Главниот предизвик е да се соочиме со ефектите од глобалната криза и инфлацијата, потоа да се одржи економскиот раст и редовно да се извршат сите економски обврски на државата, рече денеска министерот за финансии потенцирајќи дека ова трет буџет што се прави во услови на криза
Од 700 милиони евра дефицит, министерот тврди дека 250 милиони се за справување со последиците од енергетската криза кои зависно од потребите ќе се користат за поддршка на стопанството и граѓаните, 220 милиони се за отплата на камати и 250 милиони за изградба на Коридорот 8
Владата го спакува предлог-буџетот за 2023 година и наредниот период тој треба да се најде на разгледување пред пратениците. Вкупните приходи во него се планирани на ниво од 282 милијарди денари (околу 4,6 милијарди евра), а расходите се проектирани на 324,8 милијарди денари (5,3 милијарди евра). Со вакви приходи и расходи, дефицитот е проценет на 42,75 милијарди денари (700 милиони евра).
Предвидениот економски раст за идната година, пак, се очекува да биде 2,9 проценти, а во однос на инфлација проекциите се оти таа ќе биде 7,1 отсто.
Ваквите податоци денеска ги презентираше министерот за финансии Фатмир Бесими откако претпладне предлог-буџетот доби „зелено светло“ на владина седница.
Ова е трета година по ред, рече Бесими, да правиме буџет во услови на криза.
„Главниот предизвик е да се соочиме со ефектите од глобалната криза и инфлацијата, потоа да се одржи економскиот раст и да се извршат сите економски обврски на државата редовно и без исклучок. Притоа да се поддржат реформите и нашите евроинтеграциски процеси“,
рече министерот.
Меѓу стратегиските фискални цели со овој предлог-буџет, наведе министерот, се фискалната консолидација, раст на инвестициите, фискална децентрализација, транспарентност…
Домашни и странски задолжувања поради дефицитот и државниот долг
Во однос на тоа како ќе се обезбедат пари за проектираниот дефицит од 700 милиони евра и ќе се врши отплатата на долгот, тој кажа дека тоа ќе се прави преку домашни и странски задолжувања.
Од 700 милиони евра дефицит, министерот тврди дека 250 милиони се за справување со последиците од енергетската криза кои зависно од потребите ќе се користат за поддршка на стопанството и граѓаните, 220 милиони се за отплата на камати и 250 милиони за изградба на Коридорот 8.
„Годинава, имаме три големи ставки. Ако не ги гледаме нив, трошиме помалку отколку што собираме од даноци. За плаќањето на камати за претходни долгови немаме избор и мораме да ги исплатиме, енергетската криза не е нешто што можеме ние да го контролираме и за тоа мораме да одвоиме средства, а капиталната стратегиска инвестиција на Коридорот 8 значи раст за нашата држава“,
рече Бесими.
На прес-конференцијата министерот посочи и оти и овој предлог-буџет се заснова на златното правило во економијата – капиталните расходи да бидат повисоки од буџетскиот дефицит.
Капиталните расходи, презентираше тој, се планирани на ниво од околу 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 проценти повисоки во однос на планот за 2022 година, при што за финансирање на инвестициите планирано е да се обезбедуваат средства од повеќе извори – буџетски средства, ИПА-фондови и заеми. Тие се наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.
Тековните расходи, пак, се планирани во износ од 275,9 милијарди денари и се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални надоместоци, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности, како и поддршка на енергетскиот сектор.