Додека пред 114 години научници од сите земји населени со Албанци се собраа за обединување на азбуката на албанскиот јазик, во Македонија, иако со години е официјален, албанскиот јазик не се користи во многу институции
Во институциите каде што се користат албанскиот јазик и азбука, тоа често се прави спротивно на јазичните норми. За да провериме колку институциите водат сметка за албанскиот јазик зедовме три соопштенија од државни институции што ги водат Албанци и ги однесовме на лектура
Институцијата што треба да ја казнува непримената и погрешната примена на албанскиот јазик е Инспекторатот за употреба на јазиците. Инспекторатот, не само што нема кадар за отворање подрачни единици во други градови, туку и нема како да врши инспекции надвор од Скопје
По повод 114-годишнината од Битолскиот конгрес – собир од кој произлегла стандардизираната албанска азбука, денеска во Битола ќе се соберат граѓани, научници, политичари…

На прв поглед изгледа дека сѐ е спремно, вклучувајќи ја и националната установа Музеј на албанската азбука, чиј објект неодамна беше реновиран преку ИПА-проект.
„Во добра состојба сме, ја чекаме следната активност што ја планиравме со овогодишната програма која ќе ја реализираме до 23 ноември, почнавме на 11, а ќе завршиме на 23“,
вели директорот на установата Заит Алиу.
За разлика од позитивизмот на директорот, изминативе недели медиумите портретираа поинаква слика за Музејот – дека му е исклучена струјата, дека сметката на установата е блокирана поради лошо управување со средства од ИПА-фондовите наменети за реконструкција на објектот.
Директорот Алиу повтори дека сега сѐ е во ред без да биде дециден – дали има вистина во медиумските објави.

„Mожеби понекогаш нè вадат од контекст за тоа што сме го кажале. Токму овој проблем се влечеше речиси две години по ред и за ИПА имавме надворешен соработник кој се грижеше за работите да течат како што треба. Но има некои технички проблеми, кои се надевам дека наскоро ќе се надминат и дека нема да имаме проблеми. Главната работа со реконструкцијата е завршена, како што гледате“,
посочува Алиу.
Техничките проблеми за кои говори директорот речиси сигурно нема да бидат видливи денеска. Но, тоа не значи дека албанската азбука и јазик не се исправени пред одредени предизвици во земјава.


Додека пред 114 години научници од сите земји населени со Албанци се собраа за обединување на азбуката на албанскиот јазик, во Македонија, иако со години е официјален, албанскиот јазик не се користи во многу институции.
Колку се почитуваат јазичните норми
Но, проблемот не е толку едноставен, бидејќи и во институциите каде што се користат албанскиот јазик и азбука, тоа често се прави спротивно на јазичните норми. За да провериме колку институциите водат сметка за албанскиот јазик зедовме три соопштенија од државни институции што ги водат Албанци и ги однесовме на лектура.

На Филолошкиот факултет при УКИМ, на Катедрата за албански јазик и книжевност, нè пречека професорката Ајтене Ќамили. Првиот документ што ја помина нејзината проверка беше од Министерството за образование и наука.

„Пример за овие случаи на придавки што се нечленувани, како што е случајот со ‘авангардна’, ‘академска’, секогаш овие типови придавки што завршуваат со д, к, или т, во множина дефинитивно мора да ја напишеме самогласката ‘ë’ за да покажеме дека се работи за множина. Во конкретниот случај овде нема ‘ë’“,
вели Ќамили.

„Друга грешка е ‘egziston’, без разлика што се слуша како ‘г’, но тоа е затоа што ‘з’ е гласовна согласка и, всушност, треба да се напише со ‘к’“,
рече Ќамили.
Сè на сè, во првиот документ, професорката Ќамили најде седум грешки. Второто соопштение што го ставивме на лекторска проверка беше покана до медиумите за трибина токму за „Денови на азбуката“, испратено од Министерството за политички систем.

„Колку што знам, Министерството за политички систем е одлучено да се вика ‘e’, a не ‘per’ политичкиот систем“,
додава Ќамили.
„Тука сигурно требало да биде ‘katër’ (четири), а го направиле ‘kaltërt’ (сино).
рече Ќамили.

„Во случај кога имаме овде ‘во соработка со Институт’, треба во ‘соработка со Институтот за културно наследство на Албанците’“,
вели Ќамили.

