Автобусите ги паркира тимот на Арсовска во знак на протест за парите кои, како што тврдат, ги должи централната власт кон ЈСП. Возачите и другите вработени, кои не го поддржаа овој протест, револтот од доцнењето на платата вчера го искажаа со тоа што не сакаа да возат и Скопје првпат во историјата остана без градски превоз

Автобусите со кои Градот Скопје го блокираше булеварот пред владината зграда повеќе не се паркирани таму. Булеварот во моментов е слободен за сообраќај, што значи дека во центарот на градот нема да има дополнителен сообраќаен хаос во попладневниот шпиц, како што беше случај денеска наутро.

Автобуси беа паркирани пред Владата во средата во рамки на протестот што еден ден претходно го најави секретарот на Градот, Зоран Глигоров, и градоначалничката Данела Арсовска кои ја обвинуваат централната власт односно Министерството за образование и наука (МОН) дека има долг кон ЈСП во врска со бесплатниот превоз за учениците.
Булеварот изгледаше како паркинг за автобуси и во текот на вчерашниот ден, додека поголемиот дел од автобусите возеа на редовните градски и приградски линии.
Овој протест не беше поддржан од синдикалните организации во ЈСП, кои бараа од градските власти да им биде исплатена септемвриската плата. Возачите и другите вработени револтот од доцнењето на платата вчера го искажаа со тоа што не сакаа да возат и Скопје за првпат во историјата остана без градски превоз.
„Автобусите после одлуката на Советот на град Скопје се вратија веднаш на градските и приградските линии и договорено е како ќе тече понатаму финансиската инјекција кон ЈСП. Во меѓувреме, кога излегуваа автобусите на ЈСП на линиите излегоа и автобусите за пред Влада и еве ги сè уште се таму. Значи, како што напоменав, тие автобуси се еден притисок на градот Скопје и ЈСП кон Владата на Република Македонија за оној наводен долг што нема да го коментираме дали постои или не“,
објасни синоќа Миќо Стојановски од Синдикатот на работниците од сообраќај и врски при ЈСП во гостувањето на ТВ 24.
Откако на седница на Советот на Градот беше изгласана одлука да се пренаменат пари од други ставки во градскиот буџет за плати во ЈСП, околу 13 часот возачите ги вратија автобусите на редовните линии.