Во пораката до вработените се наведува дека денеска им е последен работен ден во компанијата, но оти ќе останат вработени и ќе добијат надомест до 2 февруари 2023 година. До тој ден ќе бидат под отказен рок и со суспендиран пристап до сите системи на Твитер
Илон Маск почна масовно да отпушта вработени во Твитер со испраќање мејлови до вработените.
Твитер во е-пошта до вработените соопшти дека неговите канцеларии ќе бидат привремено затворени и сите пристапи ќе бидат суспендирани за да се обезбеди безбедност на секој вработен, како и системот на Твитер и корисничките податоци.
Би-би-си пишува дека околу половина од вработените на Твитер, односно околу 3 750 луѓе се отпуштени.
Вработените во Твитер најавуваат тужби против компанијата откако Маск, преку електронска пошта ги известил дека ќе се соочат со отпуштања.
Во интерен документ што им е даден на сите отпуштени, се вели дека заедно со нив без работа ќе останат и околу 50 отсто од нивните колеги.
Во пораката до вработените се наведува дека денеска им е последен работен ден во компанијата, но оти ќе останат вработени и ќе добијат надомест до 2 февруари 2023 година. До тој ден ќе бидат под отказен рок и со суспендиран пристап до сите системи на Твитер. Иако од нив не се очекува да работат во овој период, тие мора да ги почитуваат сите правила на компанијата.
Поранешните вработени ќе добијат детали за понудата за отпремнина во рок од една недела, се вели во мејлот и се додава дека секој вработен ќе добие порака дали е отпуштен или останува да работи.
Би-би-си додава дека Твитер се уште ништо не потврдил.
Илон Маск денеска беше на конференција за инвеститори во Менхетен. Таму, пренесува Би-Би-Си, тој вели дека платил премногу за Твитер и дека сакал да излезе од тој бизнис.