Би било интересно доколку опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ја фрли ракавицата и каже дека се спремни да ги изгласаат уставните измени во однос на Бугарите, меѓутоа не се спремни да се избрише формулацијата 20%, па да видиме кој навистина ја кочи европерспективата на државата согласно постоечките услови, вели политикологот Иво Ранѓеловиќ
Неуспехот на Алијанса за Албанците на неодамнешните избори за Советот на Општина Тетово е една од можните причини зошто в.д. претседателот на партијата, Арбен Таравари, токму сега го реактуелизира барањето за замена во Уставот на формулцијата за „јазик што го говорат најмалку 20% од граѓаните“ со албански јазик, смета Александар Кржаловски, директор на невладината МЦМС. Во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, со сличен став беше и политикологот Иво Ранѓеловиќ, кој изрази надеж дека албанскиот политички корпус нема да го стави во заложништво барањето за внесување на Бугарите во Уставот.
Алијанса за Албанците, на гласањето за нови членови на Советот на Општина Тетово што се одржа на 20 август годинава, не освои ниедно советничко место по што лидерот Зијадин Села поднесе оставка. В.д. претседателот Таравари неодамна рече дека партијата подготвува пакет уставни измени, кој ќе вклучи тргање на формулацијата за 20% за јазикот и кој ќе биде тешко да се одбие. Таравари рече дека прифаќањето на нивното барање е услов за осумтемина пратеници на Алијанса да гласаат за внесување на Бугарите во Уставот.
Политикологот Ранѓеловиќ, кој е магистер по компаративна политика и демократија, смета дека потенцијалното бришење на тие 20% има поширока конотација од барање на само една партија, бидејќи дури и да се случи тоа, нема да оди на контото на Алијанса туку општо на албанскиот политички камп.
„Би било интересно доколку опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) ја фрли ракавицата и каже дека се спремни да ги изгласаат уставните измени во однос на Бугарите, меѓутоа не се спремни да се избрише формулацијата 20%, па да видиме кој навистина ја кочи европерспективата на државата согласно постоечките услови. Тоа би било една хипотеза, но навистина е интересна. Јас, искрено, се надевам дека албанскиот политички корпус нема да го наметне формално ова нивно барање без да има предвид дали ова е погодниот момент и дали е ова суштински значајно затоа што навистина го интересира и му значи на албанскиот гласач во Македонија“,
вели Ранѓеловиќ.
За универзитеткиот професор и поранешен вицепремиер Васко Наумовски, барањето на Алијанса за Албанците Според Наумовски се непринципиелно.
„Таа одредба е плод на Рамковниот договор и токму албанската заедница е таа што е 20% во оваа држава, меѓутоа ние сме навикнати дека при секое отворање на Уставот имаме определени условувања од различни политички партии – дали се тоа партиите на Албанците или други партии. Знаејќи дека треба да имаме двотретинско мнозинство, јас нема да бидам изненаден дека доколку и други партии изнесат свои услови за поддршка на овој пакет. Истовремено, чудно би било доколку, на пример, сите политички партии на Албанците во Македонија го поддржат тој пат, а опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) биде изолирана и се стави во ситуација да биде обвинета од власта дека токму поради тоа што недостасува поддршката на опозицијата се отвора патот за вакви условувања“,
вели Наумовски.
Дополнително, вели дека моментот во кој доаѓа ова барање е, најверојатното, поврзано и со преземање на функцијата претседател на партијата од страна на Таравари што, според него, секогаш оди со обиди за нова епизода прибегување кон националистички барања.
„Сметам дека вистинските проблеми на граѓаните Албанци, како и на останатите, не се поврзани многу со националистичките барања туку со животниот стандард, економија, работни места и Албанците, како и Македонците, се повеќе се иселуваат и ми се чини дека Алијанса, колку и да се труди, не може да се претстави како понационалистичка партија од ДУИ. Тоа е однапред изгубена битка доколку се обидат да се натпреваруваат со ДУИ која партија ќе биде понационалистичка“,
кажа Наумовски.
Директорот на МЦМС, Кржаловски, смета дека барањето на Таравари е контрапродуктивно, бидејќи го оптоварува и онака тешкото барање на мнозинството за прашањето за внесување на Бугарите и евентуално други малцинства, бидејќи примарната битка е да се обезбеди мнозинство за ова прашање.
„Од аспект на достоинство, може да се разбере барањето за именување на албанскиот јазик, но според мене не е аргументацијата дека сега е вистинскиот момент, иако и тоа е разбирливо, бидејќи Устав не се менува секој ден. Сите гледаат кога има прашања од таков обем, тогаш да се спакуваат сите такви барања, така што тоа има логика. Ама, од друга страна, е контрапродуктивно, бидејќи го оптоварува и вака тешкото барање на мнозинството за клучното прашање за внесување на Бугарите и евентуално други малцинства, бидејќи за тоа е примарно сега да се обезбеди доволно мнозинство. Секое оптоварување ќе ја наруши таа борба, бидејќи, можеби, некој би гласал за тоа ама не би гласал за другото од која и да е причина“,
рече Кржаловски.