„Тука се ставени некои непотребни наводници, нема потреба да се овде“,
додава Ќамили.
„И сега да видиме на овој лист, 1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11 грешки се направени во овој документ“,
вели Ќамили.
Третиот документ што го лекторираше професорката Ќамили е издаден од кабинетот на првиот вицепремиер Артан Груби.

„На албански јазик деновите секогаш се пишуваат со мала буква, само кога имаме празник, на пример, ’28 Nëntori’, ’22 Nëntori’, се со голема буква. Но тука бидејќи 7 ноември е обичен ден, нема потреба да се пишува со голема буква“,
вели Ќамили.

Во овој документ има седум грешки.
„Учеството е, исто така, еден од зборовите што често секаде се греши, при употребата на ‘rr’ понекогаш го отстрануваат ‘ë’ и го пишуваат учество без ‘ë’ – еве и овде, продолжува со учесниците и тука е истиот феномен“,
рече Ќамили.


Иако соопштенијата од државни институции кои најмногу треба да се грижат за албанскиот јазик беа полни со грешки, професорката Ќамили на нив гледа со доза оптимизам. Таа вели дека пред неколку години состојбата била далеку полоша.

„Мило ми е што ситуацијата се подобрува, тоа е позитивна работа и покрај тоа што се соочуваме со грешки. Но, ако споредиме како беше и како оди сега, гледам дека има подобрувања и имам надеж дека за многу краток период овие грешки природно ќе се избегнат со подобро обучување на оние што се преведувачи и лектори, станувајќи свесни. Институциите, исто така, треба да внимаваат, во секоја институција, не да имаат еден или двајца преведувачи, туку можат да имаат преведувачки единици или сектор во зависност од колку е голема институцијата и потоа да се погрижат текстовите да не излегуваат со грешки“,
рече Ќамили.
Инспекторатот за употреба на јазиците „кубури“ со кадар
Институцијата што треба да ја казнува непримената и погрешната примена на албанскиот јазик е Инспекторатот за употреба на јазиците.

Според извештајот за првите шест месеци од годинава, институцијата, според систематизација, треба да има 76 службеници, а има само 17 – што е едвај 20 отсто од потребниот кадар. А, и од тие вработени, само мал дел се инспектори.

„Во моментов имаме шест лиценцирани инспектори што вршат инспекциски надзор на институции, уште двајца инспектори се во завршна фаза на добивање лиценци, односно вкупно осум. Што се однесува до систематизацијата на Инспекторатот за употреба на јазиците, постојат 32 слободни места за инспектори, вклучувајќи ги тука и подрачните единици што се предвидени врз основа на систематизација, подрачните единици Тетово, Кичево и Куманово“,
вели директорот на Инспекторатот Фатмир Исени.
Инспекторатот, не само што нема кадар за отворање подрачни единици во други градови, туку и нема како да врши инспекции надвор од Скопје. Во полугодишниот извештај пишува дека:

„Во идниот период Инспекторатот ќе се соочи со предизвикот за спроведување на инспекциските надзори надвор од градот Скопје, со оглед на ограничените ресурси и немањето службени возила“,
се вели во извештајот.
„Имаме многу голем проблем затоа што немаме службени возила. Инспекторите имаат голем проблем да вршат инспекциски надзор надвор од Скопје, во моментов сите инспекциски контроли што се правеа надвор од Скопје се направени со моето лично возило. Мора некако да се снајдеме, иако имав информација од Владата на Северна Македонија дека Владата наредила во рок од 10 дена Инспекторатот да добие службен автомобил, но до ден денес немаме службена кола“,
вели Исени.
Тоа што Инспекторатот го сработил во првите шест месеци се 42 контроли, при што се констатирани 40 неправилности. Инспекторатот нема напишано казна, вели Исени, туку изрекува решенија со мерка – опомена.

„Повеќе опомени се дадени за законските и подзаконските акти што се објавени во ‘Службен весник’, каде што повеќето институции ги имаат само на македонски јазик, а не и на албански јазик“,
рече Исени.
Инспекторатот не може да очекува дека наскоро ќе се доекипира бидејќи, за да се создаде и лиценцира инспектор, потребное подолго време. За да се додели службен автомобил, сепак, не треба толку време.

А додека работите не се сменат, нема да се гледа и чита стандарден албански јазик од институциите дури ни на поканите за настаните за одбележување на 114- годишнината од конгресот во Битола на кој беше стандардизирана албанската азбука.