Околу односите меѓу Бугарија и С Македонија и што може да донесе новиот состав на бугарскиот парламент и новата влада на земјата, доколку биде составена, по ова прашање, политикологот Андреј Врапчев за „360 степени“ вели дека очекува одговорните за експлозијата на односите да бидат отстранети и да се преземат активности за враќање на довербата
Во пресрет на предвремените парламентарните избори во Бугарија, закажани за утре, експертската јавност во земјата смета дека резултатите од нив ќе бидат такви што формирањето на стабилна влада ќе биде исклучително тешко и дека по се изгледа дека ниту идниот бугарски парламент нема да има мандат од четири години.
Според новинарот на „Дневник“ Ангел Петров, партиите кои го имаат потребното мнозинство тешко би можеле да соработуваат.

„Формирањето стабилна влада ќе биде исклучително тешко. Партиите кои ќе го имаат потребното мнозинство тешко би можеле да соработуваат. Линиите на поделба меѓу евроатлантизмот и се останато се длабоки. ‘Евро-атлантскиот блок’, во кој би биле Продолжуваме со промените (ПП), ГЕРБ и Демократска Бугарија, не само што би бил неприфатлив за нивните гласачи – дури и тој можеби нема да има мнозинство. Бугарската социјалистичка партија ќе биде внимателна со коалициите, бидејќи не успеа да направи кампања за да излезе надвор од тврдото јадро. Нејзините гласачи ќе се слеваат во Преродба – никој не знае колку (гласачите на Преродба потешко учествуваат во социолошките истражувања), но оваа партија може да стане трета политичка сила. `Прорускиот табор’ изгледа токсичен, но критичарите на долгогодишното владеење на Бојко Борисов, кое заврши минатата година, не ја исклучуваат можноста за коалиција со Движењето за права и слободи (ДПС) и Преродба, а можеби и со Бугарски подем на Стефан Јанев“,
вели Петров за „360 степени“.
Тој посочува оти само се чини дека ГЕРБ ќе биде првата политичка сила. Но, како што додава, најверојанто ниту идниот парламент нема да има мандат од четири години.
Околу односите меѓу Бугарија и Северна Македонија и што може да донесе новиот состав на бугарскиот парламент и новата влада на земјата, доколку биде составена, по ова прашање политикологот Андреј Врапчев за „360 степени“ вели дека очекува одговорните за експлозијата на односите да бидат отстранети и да се преземат активности за враќање на довербата.
И тој не очекува стабилна влада а, како што вели, само посакува да има повеќе храброст во позадината на случувањата околу нас.
„Што се однесува до односите со Македонија, очекувам и посакувам одговорните за експлозијата на односите да бидат именувани и отстранети и да се преземат активности за враќање на довербата. Ова ќе биде лакмусов тест за мене дали има промена и волја и храброст за неа. Кој нема храброст за тоа нема да се спротивстави на поголемите проблеми. Нема стабилна влада, има смислена бесмисла“,
вели Врапчев.
Според предизборните анкети, партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, е во водство и ја има поддршката од 24 отсто од испитаниците, што е за осум процентни поени повеќе од Продолжуваме со промените на Кирил Петков и Асен Василев. Борисов се надева на убедлива победа, но се проценува дека ГЕРБ тешко ќе стигне до апсолутно мнозинство и ќе му биде потребен коалициски партнер или партнери за да формира влада.
На предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе учестуваат 28 политички формации од кои 22 се политички партии, а шест се коалиции.
Инаку, утре бугарските граѓани ќе гласаат по четврти пат во последните 18 месеци. Внатрешнополитичката криза во земјата трае подолг период, а поради војната во Украина се поголем е расцепот меѓу прорускиот и проевропскиот табор.
Право на глас имаат 6 602 990 граѓани на Бугарија запишани во избирачкиот список.
Бугарските граѓани ќе можат да гласаат со 11 100 избирачки машини, од кои на 9 363 ќе се гласа во земјата, а останатите ќе бидат распределени во странство. Во помалите места со помалку од 300 жители ќе се гласа со хартиено ливче.
Ова ќе бидат трети избори во Бугарија на кои се гласа машински, по двете парламентарни гласања минатата година и претседателските избори. Одржувањето на гласачките машини, софтверот и другите елементи за успешно гласање во Бугарија ќе чини, според јавната набавка објавена од Централната изборна комисија, околу 3 500 000 евра.
Бугарските граѓани и државјани ќе можат да гласаат за новите членови на 48. Национално собрание во над 50 земји ширум светот.
Минатата година во Бугарија беа одржани три последователни изборни циклуси. Дури во последниот обид беше направена влада предводена од новиот политички субјект Продолжуваме со промените, во која клучна улога имаше двоецот Кирил Петков – Асен Василев. Нивната коалција, во која партиципираа и БСП, Демократска Бугарија и Има таков народ траеше нешто повеќе од шест месеци. Кабинетот на Петков беше избран на 13 декември минатата година, а недоверба на неговата влада и беше изгласана на 22 јуни оваа година.