Премиерот денеска на прес-коференција го „стана“ и министерот Бектеши кога јавноста и социјалните мрежи се преплавени со коментари и шеги откако тој на ист начин досега прозва уште двајца министри во неговата влада, Благој Бочварски и Славјанка Петровска

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Медија-центарот на Владата се пошегува на своја сметка кога после него како говорник беше најавен министерот за економија Крешник Бектеши.

Додека премиерот ја напушташе говорницата, а кон неа се упатуваше министерот, Ковачевски рече: „Како беше: Стани Крешник“.
Премиерот денеска на прес-коференција го „стана“ и министерот Бектеши кога јавноста и социјалните мрежи се преплавени со коментари и шеги откако тој на ист начин досега прозва уште двајца министри во неговата влада. На партиска трибина на СДСМ, Ковачевски ги повика да станат министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и министерката за одбрана Славјанка Петровска.
Кон министерот за транспорт тој се обрати на трибина во Охрид каде што раскажуваше каков одговор им дал на Бочварски на новинарите кога го прашале кој ќе биде одговорен ако не се заврши автопатот Кичево-Охрид до крајот на 2023 година.

„Му реков: ’Благоја, лош ти е одговорот. Одговорен за патот да биде готов во јануари 2024 година си ти како министер за транспорт и врски‘. И затоа, еве го тука Благоја, стани Благоја да те видат сите, дајте му поддршка затоа што во јануари 2024 година по тој пат мора да се вози од Кичево до Охрид“,
рече Ковачевски во Охрид.

Истото го направи и од говорница на трибината во Кичево бранејќи ја министерката Петровска за обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека има хациенда со базен.

„На крај фатија да лажат. И што ќе лажат? Славјанка Петровска имала базен?! Од капитални инвестиции оние што не ги направија, сега што правела Славјанка. Излегува директорот на катастар и вика: ’Славјанка нема базен‘. А бе, ја да ви кажам, тие Славјанка ја напаѓаат од почетокот на кризата во Украина затоа што Славјанка како министер за одбрана зазела вистинска страна. И да им порачам оттука: Моја Славјанка вреди повеќе од цел извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ заедно. Стани Цаци да те види сала“,
рече Ковачевски.