Сте се обиделе ли некогаш да се ставите во улога на глув човек кој има потреба од лекарска помош? Како изгледа земањето анамнеза и давањето совети и терапија? Со ова се соочуваат околу 4 000 глуви луѓе во земјава
Наводно има системско поместување, барем почетно, според кое, глувите ќе добијат асистенција од толкувачи на знаковен јазик при прегледите во главниот клинички центар во државава
Загрижена и напната, Христина Божиновска-Ѓикова се движи низ главната улица во скопската населба Кисела Вода за да стигне на закажаниот лекарски преглед. Фобија од игли или од бел мантил не е тоа што ја загрижува, туку неизвесноста дали воопшто ќе се разбере со докторот. Христина е глува и користи знаковен јазик, но докторот, како и повеќето луѓе, не го разбира.
„Добар ден, повелете, влезете“, ја повика д-р Мира Атанасова по краток престој во чекалницата на нејзината ординација. Уште при влегувањето двете почнаа разговор со мимики, гестови и силно отворање на устата при зборување. „Аха, имаш главоболки“, конечно разбра д-р Атанасова.

На прашањето каде работи, Христина побара лист хартија и пенкало за да го напише одговорот откако не успеаја да се разберат мавтајќи со рацете. „Работам во ДУЦОР ‘Партенија Зографски’“, прочита докторката констатирајќи дека тоа е средното училиште за ученици со оштетен слух во Скопје.
Следуваше мерење крвен притисок, упат за лабораториски испитувања и совет како да се намали стресот, а по потреба да се земе и таблета против главоболка.
„Ќе се видиме, по анализите ќе дојдете пак. Ќе Ве чекам со резултатите. Пријатно“, ја испрати докторката, но „бледиот“ израз на лицето на Христина кажуваше повеќе од кој било збор – не разбра баш сè иако докторката навистина се обидуваше.
По прегледот ангажиравме толкувач и кратко ја интервјуиравме Христина. Според неа, тешка е комуникацијата не само со докторите туку со сите што не го знаат знаковниот јазик. Но, за неа е многу поважно точно да се разбере со доктор отколку со кого било друг.
„Сите од мојата фамилија сме глуви лица. Најтешко е кога треба да одиме во болница, комуникацијата е нејасна, а многу пациенти се во чекалницата и нас тоа нè збунува. Потребен е толкувач, заедно со него да се влезе кај докторот за да се оствари убава комуникација, детално да се разговара за да биде јасно“,
вели таа.
Д-р Атанасова, пак, забележала дека Христина добро чита од усни и ги разбира гестовите. Потенцира дека е многу важно како доктор точно и навремено да ги разбере симптомите, зашто некогаш во прашање се минути за да се постави дијагноза и да се спаси нечиј живот.
„Тешко ни е нам како лекари со такви пациенти да стапиме во контакт и правилно да земеме анамнеза. Верувајте, да имаме сега ние личност во собава што го знае толковниот јазик многу ќе ни помогне и мене и на пациентката. Побрзо ќе се оствари и прегледот и комуникацијата“,
смета д-р Атанасова.
МЛАДИНСКА ИНИЦИЈАТИВА: ДА СЕ АНГАЖИРААТ ТОЛКУВАЧИ ВО БОЛНИЦИТЕ
Во училиштето во кое работи Христина неколку години по ред функционирал Клуб за демократско учество поддржан од Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВДФ), во соработка со предавачи од Младински образовен форум (МОФ). Учениците имале можност во клубот да дискутираат за различни теми, се учело за општеството и функционирањето на државниот апарат, а целта била децата да научат како да ги застапуваат своите проблеми, да бидат погласни и да ги зајакнат аргументите. Суштината била поттикнување активизам. Учениците самите ги лоцирале проблемите со кои се соочуваат и можностите за нивно решавање. Едногласно стигнале до заклучок дека секојдневно имаат голема потреба од толкувач на знаковен јазик и дека областа здравство е најважна.

Енис Асипи и Дурак Демиров се меѓу учениците идејни творци на иницијативата за ангажирање толкувач на знаковен јазик при лекарски прегледи.
Родителите на Енис се глуви, па вели дека е речиси невозможно сами да одат на доктор. Често одат во придружба на чичко му кој слуша.
Дурак, пак, на доктор најчесто оди со своите баба и дедо кои слушаат. „Ако одам сам, комуникацијата ќе биде неуспешна“, вели тој.

