Првото полугодие привршува, а основните училишта и натаму немаат голем дел од основните помагала во наставата – учебниците. Најголем проблем со недостиг на учебници имаат одделенијата што учат по новата концепција за основно образование – прво, второ, четврто и петто
Сега сè е оставено на креативноста на наставниците – пишуваат на табла, печатат листови со разни материјали, диктираат, а децата запишуваат во тетратка. Но велат дека ова влијае на квалитетот на наученото кај децата
Во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Општина Аеродром часот по ликовно во второ одделение најверојатно е наједноставен за одржување кога нема учебници. Потребни се малку насоки, бои и креативност.
Но, за останатите предмети на располагање на наставниците им е само еден, на некој начин, збирен учебник. Сите предмети во едно. Тој требало да го користат до крајот на ноември, па содржината е веќе исцрпена.
„Ни беше кажано дека тоа ќе биде за краток период и дека подоцна ќе стигнат учебници како што порано и било. Но, сè уште ние работиме по тој учебник што ни е даден“,
вели Гордана Камческа-Ѓоревска – одделенска наставничка во ООУ „Лазо Ангеловски“ – Скопје.

Најголеми проблеми поради недостигот на учебници има во второ и во петто одделение. Тоа се генерациите со кои почна спроведувањето на новата концепција за основно образование, кога беа прво, односно четврто одделение.
„Претходните генерации можеле да користат учебници што веќе ги имало, а сега со новата концепција ние чекаме нови учебници затоа што мора таму да ги видиме новите содржини и да ги сработиме ние како наставници сценаријата и како да се одвива текот на часот“,
смета Камческа-Ѓоревска.
Сега сè е оставено на креативноста на наставниците – пишуваат на табла, печатат листови со разни материјали, диктираат, а децата запишуваат во тетратка.
„Наставното ливче најчесто се состои од тоа што сме го работеле денес. Дечињата во некој концепт да го имаат како повторување и да го сработат она што денеска го научиле односно дали се постигнати целите што дечињата треба да ги осознаат за текот на тој наставен час“,
рече Камческа-Ѓоревска.
Но, според новата концепција, учебникот требаше да биде само еден од изворите.
„Учебниците за нас се само едно помагало, на наставникот не му се секогаш потребни и не ги користиме секогаш, но верувајте на учениците и на родителите навистина им се потребни“,
смета Камческа-Ѓоревска.
Часот заврши, но проблемите останаа – не само во второ и петто.
„Значи, недостиг од учебници има во сите оние одделенија кои се опфатени со новата концепција – тоа се прво, второ, четврто и петто одделение“,
вели Магдалена Петреска – директорка ООУ „Лазо Ангеловски“– Скопје.
Директорката смета дека ваквата состојба влијае за намалување на квалитетот на наученото кај децата.

„Сите промени се прават во основното образование, се доследни, траат одреден временски период и се менуваат. Образованието мора да има постојан тек. Ако нема постојан тек, се јавуваат одредени дупки. Затоа, знаењата и практичната примена кај учениците е на многу слабо ниво. Дури и сите оние тестови што се прават во светски размери ги рангираат нашите ученици, за жал, на најниските нивоа“,
смета Петреска.
На крајот од наставата, Јасмина Величковска која е член на Советот на родители, дојде да ја земе од училиште својата ќерка-шестоодделенка. Вели дека дел од учебниците фалат и во предметната настава од шесто до деветто одделение.

„Се снаоѓаме со принтање учебници кои се јавно достапни на сајтот на Министерството за образование и наука, копирање, лепење корици и страници на веќе оштетени и дотраени книги за кои знаеме дека се дефицит, но како такви мораме да ги користиме. Тука морам да ја нагласам економската и финансиската состојба на повеќе семејства на кои истата не им дозволува обезбедување на потребни учебници и материјали за работа“,
вели Јасмина Боримечкоска – мајка на ученичка во шесто одделение.
Недостиг на учебници има и за наставата на албански јазик. Во училиштето „7 Март“ во општина Чаир, директорката Фиторе Ќирези вели дека и покрај тоа што училишната комисија за обезбедување книги навреме поднела барање, сепак, недостигаат учебници.

