„Ова е вистинскиот одговор на Владата и ЕСМ што треба да го направат во кризни периоди. Рековме дека со заеднички сили ќе го пребродиме овој период и ова е доказ како се преземаат сите мерки за да обезбедиме елекрична енергија“, изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи алудирајќи на информацијата дека вчера биле целосно задоволени потребите на домаќинствата за електрична енергија
Владата соопшти дека производството на ЕСМ 100 проценти ги задоволило потребите за електрична енергија на регулираниот пазар на кој се домаќинствата, малите корисници од стопанството и училиштата.
„АД ЕСМ на 22.10.2022 година произведе 12 040 MWh електрична енергија со што целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети“,
се вели во соопштението на Владата.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски денеска беа во посета на РЕК Битола. Оттаму Битиќи порача дека не е вистина дека државата не е подготвена да одговори на потребите на регулираниот пазар на електрична енергија.

Фото: принтскрин од видео на Влада на РСМ
„Ова е вистинскиот одговор на Владата и ЕСМ што треба да го направат во кризни периоди. Рековме дека со заеднички сили ќе го пребродиме овој период и ова е доказ како се преземаат сите мерки за да обезбедиме елекрична енергија. Продолжуваме со сите апели за заштеда на електрична енергија, со апелите дека наредниот период ќе биде кризен и тежок и време за опуштање нема да има“,
рече Битиќи.
Ковачевски и Битиќи ги посетиле производствените единици. Ковачевски рече дека очекува во следните десеттина дена да биде ставен во функција и блокот 3 со што ќе може да работат сите три блока на РЕК Битола.

„Во рудникот Суводол при увидот во работата се констатира дека има значителен ископ на домашен јаглен, следствено на тоа и зголемено производство на домашна енергија односно од капацитетите во РЕК Битола“,
вели Ковачевски.
Битиќи и Ковачевски заклучија дека сите преземени мерки и вложувања кои се направени во последниот период во дополнителна механизација, транспортни системи, како и ремонтите во термоелектраните денеска даваат резултат со зголемено производство.