„Ние, глувите ученици, дискутиравме за тоа што нè интересира. По дискусијата сите се согласивме дека за нас е важен толкувачот. Мислиме дека тоа е многу важно“,
вели Енис.
„Да, точно е. Да бидеме еднакви и тоа во здравството, кога одиме на лекар“,
додава Дурак.
РАЗГОВОР НА РАЗЛИЧНИ ЈАЗИЦИ
Тешкотијата да се разберат глув и човек што слуша, без притоа да користат знаковен јазик, ни ја објасни Викторија Волак, која е толкувач повеќе од две децении. Таа вели дека маката ги научила глувите да се снаоѓаат при комуникацијата со другите преку гестови, запишување на хартија, присуство на близок, а најчесто со читање од усни.

„Но, не сите ние подеднакво исто изговараме, некој има брада, некому усните не му се доволно видливи, во последно време со маските, поради пандемијата, уште потешка е комуникацијата кога имате само очи и ништо повеќе. Не дека нема да се разберат, со многу малтретирање, мачење. Но, верувајте, самото тоа е стрес. Самото тоа е напнато и недоволно“,
објаснува Волак.
ДАЛИ ЗБОРОТ Е ЗБОР?
Меѓу активистите што им помагале на средношколците во обликување и реализација на нивната иницијатива е и Панде Ефтимов од Младинскиот образовен форум, кој ги застапува глувите речиси две години. Идејата е толкувачите да се ангажираат преку Министерството за здравство, а покрај со присуство при лекарски прегледи, за поголема достапност, би можеле да толкуваат и преку видеоповик.
„Процесот на застапување никогаш не е лесен, особено во оваа наша држава Македонија, каде што сè мора да се прескокне или да се помине низ еден огромен ѕид и низ премногу прашања и нешта“,
вели Ефтимов.
Се обратиле и наишле на добар прием во Министерството за здравство кое тргнало во реализација на идејата. За почеток најавиле ангажирање двајца толкувачи во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

„Денес ги нема толкувачите затоа што нема доволно политичка волја, најверојатно. Има доволно политичка волја за да се стигне до некој степен, но треба поголема вклученост од страна на политичките партии, од луѓето што ги носат одлуките, за да преземат некои чекори во однос на овие битни работи за глувите,“
смета тој.
Министерот за здравство Беким Сали вели дека бил воодушевен од иницијативата на младите, а процедурата во Министерството стигнала до обезбедување средства за толкувачите да бидат платени.

„Поради потребата од креирање ребаланс внатрешно во структурите на финансирање на министерствата, ние само чекаме одобрение од Министерството за финансии, разговарано е со министерот за финансии и сметам дека ќе добиеме позитивен одговор“,
вели Сали.
На одговор се чекало со месеци. Откако „360 степени“ прати прашања до Министерството за финансии и десеттина дена чекавме одговор, оттаму стигна информација дека финансии му одобриле на здравство пренамена на средства за ангажирање лица со договор на дело. Следно е ангажирање на двајцата толкувачи на клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Групата средношколци и други активисти изработија и кратко видео објавено на социјалните мрежи во кое порачуваат – „Нашето здравје не е играчка“, „Сите глуви лица имаат право на толкувач“.

Христина Божиновска Ѓикова, откако заврши со лекарскиот преглед, рече дека не губи надеж.
„Треба да се обезбеди толкувач низ цела Македонија, подеднакво, а не само во Скопје. За почеток нека започне иницијативата, па чекор по чекор да се опфати цела Македонија“,
порачува Христина.
Д-р Атанасова, пак, смета дека треба да се следи примерот на развиените западни земји.
„Треба оваа држава да направи напор како што гледаме што се случува и што се прави во западноевропските држави, во Америка, на малку повисок степен да го подигнеме и нашето чувство и да помогнеме во голема мера на овие пациенти кои имаат оштетувања на слухот“,
вели д-р Атанасова.
Подготовката на оваа сторија е поддржана од Иницијативата за демократија на Западен Балкан, програма на Фондацијата за демократија на Вестминстер. Содржината на овaa сторија не ги одразува ставовите или мислењата на Фондацијата за демократија на Вестминстер или Британската влада.
