Докажано е дека најголемото загадување е од биомаса – од 35 до 45 отсто, на второ место се возилата, на трето се градежните активности, а индустријата е најмал загадувач. Но, тоа не значи дека Инспекторатот нема да продолжи да ги контролира индустриските капацитети, вели министерот за животна средина Насер Нуредини

Препораките и мерките поради енормното аерозагадување престануваат да важат за Гостивар, Кичево и Кавадарци, а остануваат за Скопје и Струмица.
„Согласно податоците од Државниот мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух на 25.12.2022 година, среднодневните концентрации на ПМ 10 суспендираните честички се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни дена е прекината во Гостивар, Кичево и Кавадарци. За овие градови престануваат да важат препораките и мерките за надминат праг на алармирање“,
информираат од Министерството за животна средина.
Ресорниот министер Насер Нуредини кажа дека согласно владината одлука, таму каде што има надминување на прагот на аерозагадување, стапуваат во сила предвидените мерки, но нема информации зошто, на пример, Град Скопје не ги имплементира денеска. Тој повтори дека несоодветното греење е главната причина за загадување на воздухот.
„Со поддршка од Шведска, заедно со универзитетот во Штип, направено е целосно академско истражување и е докажано дека најголемото загадување е од биомаса – од 35 до 45 отсто, на второ место се возилата, на трето се градежните активности, а индустријата е најмал загадувач, но тоа не значи дека Инспекторатот нема да продолжи да ги контролира индустриските капацитети. Кога зборуваме за загадување од биомаса, тука не се само домовите туку и државните објекти кои се греат на мазут и нафта. Направивме стратегија во Владата, за измени на начинот на греење на училиштата, градинките, полициските станици, болниците, а има и програма од Министерството за економија за греење на соларни панели и други вакви мерки“,
кажа Нуредини.
Министерот смета дека чаре за аерозагадувањето е комплетна изградба на гасоводот.
„Мора да продолжиме со изградба на гасоводот. Тоа е решение за аерозагадувањето. Втора работа е да ги тргнеме од сообраќај старите возила“,
посочи тој.
Нуредини им се извини на граѓани што податоците за аерозагадувањето не се достапни на веб-страницата на Министерството за информирање на граѓаните. Кажа дека причината за тоа е што податоците мигрираат од стар сервер на нов и тоа ќе трае уште десетина дена.
„Се извинувам што имаме проблем со миграција од стар на нов сервер. Тоа не значи дека ние немаме податоци, имаме, но сега мануелно ги собираме и потоа ја информираме јавноста за аерозагаденоста во државата. За жал, треба време за миграција на податоците, но имаме пристап, ги имаме податоци од сите мерни станици, 21 на број во државата кои функционираат“,
изјави министерот по денешниот брифинг со новинарите.
Инаку, ресорното министерство ќе склучи договор со ИТ-фирма за управување со новиот сервер. Нуредини вели дека тоа се должи на фактот што платите на информатичарите се поголеми во приватниот сектор, па никој не би сакал таа струка да ја работи во Министерството.