„Пазарниот инспекторат знае колкава би требало да биде финалната цена која е изложена на рафтовите во маркетите. Затоа очекувам засилени контроли“, изјави министерот за економија Бектеши
Министерот за економија Крешник Бектеши вечерва во гостувањето во емисијата „10 минути“ на ТВ 21 кажа дека Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ја има целата листа на компании од прехранбената индустрија кои од утре ЕСМ ќе ги снабдува со струја по поевтина цена и дека, согласно тоа, инспекторатот ќе врши засилени контроли во маркетите каде што наскоро основните прехранбени продукти треба да се продаваат по намалени цени.

Министерот нагласи дека од утре производителите на основните прехранбени производи кои се офатени во владината мерка за субвенционирана струја, ќе почнат да им нудат на маркетите нови, намалени цени за основните прехранбени производи.
„Ние ги проверуваме цените при увоз спрема царинската управа. Според тие цени при увоз и дополнителни цени при транстпорт и слично, Пазарниот инспекторат знае колкава би требало да биде финалната цена која е изложена на рафтовите во маркетите. Затоа очекувам засилени контроли. ДПИ ја има целата листа на компании кои ќе бидат субвенционирани во делот на електричната енергија и дополнително на тоа големите маркети треба да ги менуваат цените на производите“,
истакна Бектеши.
Министерот ги повика и граѓаните доколку забележат дека цените на основните прехранбени производи во маркетите не се намалени или ако се злоупотребени од некои трговци, веднаш да пријават во Државниот пазарен инспекторат.
Субвенционираната цена на струјата за компаниите од прехранбената индустрија треба да обезбеди пониски цени на основните прехранбени производи во маркетите. Според најавите од Министерството за економија, намалувањата на цените на овие продукти ќе се движат од пет до 13 отсто.