Кога сме кај мерките и на кој начин ќе се осмислат, навреме ќе ја информираме Регулаторната комисија за енергетика, пред да ја формира цената за електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи за периодот од 1 јануари до крајот на јуни следната година, рече министерот за економија во гостувањето во „360 степени“
Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека има простор да се размисли уште еднаш дали ДДВ-то за струјата за домаќинставата треба да се зголеми од 5 % на 10 % од Нова година, но смета дека нема потреба за такво нешто.

„Секако дека има простор, но верувам дека нема потреба да правиме дополнителни анализи, имајќи предвид дека веќе ги осмислуваме и другите мерки за да им излеземе во пресрет на граѓаните, особено на оние што имаат најмногу потреба. Кога сме кај мерките и на кој начин ќе се осмислат, навреме ќе ја информираме Регулаторната комисија за енергетика, пред да ја формира цената за електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи за периодот од 1 јануари до крајот на јуни следната година“,
рече Бектеши во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.
Бектеши, кој до скоро велеше дека ако се остварат плановите за производство на струја од Електрани на Северна Македонија, ќе нема зголемување на цената за домаќинставата од 1 јануари 2023 година, сега зборува за минимално поскапување.
„Ако се исполни планот за производство од страна на ЕСМ до крајот на оваа година, не очекувам да има големо зголемување на цената на електричната енергија од 1 јануари следната година“,
рече тој.
Министерот за економија вели дека со сувенциите од Владата и неповратната помош од 80 милиони евра од Европската Унија очекува намалување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар за малите и микро-компаниите.