Покрај измените на овие два закона, пратениците вчера ги изгласаа и измените на Законот за извршување на санкции, кои, како што посочува министерот Тупанчески, овозможуваат да се постигне „еднаквост во најниските примања на затворската полиција преку воспоставување ист износ на минимална плата“
Министерот за правда Никола Тупанчески во објава на својот службен фејсбук-профил го поздрави донесувањето на измените Законот за судска и на Законот за јавно обвинителска служба со кои на вработените во овие сектори им се зголемува платата за 15 отсто.
Покрај измените на овие два закона, пратениците вчера ги изгласаа и измените на Законот за извршување санкции, кои, како што посочува министерот Тупанчески, овозможуваат да се постигне „еднаквост во најниските примања на затворската полиција преку воспоставување на ист износ на минимална плата“.
„Со Законот за изменување на Законот за судска служба се постигнува еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, преку воспоставување ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел“,
напиша министерот за правда на Фејсбук посочувајќи дека измените на Законот за јавнообвинителска служба се со идентична цел.
Измените на трите закони, на дневен ред на 82. седница на Собранието и беа изгласани со големо мнозинство од 92 односно 94 пратеници кои гласаа „за“, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“.
Како што се наведува во образложенијата на измените на законите за судска и за јавнообвинителска служба станува збор за усогласување на мининалната плата на вработените во овие сектори со измените на Законот за минимална плата кои стапија на сила лани во март и со кои минималната плата од 15 200 се покачи на 18 000 денари.
„Основната цел на предлогот на законот е постигнување на еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор, судската служба како негов дел, со најниските примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на судските службеници од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во судската администрација во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел. Истовремено, во рамките на усогласувањето на Законот за судска служба со Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, се врши и зголемување на платите на вработените во судската служба за 15 отсто“,
се наведува во образложението на измените на законите за судска и јавнообвинителска служба.