, сега нов претседател на Алијанса за Албанците.

На говорницата пред победничкиот говор, партиски активист му подари на Таравари книги – собрани дела чиј автор е поранешниот лидер на ДПА, Арбен Џафери. Токму од ДПА си замина Зијадин Села, кога ја формираше Алијанса.

Во првиот говор како претседател Таравари рече дека негова примарна цел ќе биде професионалноста на партијата.

„Со ова сакам да кажам дека ќе развиваме континуирани проекти, по можност во развиени европски земји, за што повеќе од нас да го зголемат своето знаење и професионализам. Наша цел ќе биде континуирана модернизација на нашата партија и носење на долгоочекуваната промена кај албанскиот политички фактор во Македонија“.
рече Таравари.
На крајот на Конгресот, прв на сцената победата му ја честиташе доскорешниот претседател на партијата Села.

Освен изборот на Таравари, од Конгресот во Тетово се очекуваше и потенцијално да се објави влез на Алијанса за Албанците во Владата. Тоа не се случи, но ја искористивме можноста да прашаме – што мислат другите партии за тоа.

Потпретседателот на Движењето Беса, Фатмир Лимани, кажа дека пред се посакува обединување на албанскиот опозициски фактор.

„Впрочем, обединувањето на албанскиот опозициски фактор, врз основа на неодамнешните анкети, покажува дека Движењето Беса и Алијансата сочинуваат 9 отсто, додека ДУИ е на 7 отсто, па затоа е многу едноставно нашиот сојуз да донесе победа и, на крајот, да ја врати изгубената надеж на младите“.
вели Лимани.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Вељановски, не е воодушевен од евентуален влез на Алијанса во Владата.

„Средбите се тековни на највисокото раководство на партијата и сметам дека секој обид за зајакнување на позицијата на актуелната власт би одел на штета на актуелната политичка сцена во Македонија. Но, како и да е, одлуката најверојатно за тоа како ќе се движат работите во иднина ќе ја донесе раководството на партијата во случајов на вашето прашање раководството на Алијанса за Албанците“.
рече Вељановски.
За истото прашање побаравме да се произнесе и претставникот на Алтернатива, партијата која на последните парламентарни избори беше во коалиција со Алијанса. Пратеникот Хисни Исмаили рече дека прашањето е хипотетичко, но дека не се против.

„Добредојдени се, зошто да не, но не сме ние главниот фактор што одлучува за влезот. Тие знаат дека Алијанса сама одлучува за нивниот влез со нивните тела. Ќе видиме како ќе се развиваат работите, ќе помине конгресот и претседателот ќе биде избран, тогаш се чека првиот чекор од нив, потоа од другите и од нас“,
рече Исмаили.
Го прашавме претставникот на ДУИ на овој Конгрес, пратеникот Арбен Зибери, дали се подготвени да ослободат министерско место за Алијанса доколку таа стане дел од Владата.

„ДУИ не ги гледа теснопартиските интереси, туку секогаш ги става големите интереси над партиските интереси и тоа се докажало 20 години по ред и не случајно ДУИ победува во албанскиот кампус во Република Северна Македонија“.
вели Зибери.
Дали ќе успее евентуалната коалиција со Алијанса беше прашањето до потпретседателот на најголемата партија во власта, Стефан Богоев од СДСМ.

„Алијанса за Албанците знаеме дека се залага силно за евроинтеграцискиот процес, тоа е некој дел во кој што се поклопуваме и во кој исто размислуваме, меѓутоа има многу други отворени теми. Затоа, треба да се разговара и да се види што-како ќе излезе на крајот“,
рече Богоев.
Иако замина од лидерската позиција, Зијадин Села останува основач на Алијанса за Албанците, а со тоа и влијателна личност во партијата, кој и да е претседател. Што мисли тој за влез во Владата – одговори дека ќе каже, но не на јавна сцена.

„Моите ставови и тоа навистина треба да биде пристап и форма на однесување на секој член на партијата, ќе бидат кажани во партиските органи и моите ставови ќе бидат какви што ќе бидат одлуките на Алијанса за Албанците“,
рече Села.
Во кусо интервју за „360 степени“, претседателот на Алијанса за Албанците го повтори ставот од последните денови – се разговара, но нема конкретна понуда за влез во владиното мнозинство. Од средбите со партиските структури, вели, има групации што сакаат, но и групации што не сакаат влез во Владата.

„Мислам дека за ова подобро да се знае, добро е да се организира внатрепартиски референдум, но само ако има нешто конкретно. Ако нема нешто конкретно, мислам дека Алијанса за Албанците може да продолжи во опозиција. Беше во опозиција и не претставува некаков впечаток да продолжиме да бидеме опозиција кај Албанците во Македонија“,
рече Таравари.
Последните гласини во политичките кругови се дека при можен влез, Алијанса би добила два ресора во Владата – здравство и правда или образование и еден министер без ресор – задолжен, на пример, за странски инвестиции. Но, се е засега само во сферата на шпекулациите.