Мојот коментар е дека треба да има ветинг на сите нивоа на обвинителството, судството и политиката. Немам што да се согласувам или да не се согласувам со изјавите, но ви велам дека политиката на ДУИ беше, односно е да има ветинг на сите нивоа, почнувајќи од политичарите, па потоа продолжувајќи со судиите и обвинителите, вели првиот вицепремиер
Изјавата на Агелер доаѓа откако во јавноста се појавија серија фотографии на Абази со првенци на ДУИ и други информации за негови врски со партијата на власт. Абази, исто така, беше единствен меѓу четворицата претенденти за шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција што во трката влезе без да понуди програма и без да даде изјава за медиумите

Првиот вицепремиер Артан Груби вели дека е неопходно да се спроведе ветинг во обвинителството, судството и политиката, откако американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер рече дека САД се збунети од изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
„Внимателно ја слушав изјавата и мојот коментар е дека треба да има ветинг на сите нивоа на обвинителството, судството и политиката. Немам што да се согласувам или да не се согласувам со изјавите, но ви велам дека политиката на ДУИ беше, односно е да има ветинг на сите нивоа, почнувајќи од политичарите, па потоа продолжувајќи со судиите и обвинителите“,
рече Артан Груби пред почетокот на денешната седница на претседателството на партијата.
Шефот на дипломатијата и портпарол на ДУИ, пак, Бујар Османи, рече дека не може да ја коментира изјавата на амбасадорката Агелер затоа што обвинителството и Владата се посебни власти.

„Не можам да навлегувам во прашања на обвинителството, тоа се две посебни власти. Имаше изборен процес. Како член на Влада не можам да коментирам прашања кои се однесуваат на обвинителството. Важно е да се види дали е запазен законот кој е усвоен заедно со ЕУ“,
додаде Османи.
Изјавата на Агелер доаѓа откако во јавноста се појавија серија фотографии на Абази со првенци на ДУИ и други информации за негови врски со партијата на власт. Абази беше единствен меѓу четворицата претенденти за шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција што во трката влезе без да понуди програма и без да даде изјава за медиумите.
Пораката од амбасадорката на САД предизвика „потрес“ во општата јавност и во правосудните кругови, но засегнатиот Ислам Абази не сака да го коментира ставот на амбасадорката на САД.
Абази во телефонски разговор за Канал 5, како што пренесува телевизијата, рекол дека не сака да навлегува во такви коментари.
Американската амбасадорка Агелер вчера, во одговор на прашање на „360 степени“, изрази отворено незадоволство од исходот на неодамнешните избори за нов шеф на ОЈО ГОКК.

„Ние, во Амбасадата на САД секако дека резултатите ги сметаме за збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари на обука на обвинители и други во правосудниот систем. Граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор во кој позициите се пополнуваат по заслуга и квалитет (по мерит), низ транспарентни процеси, без разлика дали се во обвинителство, судство или која било друга јавна институција. Политичкото мешање нема место во овие постапки. Оние што би се вмешале преку вршење притисок, закани или коруптивни зделки од позадина треба да бидат повикани на одговорност од граѓаните“,
порача амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.
Реакциите од меѓународната заедница за изборот на Абази беа една од темите во синоќешното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.