„Мерцедес-Бенц“ е последната голема компанија која реши да ја напушти Русија.
Големиот производител на автомобили денеска објави дека ќе се повлече од рускиот пазар и ќе продаде акции во своите индустриски и финансиски подружници на локален инвеститор.
Министерството за индустрија и трговија на Русија соопшти дека германската компанија „Мерцедес-Бенц“ го префрлила целиот свој имот во Русија на руската компанија „Автодом“.
Според податоците на Европската бизнис-асоцијација (АЕБ) со седиште во Русија, продажбата на автомобили „Мерцедес“ во таа земја во септември е намалена за 72,8 отсто во однос на истиот период лани.
„Мерцедес“ е трет голем производител на автомобили кој реши да ја напушти Русија откако таа земја влезе во војна со Украина. Пред „Мерцедес“ истото го направија јапонски „Нисан“ и француски „Рено“.