Премиерот Ковачевски по вчерашната средба со Мицкоски изјави дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза, а ги информирале и за производството на енергетските капацитетети, за производството на електрична енергија во ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино
Обврските што ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се исполнети, предадени се контактите и договорени се средбите после кои Владата треба да изменаџира за количини на гас и мазут, информираа денеска од најголемата опозициска партија.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера со својот тим се сретна со премиерот Димитар Ковачевски и владиниот тим во врска со планот за излез од економската криза. Контактите требаше да ги прими министерот за економија Крешник Бектеши.
„Веднаш после оваа средба ќе ги контактираме нашите позиции, ќе ги пренесеме контактите до министерот Крешник Бектеши и од тој момент понатаму очекуваме оваа неизвесност во која што во моментов се наоѓа Македонија, граѓаните и стопанството да се ублажи, односно да обезбедиме евтин ресурс со којшто ќе можеме да обезбедиме евтина струја, поевтина од таа што е на берзите, а со што ќе им помогнеме на граѓаните, на стопанството и на државата“,
рече вчера Мицкоски.
Премиерот Ковачевски по вчерашната средба со Мицкоски изјави дека на средбата ги образложиле сите активности што ги презема Владата за надминување на енергетската криза, а ги информирале и за производството на енергетските капацитетети, за производството на електрична енергија во ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино. На средбата, Ковачевски рече дека информирал и за обезбедувањето енергенси и тоа јаглен за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, како и мазут за ТЕЦ Неготино, но и како помошно гориво за РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Ковачевски рече дека сите понуди што ги имаат од ВМРО-ДПМНЕ треба да ги достават до ЕСМ, но бидејќи станува збор за контакти кои сакаат да бидат директни затоа го задолжува министерот за економија Крешник Бектеши да ги оствари тие контакти и да се види дали тие имаат соодветна понуда која ги задоволува критериумите врз основа на кои се прават набавки во ЕСМ.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, денеска порача дека одлуките што се носат во ЕУ за справување со енергетската криза го вклучуваат и Западен Балкан.
„Какви било одлуки коишто се носат во рамките на ЕУ, какви било мерки коишто се преземаат со цел справување со енергетската криза секогаш во нив е вклучен регионот на Западен Балкан, затоа што во овој момент и ЕУ и Западен Балкан се соочуваат со слични предизвици“,
изјави Гир запрашан за помошта од Унијата за земјите од Западен Балкан за справување со енергетската криза во контекст на новиот пакет санкции против Русија кој го подготвува ЕУ, а кој не вклучува изземање-дерогација за регионот, поради односот на Белград кон официјална Москва.
Што се однесува за поддршката на ЕУ во енергетскиот сектор, додаде Гир, би сакал да подвлечам дека ЕУ обезбедува значителна финансиска поддршка за областа на енергетика.
„Прво и првенствено преку т.н. зелена транзиција во обезбедување на обновливи извори на енергија, преку инсталација на различни фотоволтаици во термоелектраната Осломеј и исто така во зголемување на енергетската ефикасност во јавните згради се со цел да можат да се соочат со енергетската криза. Како трето, ЕУ исто така обезбедува финансиска помош за гасната транзиција преку поврзување на интерконекторите од Република Грција кон Република Србија и Косово и таа финансиска помош во овие сфери на ЕУ ќе продолжи и во иднина. Се разбира дека таа поддршка е на среден и на долг рок,
рече евроамбасадорот Гир.
Во однос на снабдувањето со електрична енергија и со соочување со високите цени на електричната енергија, Западен Балкан, нагласи тој, исто така е вклучен во тие одлуки.