Американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер, на прашање на „360 степени“ за начинот и епилогот од изборот на шеф на ОЈО за ГОКК, изјави дека резултатите „се збунувачки“, особено откако „во изминативе години потрошивме милиони долари на обука на обвинители“. Агелер продолжи со критиката велејќи дека „граѓаните на Северна Македонија заслужуваат независен правосуден сектор“ и дека „политичкото мешање нема место во овие постапки“
На речиси идентични прашања за изборот на прв човек на ОЈО за ГОКК, од Амбасадата на Кралството Холандија рекоа дека работата на ова обвинителство ќе им биде „под лупа“. Во тој контекс, во одговорот е споменат фактот дека Холандија се согласи со почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ дури откако беше донесен законот со кој редовното обвинителство ги презеде предметите што не успеа да ги заврши СЈО
Ниту ЕУ не го оцени позитивно изборот на Абази, притоа потестувајќи дека борбата против организираниот криминал и корупцијата е клучна обврска на патот кон Брисел
За меѓународната заедница е проблематичен изборот на Ислам Абази за нов шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал, согласни се соговорниците во вечерашното издание на емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Според новинарот на БИРН, Васко Маглешов, американската амбасада од 2015 година досега немала ваков остар и директен став како сега за изборот на Ислам Абази.
„Не се сеќавам од 2015 г. до денеска амбасадата да имала ваков остар директен став. Ако го споредите овој денешен став на амбасадата со ставот, на пример, по повикот на обвинителката Вилма Русковска за истрагата во Финансиската полиција, ќе ја видите разликата во вордингот. Од една страна, во тој став се велеше дека амбасадата остава на институциите да го решат случајот итн., а сега имаме многу остар и директен тон. Така што, мене, искрено, би ме замислила ваквата изјава да сум шеф на обвинителството за организиран криминал“,
рече Маглешов, новинар во БИРН.
„Не е никава тајна дека сите стратешки партнери на Македонија, вклучително и САД, ЕУ и земјите од ЕУ истакнаа дека владеењето на правото и борбата со корупцијата се клучни приоритети и меѓу главните услови што оваа земја треба да ги исполни за да продолжи кон евроинтеграцискиот пат. Оттаму, не ме изненадуваат вакви реакции од меѓународната заедница, особено затоа што, како што беше потенцирано и во самата изјава, меѓународната заедница многу инвестираше во капацитетите на правосудството и оттаму очекуваат видливи резултати“,
порача Аврамовски, директор на Коалицијата „Сите за правично судење“.
Терминот „збунувачки“ кој го користи американската амбасадорка за изборот на Абази, според Јошевска-Анастасовска, всушност, значи „проблематичен“ бидејќи, како што вели таа, се критикува не само процесот, туку и самиот избор на обвинителот.
„Втората порака е околу поткопувањето на нивните досегашни напори. Тие не сакаат да видат дека целокупните напори што ги вложуваат многу години наназад и многуте финансиски средства, на некаков начин, нема да стигнат до посакуваните резултати, какви што државата треба да испорача. Особено ме загрижува вордингот „граѓаните заслужуваат“, што според „аргументум а контрарио“ би било дека добиле нешто што не заслужиле. Практично, на крајот, ги охрабруваат граѓаните да го држат за одговорност овој избор и да бидат будни доколку се случи нешто за кое се сомневаме, така што секој треба да биде одговорен за своите постапки“,
вели адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска.
Во однос на прашањето – дали е предалечно да се очекува дека Ислам Абази би можел да се повлече ако притисокот – и домашен и меѓународен – продолжи, Маглешов одговара:
„Го знаеме општествено-политичкиот контекст во кој живееме и, за жал, дури и во правосудството кај нас секое чудо е за три дена. Загрижува фактот што првите прашања од новинарите за новиот шеф на обвинителството за гонење организиран криминал, беа во основа политички. Не беа за неговата работа или барем многу малку беа за тоа, а многу повеќе за неговите политички врски, со кого се фотографирал и што правел. Не би ја потценил ни изјавата на холандската амбасада, што е здраво, за да видиме како понатаму ќе се одвива работата во ова најмоќно обвинителство“,
додава Маглешов.
Аврамовски ја повтори оценката на Блупринт групата, во која членува и неговата Коалиција „Сите за правично судење“, дека изборот на Абази е нетранспарентен, а вината за пропустите и начинот на организирање на изборите ја лоцира во Советот на јавни обвинители.
„Професионалните биографии на кандидатите не беа јавно достапни, ниту нивните програми за работа. Беше истакнато дека Абази е единствениот кандидат што не доставил програма до Советот и врз основа на тоа се постави прашањето како обвинителите гласаат и како избираат кој од нивните колеги е најсоодветен да ја врши оваа функција?
360°: Абази имаше изјава дека телефонски им се јавувал на колегите и ја објаснувал својата визија за шеф на обвинителството.
Да речеме дека е така, но тоа не делува дека е сериозен и систематичен пристап на кој би требало да се десеминираат информации меѓу обвинителите. Тука голема одговорсност носи Советот. Советот е должен да ги организира ваквите избори исто како што ги организира изборите за член на Советот“,
порачува Аврамовски.