Целта на Владата, како што истакна, е да обезбеди одржлива иднина на РЕК Битола и трансформација на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија, притоа потенцирајќи дека работните места на сите работници во РЕК Битола „сега и во иднина се сигурни“
Обраќајќи се до опозицијата, Ковачевски рече дека оваа криза ни предочи дека Европа не е само нашата иднина, таа е и нашата сигурносна мрежа, партнер и клучна алка во справувањето со кризата и дека сите оние кои мислат дека Европа е само една од опциите „треба да се разбудат од носталгичните соништа кои ги сонуваат“
Рударско-енергетскиот комбинат (РЕК) Битола е енергетски капацитет од кој зависеше осамостојувањето на државата, истакна премиерот, Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на јубилејните 40 години од отворањето на комбинатот во 1982 година.
Тој упати честтички до сите вработени и до раководството на РЕК Битола за подготвеноста да го издржат товарот на најголемата светска енергетска криза.
„РЕК Битола беше и сè уште е срцето на македонската енергетика. Беше и сè уште е столбот на македонската економија. И денес во услови на најголемата светска енергетска криза, РЕК Битола е доминантен производител на електрична енергија во земјава. Во моментов, со наша заедничка заложба, АД ЕСМ, а во најголем дел РЕК Битола, успешно и континуирано обезбедува 100 отсто од потребната електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи во државата во кои се вработени најголемиот дел од нашите работници. За да може да ги обезбеди потребните количини на електрична енергија, РЕК Битола годинава го зголеми проектираното производство, за 25 отсто во однос на минатата година покажувајќи уште еднаш колку е вредно домашното производство на енергија, но и колку е значајна посветената работа на сите вработени. Без нивната експертиза, без нивното знаење, без нивната посветеност и без нивната напорна работа ништо од ова немаше да е можно. И тоа е така веќе 40 години“,
истакна Ковачевски.
Тој ги посочи мерките што ги донесе Владата минатата недела за обезбедување на поевтина струја за компаниите, училиштата и водоснабдителните компании и нагласи дека за ова клучен е РЕК Битола, вработените во него и воопшто Битола. Премиерот упати честитки и за почетокот на изградбата на топловодот од РЕК Битола до Битола, како и отворањето на новиот рудник Живојно кој ќе биде трет во рамките на комбинатот.
Целта на Владата, како што истакна, е да обезбеди одржлива иднина на РЕК Битола и трансформација на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија, притоа потенцирајќи дека работните места на сите работници во РЕК Битола „сега и во иднина се сигурни“.
„Сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати. Немојте да ги слушате оние кои зборуваат дека некој ќе го затворел РЕК Битола, дека работниците ќе останеле без работа. Ниту еден работник нема да остане без работа туку напротив РЕК Битола ќе се модернизира, РЕК Битола во иднина треба да работи на еколошки горива, треба да има нови извори на енергија и не да ги вработува само постојните туку и нови струки на инженери кои доаѓаат за обновливи и одржливи извори на енергија“,
посочи Ковачевски.
Тој рече дека донесената нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година е целосно базирана на Европскиот Зелен Договор и веќе се имплементира кај нас.
„Преку концептот на Стратешки инвестиции, разговараме и се преговара за над еден гигават, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани големи европски компании. Го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија, кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните. Се реализираат сериозни енергетски инвестициски проекти во целата држава. За најзначајниот проект „Чебрен“, историски проект којшто за прв пат има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери. Доколку се биде според она што е пропишано во документацијата и барањата конечно ќе имаме инвеститор кој ќе може да ја започне изградбата на овој огромен проект“,
рече премиерот.
Тој ги критикуваше претходните влади (на ВМРО-ДПМНЕ, под раководство на Никола Груевски н.з.) кои како што рече долги 11 години инвестираа во статуи, кои не ни донесоа апсолутно ништо.
„Ние инвестираме во индустријата на иднината која ќе произведе илјадници нови, добро платени работни места за граѓаните. Ќе ја искористиме глобалната енергетска криза за да ја претвориме нашата земја во центар на зелена енергија што ќе го снабдува и земјата и регионот, но и пошироко. Имаме тешка зима пред нас, но нашата влада се обврза дека никој нема да биде оставен сам да се справува со кризата и никој нема да треба да избира помеѓу греење и храна. Како што ја надминавме короната, ќе ја надминеме и енергетската криза. Како што презедовме успешни мерки на почетокот на 2020 година, сега ја спроведуваме истата стратегија за да им помогнеме на луѓето и бизнисите и да се осигураме дека сите заедно ќе ја пребродиме кризата“,
порача премиерот во своето обраќање додавајќи дека нашата способност да ја надминеме кризата е зајакната со нашите односи со соседите – НАТО, ЕУ, земјите од Отворен Балкан.
Обраќајќи се до опозицијата, Ковачевски рече дека оваа криза ни предочи дека Европа не е само нашата иднина, таа е и нашата сигурносна мрежа, партнер и клучна алка во справувањето со кризата и дека сите оние кои мислат дека Европа е само една од опциите „треба да се разбудат од носталгичните соништа кои ги сонуваат“.