За договорот да биде функционален, Ковачевски нагласи дека „Скопје Север“ ќе мора да ги испочитува сите обврски од договорот, а пред сé неговиот мнозински сопственик, АД „Топлификација“ во стечај да го потпише договорот и „Скопје Север“ да ги врати средствата кон ЕСМ кои ги доби во текот на минатата грејна сезона
Првиот човек на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски информира дека Владата наложила ЕСМ да потпише нов договор за помош кон „Скопје Север“, со кој ќе се уредат односите за претстојната грејна сезона, за граѓаните во делот на градот кој го покрива Топлана „Скопје Север“ да имаат парно греење.
Сепак, за тој договор да биде функционален, Ковачевски нагласи дека „Скопје Север“ ќе мора да ги испочитува сите обврски од договорот, а пред сé неговиот мнозински сопственик, АД „Топлификација“ во стечај да го потпише договорот и „Скопје Север“ да ги врати средствата кон ЕСМ кои ги доби во текот на минатата грејна сезона.
Ковачевски потенцира дека „Скопје Север“ и неговиот мнозински акционер „Топлификација“ воопшто не соработувале со ЕСМ изминатава година, при што ЕСМ наишле на низа препреки за заштита на државниот капитал и државните средства кои биле вложивме за гас за „Скопје Север“, како и препреки во почитувањето и спроведувањето на неопходните процедури.
„Се попречуваше пристапот на нашиот прокурист чија улога е токму да има пристап и увид во целокупното работење и таму да го претставува АД ЕСМ. Значи, нашиот прокурист никогаш не беше впишан во Централен регистар, овластеното лице никогаш не го врза потписот со потписот на прокуристот и за други исплати покрај од наменската, а имаа таква обврска и ‘Скопје Север’ не испраќаше секојдневен извештај до прокуристот за извршените плаќања во претходниот ден, што и каде платиле“,
вели директорот на ЕСМ.
Тој додава оти стечајниот управник на АД „Топлификација“ одбил да го потпише договорот, одбил да даде гаранција за средствата и не издал меница за исплатените пари од ЕСМ.
За разлика од нив, Ковачевски направи споредба со трите Друштва на БЕГ, кои како што рече, целосно соработувале со ЕСМ во изминатата грејна сезона, а прокуристите на Електрани имале целосен увид и контрола за секој исплатен денар.
„Ништо или многу малку се постигна на полето на обезбедување соработка. И до денес е така. Значи, државните пари дадени во Скопје Север висат, не се соодветно заштитени. За минатата грејна сезона, односно за половина сезона, јануари, февруари, март и април 2022, ЕСМ исплати за ‘Скопје Север’ 26 милиони денари, или 425 илјади евра за гас“,
рече Ковачевски и додаде дека за оваа грејна сезона најверојатно ќе стане збор за сума од околу 60 милиони денари, односни 1 милион евра за гас.
Иако „Скопје Север“ потпиша обврска да ги врати, средствата од минатата грејна сезона до денес не се вратени во ЕСМ, додаде Ковачевски, посочувајќи дека пред два дена е испратен допис до таму во кој се наведува обврската за враќање на средствата, но, како што вели, тие сé уште не се исплатени.
„Останува да видиме како ќе се однесуваат во периодот пред нас. Ние уште од утре ќе ги повикаме на состанок на кој ќе треба да ги регулираме и договориме обврските за минатата грејна сезона и потоа и за оваа“,
додаде првиот човек на Електрани.
Тој, сепак, ги увери потрошувачите од Општина Чаир и Општината Бутел да бидат спокојни зашто нема да се дозволи да останат без парно греење во претстојната грејан сезона.