Ковачевски го информирал Шулц за предизвиците со кои се соочува Владата во делот на евроинтеграцискиот процес и изразил благодарност за силната поддршка од страна на Европската Унија за отпочнување на пристапните преговори и за најголемата придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет
Актуелните случувања во земјава и севкупните активности на фондацијата „Фридрих Еберт“ биле во фокусот на денешната средба на премиерот, Димитар Ковачевски со претседателот на фондацијата и поранешен претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

На средбата, како што информираат од Владата, заеднички било оценето дека политиките кои ги носи оваа Влада, а кои се темелат врз социјалдемократски постулати, резултираа со развој и унапредување на демократијата, владеењето на правото и унапредување на човековите права и слободи.
„Директен резултат на овие политики е и исполнувањето на нашата стратешка цел, членство во НАТО, како и започнувањето на преговорите со ЕУ“,
се наведува во владиното соопштение.
Ковачевски го информирал Шулц за предизвиците со кои се соочува Владата во делот на евроинтеграцискиот процес и изрази благодарност за силната поддршка од страна на Европската Унија за отпочнување на пристапните преговори и за најголемата придобивка за која се изборивме – целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет.
На средбата било разговарано и за актуелната економска и енергетска криза и нејзиното надминување, како и за политичката клима во земјава пред отпочнување на собраниската процедура за уставните измени.
Претседателот на фондацијата „Фридрих Еберт“, Мартин Шулц, го изразил своето силно уверување дека негувањето на социјалдемократските вредности и вложувањето во заштитата, почитта и сигурноста на граѓаните се сериозна инвестиција во демократска и просперитетна иднина.
„Тој ја истакна важноста од постоење на една силна социјалдемократска платформа во регионот која ќе го гарантира обединувањето околу вистинските демократски вредности“,
стои во соопштението.
Премиерот Ковачевски на средбата се заблагодарил за придонесот од „Фридрих Еберт“ фондацијата за европските интеграции, унапредувањето на политичкиот дијалог на Северна Македонија и изразил уверување дека со континуирана и посветена работа и носење храбри одлуки, ќе се обезбеди посигурна иднина.