Минатата седмица светското население ја достигна бројката од осум милијарди жители. Ако пред 70 години светската популација броеше 2,5 милијарди, за 70 години од денес – до 2092 година – ќе порасне за уште 2,5 милијарди. Причината за ваквиот раст се подобрувањата во глобалното здравје, просперитетот и стабилноста. Според експертите, достигнувањето на оваа пресвртница е причина за славење, но и повик за човештвото дека треба да најде решенија за предизвиците со кои се соочува.
Како Северна Македонија ги третира прашањата поврзани со популацијата, сексуалното здравје, планирањето семејство? За овие, но и за теми што го обременуваат целиот свет Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари, поддржана од Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и Македонското лекарско друштво утре организира панел-дискусија насловена како „Обезбедување и почитување на човековите права во светот од осум милијарди жители. Планирањето на семејството како алатка за напредок”.
Во пресрет на утрешната дебата разговаравме со професор доктор Глигор Тофоски, претседател на Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари.
360°: Со какви предизвици како земја се соочуваме во делот на универзалната здравствена заштита и планирањето семејство?
Тофоски: „Идеалот на универзалната здравствена заштита е секој да има пристап до здравствените услуги кои му се потребни во кое било време, на кое било место, без финансиски трошоци. Во нашата држава дури 33,6 отсто од жените што се во брак се со незадоволени потреби за контрацепција. Владата уште во 2017 година во својата програма вети дека ќе воведе барем едно бесплатно контрацептивно средство на позитивна листа, но до денес тоа ветување не е исполнето. Од буџетот на нашата држава се издвојуваат само финансиски средства за набавка на современи контрацептивни средства (орална контрацепција, спирала и кондоми) за жените од социјално ранливите категории и жените со репетитирачки абортуси. Истовремено, покрај оралната контрацепција, спиралата и машките кондоми, во аптеките нема други модерни контрацептивни средства како што се женскиот кондом, вагиналниот прстен, контрацептивните лепенки или поткожните импланти. Имаме низок опфат со услуги за семејно планирање. Само 1,9 отсто од жените во репродуктивен период побарале совети за планирање семејство кај својот матичен/семеен доктор или матичен гинеколог. Жените во репродуктивна возраст немаат самодоверба и слобода да побараат или да поразговараат за овие услуги. Но, еден дел од вината можеби треба да си ја насочиме и кон нас, здравствените работници. Имаме празнини во знаењето, заблуди, а често дури и осудувачки и непочитувачки ставови. Можеби ни недостига и време, а и мотивација и желба за советување на пациентите за планирање семејство. Семејното планирање преку својот пакет услуги овозможува промоција на здравјето, спречување болести и полесно справување со нив. Фокусот на примарното здравство би требало да биде кон одржување на здравјето на една личност, а не само насочување кон лекување на болестите. Кога се во прашање младите, само 2,4 отсто од адолесцентите побарале совети за планирање семејство кај својот матичен/семеен доктор или матичен гинеколог. Само 5,6 проценти од студентите во Скопје користат орална контрацепција. Најголем процент од младите го користат прекинувањето на сексуалниот однос (coitus interruptus) за заштита од непланирана бременост. Стапката на адолесцентна бременост на девојките на возраст од 15 до 19 години сè уште е многу висока и опфаќа 4,2 отсто од вкупните раѓања. Годишно околу 100 млади девојки под 20 години абортираат. Сето ова ја поткрепува потребата од воведување сеопфатно сексуално образование. Денес младите се подложни на влијанието од социјалните мрежи и интернетот. Интернетот е прво место каде што пребаруваат информации за достапни контрацептивни методи, непланирана бременост, абортус итн. Но, интернетот не е секогаш место каде што се добиваат соодветни информации адаптирани на нивната возраст. Би било многу корисно кога би постоела веб-страница поддржана од Владата која би била извор на точни, лесно разбирливи, неосудувачки и практични информации за цените и достапноста на контрацептивните методи.“
360°: Кои услуги за планирање семејство се достапни во земјава и што треба да се земе предвид при носењето политики и дизајнирањето на националните програми?
Тофоски: „Во моментов Министерството за здравство овозможува финансиски средства за набавка на модерни контрацептивни методи преку две национални програми. Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата на Република Северна Македонија за 2022 година, во која се предвидени 100 000 денари, еднократно, за набавка на орална контрацепција, спирали и кондоми за жените од социјално ранливите категории и жените со репетитирачки абортуси, а ограничениот број набавени контрацептиви треба да бидат дистрибуирани до повеќе здравствени установи – Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, клинички болници, општи болници и Специјална болница за гинекологија и акушерство ‘Мајка Тереза’-Скопје. Втората програма е Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекцијата во која има предвидено финансиски средства за машки кондоми кои се дистрибуираат помеѓу клучните популации засегнати од ХИВ (мажи кои имаат сексуални односи со мажи, зависници и сексуалните работници). Бесплатни кондоми се достапни и во центрите за јавно здравје (советувалишта за СРЗ), но бројката на дистрибуирани кондоми на годишно ниво е многу мала. Се чини дека покрај недостигот на капацитети и финансиски средства за работа на овие советувалишта, им недостига и промоција. Дури и на веб-страницата на Центарот за јавно здравје нема информации за тоа дека овие советувалишта постојат и какви услуги нудат. Според ова, можеби треба да се запрашаме дали и кај оние што ги дизајнираат националните програми и одлучуваат за нивната имплементација владее ниската свест за репродуктивното и сексуалното здравје и негативната перцепција за контрацепцијата.“
360°: Како да се надминат долготрајните митови и погрешни перцепции за планирањето на семејството?
Тофоски: „Пред сè, треба да ги откриеме изворите на погрешни перцепции и притоа да развиеме иновативни и базирани на докази стратегии за надминување на митовите и погрешните перцепции. Погрешните перцепции за контрацептивните методи се чини дека се вообичаени низ културните и социо-економските групи и региони. Самото искуство на жените, социјалните мрежи, интернетот, здравствените работници со нивните лични предрасуди и погрешни информации може значително да влијаат врз одлуката на секоја девојка и жена за употребата на одреден контрацептив. Земајќи предвид колку бавно се менуваат погрешните перцепции, треба да се овозможат долгорочност и одржливост. Треба да се обезбеди лесен пристап по точни информации, многубројни и долготрајни јавни кампањи, едукативни материјали, едукативни работилници и панел дискусии.“