Уставниот суд на денешната седница одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точките 3 и 4 од Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина.
Подносители на иницијативата беа политичката партија Левица, нејзиниот лидер Димитар Апасиев и неговиот сопартиец и колега од пратеничките клупи, Борислав Крмов, со која се оспорува една од привилегиите на пратениците, односно дека наводно спротивно на законите земале пари за патарини, во период од 15 години.
Помеѓу аргуметните на кои што уставен ја темели својата одлука се наведува дека надлежен орган за донесување на оспорената одлука е Комисијата за прашањата на изборите и именувањата како постојано работно тело на Собранието надлежно за определувањето на висината на надоместокот на трошоците кои, во согласност со прописите, им се признаваат на пратениците.
„Правото кое пратениците го имаат на надомест за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и висината на овој надомест, се утврдени со Законот за пратениците. Со оспорената одлука се разработуваат условите за остварување на ова право, односно се прецизираат случаите кога се смета дека возилото се користи за службени цели. Оспорените точки 3 и 4 од Одлуката се во согласност со Законот за јавните патишта и со нив изворно не се утврдува право на пратениците“,
се останатите аргументи, наведени во соопштението од Уставен за одлуката.
Оттаму, како четврти аргумент, додаваат дека станува збор за правно прашање по кое Судот веќе претходно расправал и зазел став во предметот У.бр.85/2006, при што предмет на оцена била иста одлука на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и истиот став е прифатен и во овој предмет.
Во иницијативата поднесена од Левица се наведува дека ваквата привилегија се коси со неколку законски одредби од Законот за пратеници и Законот за Собранието. Таму прецизно се наведени финансиските привилегии на народните избраници, меѓу кои не се споменати трошоци за патарини.
Дополнителната привилегија за добивање и на трошоци за патарините е донесена на 3 октомври 2006 година, од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со назив „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“.
Подносителот, партијата Левица според наводите во иницијативата, тврди дека со оспорените точки од Одлуката се нарушува системот на нормативна хиерархија и конзистентноста на уставниот поредок и усогласеноста на подзаконските акти со законите и Уставот. Според партијата, Собранието со носење на оспорената комисиска одлука донесена на седница на кадровско работно тело составено само од 13 пратеници излегува од рамките дадени во Уставот и наведените закони предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина кој како таков воопшто не бил предвиден ниту со Устав ниту со закон.
Од опозициската партија вчера, во контекст на поднесената иницијатива, информираа дека за шест месеци, односно од март до август, оваа година на пратениците во Собранието им се исплатени 11 745 825 денари или околу 191 000 евра за патни трошоци.