„Наставниците мора да се снаоѓаат со дополнителен материјали, со дополнување на материјалите или од други книги или од материјалите што постојат на интернет на различни страни, но во секој случај мора да го спроведат програмскиот план што е предвиден за годишната програма“,
рече Фиторе Ќирези – директорка на ООУ „7 Март“ („Адем Јашари“) – Скопје.
Освен во одделенска настава и на албански фалат книги во предметна настава.
„Во шесто одделение долгогодишен проблем е книгата по историја, по француски недостасуваат некои книги, не целосно но некои, информатика за шесто одделение – издадена е новата книга, но не ни е донесена. Македонскиот јазик – деветто одделение книгата е променета, но не е пристигната, англиски јазик за осмо и деветто одделение никогаш не ни донесоа за англиски јазик, по географија недостасуваат книги, за деветто одделение воопшто нема“,
вели Ќирези.
Наставникот по географија Гани Амети вели дека наставниците некако се снаоѓаат, но на учениците ова им е поголем проблем зашто голем дел од часот се троши за фаќање белешки.

„Учениците губат многу време додека пишуват или не можат постојано да нè следат и затоа е пречка, тоа е голем недостиг особено за учениците, затоа што ние наставниците некако ќе се снајдеме, но недостигот од учебник многу им отежна на учениците дома да си ја завршат домашната задача или да ја проверат книгата, да ја прочитаат за да бидат во текот со процесот“,
вели Амети.
Во дворот на училиштето разговаравме со родител на ученик во второ одделение. Вели дека неговото дете во моментов има само дел од книгите.
„Дел по дел знам дека му дадоа некои книги, ни рекоа дека ќе му го дадат остатокот после полугодие“,
рече родителот.
Од јули па досега Министерството за образование потпишало договори за набавка на учебници за основно и за средно образование во висина од околу 8,8 милиони евра, покажуваат јавно достапните податоци на Бирото за јавни набавки.
Според сумите на тендерите, повеќе од половина од учебниците ги печати или ќе ги печати „Европа 92“ од Кочани. Станува збор за рамковна спогодба, односно печатницата печати во онолку наврати и количини колку што ќе побара Министерството.
„Досега се склучени вкупно пет договори во октомври и ноември за вкупно 32 наслови (учебници) на македонски, албански, турски, српски и босански јазик. Процесот на печатење е завршен за сите, а испораката (до секое основно училиште) за првиот до третиот договор, вкупно 22 наслови, е завршена, а во тек е испораката за четвртиот и петтиот договор за 10 наслови“,
велат за „360 степени“ од печатницата „Европа 92“.
Зошто тогаш, на крајот од првото полугодие, се уште нема учебници и што треба да се направи тоа да не се повтори? Од „Европа 92“ одговорија:
„Што се однесува до другите прашања, не би можеле да коментираме бидејки ние само печатиме од она што ќе биде одобрено од комисиите во МОН и подготвено од страна на операторот кој е одбран за изработка на техничко уредување и подготовка за печатење“,
велат од „Европа 92“.
Од комуникацијата со другите издавачки куќи и печатници ни стана јасно дека голем дел од учебниците годинава, всушност, се изданија на Министерството за образование. Бидејќи авторските права ги поседува владиниот ресор, со конкурентна постапка се бара само печатница.
Не беше така до скоро. Со т.н. Кембриџ програма, најголем дел од учебниците се купуваа преку директно преговарање од мал број издавачки куќи кои ги поседуваа правата на учебниците.

Од Компанијата „Арс Ламина“, која во минатото беше најголем добавувач на учебници, а сега е далеку зад „Европа 92“, велат дека тие ги испорачале учебниците што им биле нарачани уште пред почетокот на годинава.
„Учебниците кои сè уште не се доставени до учениците се во издание на МОН“,
велат од „Арс ламина“.
На прашањето каде е проблемот што доцнат учебниците, од „Арс Ламина“ велат дека лани не биле изготвени учебници за новата концепција, па годинава морало наеднаш да се прават и за 1-во и за 4-то, но и за 2-ро и за 5-то.
„Оттука, оваа година требаше да се изготват учебници за четири одделенија по сите предмети, што е долготраен и сложен процес. Целиот овој процес требаше да биде завршен за да може да се отпочне со печатење на учебниците. Да не забораваме дека во Македонија се изготвуваат учебници на 5 наставни јазици, за што е потребно многу дополнително време“,
одговорија од „Арс Ламина“
На прашањето, како проблемот да не се повтори, од „Арс Ламина“ се директни во одговорот:
„Прво, МОН треба да се повлече од издавачката дејност, за која се потребни поголеми капацитети, а издавањето на учебници да го врати онаму каде што припаѓа во сите развиени демократски општества, а тоа е кај издавачките куќи“,
додаваат од „Арс Ламина“.