Не сме биле во Владата и не сме ни размислувале, но ако има понуди ќе ги разгледаме. Засега нема такво нешто, изјави в.д. претседателот на партијата
Таравари минатата недела во интервју за „Патот кон“ на Алсат М ја критикуваше реториката на ВМРО-ДПМНЕ и истакна дека овој антиевропски речник ќе ја оддалечи Алијансата од можноста за коалицирање
Доколку добиеме понуда за да влеземе во владината коалиција, ќе ја разгледаме, соопшти денеска в.д. претседателот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари одговарајќи на новинарско прашање.
„Не сме разговарале околу тоа, ние сега сме фокусирани во реорганизирањето на партијата. Повеќе сме на терен и водиме разговори, ги слушаме активистите и тие што се симпатизери на Алијанса за Албанците. Темата за условување за тоа дали да се влезе или да се излезе не сме ја дискутирале, ние не сме биле дел од Владата ниту, пак, сме размислувале за тоа. Но, ќе размислиме, ќе ја разгледаме опцијата ако постои таков предлог, но сега за сега нема нешто такво“,
рече Таравари.
Таравари минатата недела во интервју за „Патот кон“ на Алсат М ја критикуваше реториката на ВМРО-ДПМНЕ и нагласи дека овој антиевропски речник ќе ја оддалечи Алијансата за Албанците од можноста за коалицирање.
„Никако, не ја поддржуваме иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум бидејќи тоа нè оддалечува од евроинтеграцискиот пат на земјата. Не сакаме ни да слушнеме за тоа. Ако ВМРО-ДПМНЕ продолжи со овој вокабулар, тоа ќе нè оддалечи од соработката. Ние не сме против македонскиот идентитет. Ако го напуштите евроинтегративниот пат, го напуштате македонскиот идентитет. Нема кој да им помага на Македонците повеќе од НАТО и ЕУ“,
рече Таравари во емисијата.
Вчера во интервју за Сител лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека со Алијанса имаат коректни односи и рече дека не му е познато дека односите им се замрзнати.
„Имаме коректни односи во рамки на нормално политичко функционирање. Ако тие мислат дека се замрзнати, тогаш во ред, тоа е нивен став. Јас мислам дека не е добро да бидат замрзнати односите помеѓу ниту една политичка партија, без разлика дали сте власт или опозиција, дали сте вака или така ориентирани, бидејќи сепак ние сме фактори во политичкиот живот и не е одговорно да имате замрзнати односи со ниту една партија. Ги охрабрувам да ги одмрзнат доколку навистина донеле таква одлука дека тие односи се замрзнати, бидејќи сепак ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија. Во Град Скопје сигурно е најголемата, но и во парламентот, со најмногубројната пратеничка група. Помала политичка партија сметам дека не е опортуно да ги замрзнува односите со најголемата политичка партија. Но тоа е нивна автономна политика, ако тие мислат дека тоа е начинот, јас немам што да додадам“,
рече Мицкоски.