Надзорот и натаму е најслабата точка во реформата на безбедносно-разузнавачката заедница во С Македонија. Ова може да се заклучи од дискусијата на конференцијата организирана од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДЦАФ. На конференцијата се дебатираше за резултатите, предизвиците и идните приоритети
Најповиканите во сферата на безбедноста и разузнавањето во државава, на конференција во Скопје, разговараа за достигнувањата, предизвиците и идните приоритети во реформите во оваа област. Ги собра Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДЦАФ, кој ја спроведува втората петгодишна програма за реформи во Северна Македонија.
„Некои реформи се ефективно спроведени додека други остануваат неспроведени, претставувајќи демократски дефицит“,
рече Марк Ремилар – главен програмски менаџер, ДЦАФ.

Реформата почна по скандалот со масовното прислушување и извештајот на Раинхард Прибе. Тоа беше во 2015 г., а денес сме 2022 г.
Се прислушува нелегално во Македонија во овој момент?
„Се прислушува легално. За нелегално немам информации дека такво нешто се случува. Да, има теории на заговор дека тоа е можно, не само од аспект на тоа дека може да се случи внатре во државата, може и од надвор да се организира. Ние никако да излеземе од таа матрица на размислување дека речиси сите во државава се убедени дека се прислушувале.“
360°: А да ве прашам, вие можете да пресретнете комуникација на вибер или вацап?
„ОТА има законска должност согласно член 61 од Законот за следење на комуникации да овозможи секаков вид следење комуникации. Да овозможи.“
360°: Тоа е легалната страна. А во практична смисла?
„Па ваљда… Се надевам не очекуваш да ти одговорам“,
вели Зоран Ангеловски – директор на Оперативно техничка агенција ОТА.

Дека комуникациите се сладат само во рамки на законите, Ангеловски сака да биде и официјално потврдено преку надзор кој сè уште не се спроведува, барем не квалитетно.
„Ќе ми истече мандатот, доаѓаме во ситуација дека ќе не можам да докажам пред јавноста, не јас, заедно со Комисијата, дека сè е во ред“,
додава тој.
Надзор треба да врши Собранието преку соодветните комисии, како и преку посебно тело – Совет за граѓански надзор.
„Ако сакате да имате успешно спроведена реформа и реално подобрување на состојбите, тогаш мора да го затворите целиот круг. Недостасува еден клучен елемент, а тоа профункционирање на Советот за граѓански надзор кој не беше замислен само како Совет во кој ќе бидат претставници од граѓанските организации, туку којшто реално има во законот овластување и можности да ја следи работата и на Комисијата, а се разбира и на другите органи што се вклучени во овој процес. Она што исто така недостасува од аспект на собранискиот надзор е ангажирањето на експертите кои дополнително на пратениците треба да им обезбедат поголемо знаење или вклученост во спроведувањето на надзорот“,
смета Славјанка Петровска – министерка за одбрана.

Техничките експерти се потребни зашто пратениците не знаат и не можат сами да го проверат системот, а Советот за граѓански надзор стигна до избор на членови – и толку.
„Сторивме многу големи работи во насока на желбата да профункционира тој Совет, меѓутоа за жал морам да кажам дека наидовме на голем отпор и на крајот единствено решение беше да си поднесеме оставка сè со цел да ја натераме државата да размисли за нешто кое со најголема желба беше презентирано, а во пракса тоа не функционираше“,
вели Маргарита Цаца Николовска – поранешна претседателка на Советот за граѓански надзор.
Советот не профункционира зашто претседателот на Собранието смета дека без законски допрецизирања не може да му се префрлат пари, а без тоа, пак, нема услови за работа. Ова прашање мнозинството и опозицијата не можат да го решат до денес.

„Пратениците во Република Македонија, држава од 1 860 000, луѓе која им плаќа на 145 илјади администрација и пратениците им ја гласаат таа сума на администрацијата, разговараат дали пет, 10 или 15 луѓе ќе имаат надомест за тоа што го работат или нема да имаат надомест, а преку нивниот надомест што е минорен, незначителен, микронски, државата ќе има еден бенчмарк помалку и оди чекор напред,“
вели Љупчо Пренџов – претседател на Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
„Владејачкото мнозинство апсолутно поддржуваме промена на тој член во конкретниот случај и веднаш ќе биде надминат проблемот. Зошто? Затоа што во конкретниот случај не е регулирано каков е статусот – дали ќе бидат професионално ангажирани или ќе бидат хонорарци. Еве повик од наша страна конкретниот член веднаш да го промениме“,
рече Миле Талевски – претседател на Комисија за одбрана и безбедност.
Но, опозицијата не прифаќа интервенција само во членот за надзорот.
„Тоа е најмалиот дел од проблемот и најлесно решливиот дел од проблемот. Ние имаме системски проблем во однос на целосната реформа бидејќи реформата што е направена прво не е завршена, второ не се базира на мерит мерки и на вредносни мерки, на работи што се направени врз основа на преземени искуства од успешните држави. Ние имаме направено реформа – шминка. Значи, формирано е ново тело, едно тело е преименувано во друго тело и сè друго е застанато тука“,
смета Игор Јанушев – претседател на Комисија за надзор на спроведувањето на мерките за следење на комуникациите.

