Покрај денешното обвинение во рамки на случајот „Империја“, според кое обвинетите се гонат за злоупотреба на службена положба, перење пари и измама, доставен е и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра
Основното јавно обвнинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинение против преостанатите три лица од предметот познат во јавноста под името „Империја“, по севкупно спроведена истражна постапка против 19 лица.
Прво и второобвинетиот се гонат за злоупотреба на службена положба и перење пари. На првообвинетиот на товар му се става и кривичното дело измама за кое се товари и третообвинетиот.
„Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од месец мај до месец август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал. Тие заедно, по претходен договор, со умисла помогнати од сведок–соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, прибавиле значителна имотна корист во износ од 4 000 000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, прво и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро сметки на други правни лица“,
се вели во соопштението од Обвинителство.
Се додава дека во периодот од октомври 2013 година до јануари 2014 година двајца сведоци–соработници на правдата, заедно, како соизвршители со прво и третообвинетиот, со намера за себе и за друг да прибават значителна противправна имотна корист, довеле во заблуда едно физичко и едно правно лице.
„Со цел по пониска цена да ги земат акциите што во друго правно лице ги поседувале оштетената и оштетеното правно лице, лажно прикажувајќи факти ја довеле во заблуда оштетената да преземе дејствија со кои нанела значителна имотна штета од 283 591 535 денари на себе си и правното лице за сметка на акциите што ги поседувале и што биле продадени на физички и правни лица за износ од 433 592 465 денари. Откако со извршување на кривичното дело измама била прибавена корист за правно лице во кое еден од сведоците на правдата бил сопственик и управител, за да ги прикрие парите дека потекнуваат од кривично дело, по основ на позајмици ги пренел на три правни и едно физичко лице, а потоа уделот од правното лице што го поседувал го пренел на трите правни лица на кои им биле дадени позајмици, па откако имотната корист прибавена со кривичното дело им била исплатена како дивиденда од по 107 833 000 денари, правното лице било пренесено на оф шор компанија од Белизе и ликвидирано“,
информираат од Обвинителство.
Во соопштението се додава дека парите прибавени од кривично дело и исплатени по основ на дивидендата на правното лице каде членовите на семејството на првообвинетиот биле сопственици, за да се прикрие дека потекнуваат од кривично дело по насоки на првообвинетиот, по основ на позајмица биле префрлени 62 000 000 денари на неговата лична сметка, а останатите во износ од 45 833 000 денари правното лице ги пуштило во оптек за плаќање по разни основи.
Покрај денешното обвинение во рамки на случајот „Империја“ доставен е и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
Од досегашните постапки во предметот „Империја“, освен обвинението против три лица произлегоа:
- пресуди за седум лица врз основа на предлог спогодби;
- истражната постапка што се однесува за МПМ и е против четири лица, меѓу кои едно лице е сведок – соработник на правдата во друг дел од предметот, е доставена на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство Скопје;
- за две лица донесена е наредба за запирање на истражната постапка врз основа на чл.304 бидејќи за дејствијата што им се ставаат на товар извршени во период 2002-2004 година веќе е донесено решение за истата работа од страна на друго обвинителство;
- за едно лице истражната постапка е запрена поради настапување на застареност на кривично гонење;
- за две лица меѓу кои е и лице кое за дел од истражната постапка се спогоди со обвинителствотое донесена наредба за прекин на истрага поради настапување на околности што привремено го спречуваат кривичното гонење, а се однесува на укинувањето на пресудата за предметот „Трезор“ каде против лицето се водеше постапка за предикативното дело на кривичното дело перење пари, а во овој предмет се овде за перење и други приноси од казниво дело опфатено во овој предмет и
- за дејствија од 2009-2015 година за три лица меѓу кои се и двајца сведоци – соработници на правдата се донесени решенија за непреземање на кривично гонење врз основа на член 44 ст.1 т.3 од ЗКП.