Универзитетската професорка Фросина Ременски, која беше пратеничка кога се носеа реформските закони, потсети дека тие беа усогласени со опозицијата и изгласани со двотретинско мнозинство.
„Ние три години по реформата сè уште зборуваме дека сме имале недоследни законски решенија, недоволна дебата околу тоа, а забораваме дека сите политички партии со консензус ги донесоа сите измени и дополни и нови закони што произлегоа токму од таа реформа во безбедносно-разузнавачката заедница“,
вели Фросина Ташевска Ременски – универзитетска професорка и поранешна пратеничка.

Дел од граѓанските организации се за посуштински промени во делот на надзорот на среден рок.
„Сега може да се направат некои ситни измени и да се направи, би рекол јас, би ставиле фластер на проблемот, меѓутоа мора да влезе во националните долгогодишни стратегии дека треба да се размислува и во правец на основање едно независно тело со свој секретаријат, со своја професионална служба“,
смета Димитар Николовски – „Евротинк“.
Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека се направени сериозни исчекори напред, но и дека останува уште многу работа за Владата, парламентот, политичките партии и останатите власти, не само во името на преговарачкиот процес со Европската Унија, туку првенствено за доброто на граѓаните.

„Ние очекуваме постоечкиот Закон за следење на комуникациите да се приспособи за надзорот од парламентот да функционира подобро, а Советот за граѓански надзор да биде целосно функционален. Изградбата на „глувата соба“ во парламентот доцни и треба да се заврши без одлагања. Од перспектива на Европската Унија нашето финансирање не може да биде корисно се додека ова не биде импелентирано“,
рече Дејвид Гир – амбасадор на ЕУ во С Македонија.
Оние, пак, што треба да бидат контролирани велат дека се целосно отворени за надзор без оглед на проблемите во функционирањето на собраниските комисии.

„Сакам да нагласам дека во овој тригодишен период сме имале 15 средби со двете Комисии што е повеќе од сите средби на директорско ниво со двете Комисии од сите претходни мандати на сите претходни директори“,
рече Виктор Димовски – директор на Агенција за национална безбедност.
„Од оперативно-тактички аспект да, дефинитивно координацијата е многу подобрена, да не кажам на дневна основа, меѓутоа имаме средби секогаш кога ќе се наметне потребата, кога се определуваат приоритети. Во изминатиот тригодишен период ние изведовме неколку заеднички операции, контратерористички операции. Последната операција беше, ако се сеќавате, протерувањето на руските дипломати“,
вели Еролд Муслиу – директор на Агенција за разузнавање.
Иако, според власта, реформата во својата основа е успешна, Агенцијата за национална безбедност АНБ, една од двете институции што произлегоа со расформирањето на УБК, и натаму работи во кругот на Министерството за внатрешни работи.

„Ако мене ме прашате, посакувам и физички да ја одделиме АНБ од Министерството за внатрешни работи, не само легислативно, иако легислативното е најважно во делот на функционирањето, меѓутоа важно е и да имате перцепција во делот на поделбата. На тоа работиме заедно со директорот и со службите, меѓутоа сметам дека големата проактивност треба да биде во делот на надзорот, пред сè граѓанскиот надзор“,
рече Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи.
Со проактивност во делот на заштитата на националната безбедност се пофалија од јавното обвинителство.
„Во 2021 година биле поднесени 39 барања за примена на мерките за следење комуникации. Годинава се помалку, тоа се триесеттина и од лани една од нив продуцирала потреба од поинакво постапување односно водење кривична постапка, упатување до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција кое е надлежно за постапување по одредени кривични дека во сверата на заштитата на државните интереси со можност за примена на посебни истражни мерки“,
рече Спасенка Андонова – обвинителка во ОЈО Скопје.

За претседателот на Собранието, Талат Џафери најзначајно е следењето и спроведувањето на донесените законски решенија во рамки на оваа реформа. Посочи на современите предизвици и опасности со кои треба да се соочува државата.
„Безбедноста на нашите граѓани, на државата, на светот во крајна инстанца е важна – најважна! Особено во ова време на напредни технологии, софистицирани методи на разузнавање и ако сакате, современи начини на војување. Сепак, тоа во ниту еден момент не смее да биде алиби за нарушување на основните човекови права и демократското владеење и надзор“,
смета Талат Џафери – претседател на Собрание на РСМ.