Тестиравме неколку услуги и тоа во различни подрачни одделенија за да добиеме реален впечаток од терен – каков е квалитетот на услугите кои на граѓаните им ги дава институцијата. Најдобро помина барањето за извод по е-пошта, најлошо обидот да добиеме извод на класичен начин – на шалтер
Матичарите кои ќе прават грешки повеќе од дозволеното, изводите ќе ги плаќаат од свој џеб, најавува директорот на Управата за водење матични книги, Блерим Абази
На први септември учениците тргнаа во училиште, а еден од нашите колеги во мисија – да добие извод од матичната книга на родените. На традиционален начин, од шалтер на Управата за водење матични книги во зградата на МТВ во Скопје.
„Се извинувам, за извод за матично да извадам? –„Стоун бриџ“. -Само таму се вади? –Да.
известија од шалтерот во зградата на МТВ.
Намерно не се најавивме, сакајќи да го изодиме патот што секојдневно го минуваат стотици граѓани во обид да ги обезбедат потребните документи од Управата за водење матични книги. Во канцелариите на матично кај Камениот Мост ги сретнавме истите луѓе што не знаеја дека во МТВ повеќе не може да се извади извод.
„Тука не може да се извади извод? – Не, онлајн само. – Ама тука не пратија од МТВ, викаат „Стоун бриџ“. – Од МТВ тука не праќаат, а на сајтот ништо не ви пишува. – Еве ви линк, што да ви кажам“
е образложението кое го добивме на влезот во канцеларијата на УВМК.

„На сајтот никаде не пишува од каде се зема. –Да, пишува подигни го само. И јас сум од Кисела Вода нема до тука да доаѓам. –Извод за венчани поднесов. -Онлајн така, си заврши работа, сега само да подигнеш? Да, и за децата викам само ќе подигнам тука, ама не, сега треба да одам, не било МТВ, не било тука“,
беше разговорот меѓу двајца граѓани.
Слични насоки како господинот пред нас добивме и ние – барање за извод да поднесеме онлајн или во подрачната канцеларија, според адресата на живеење. Во нашиот случај, на територијата на Општина Кисела Вода подрачното одделение се наоѓа во не толку блиското Драчево. Канцеларијата е на првиот кат од нов објект, каде странките влегуваат само по еден.

Изводот беше готов за помалку од една недела. На прв поглед немаше грешка, но подоцна увидовме дека не е точно времето на раѓање. Во графата стоеше полноќ, наместо точниот час. Се вративме за исправка.
„На новиот ми пишува дека сум роден на полноќ, а јас сум во еден и пол роден. – Што да ви кажам?! – Сега за корекција? – За корекција одете во Центар! Во Скопје сте роден? Одете кај Комерцијална банка, таму да ја отворат книгата да видат кое е точното. -А треба после пак да вадам нешто на ново извод ако е грешен? –Тука, па ќе пуштиме ново барање да се замени тој“
е дел од разговорот со вработените во канцеларијата на УВМК во Драчево.
Од Драчево повторно се упативме кон канцеларијата во Центар со намера да поднесеме барање за корекција на изводот. Но, таму наидовме на ново изненадување.
„На оригиналниот ми пишува саат на раѓање еден и пол, а во овој на полноќ. – Нема врска тоа. Сигурно? – Милион посто. – Не треба да вадам нов? – Не бе, терај слободно. Да нема на букви, на датум некоја грешка. – Не, само тоа ми е, за саат. – Не бе, терај. Сигурно? -Сто посто“
е образложението од вработените во канцеларијата на УВМК во Центар.

Вториот начин што го избравме за да поднесеме барање за извод беше електронски. На интернет-страницата на Управата за водење матични книги ја избравме опцијата „аплицирај онлајн“ и креиравме личен кориснички профил. Но, не одеше толку брзо.
Со уплата од 165 денари го поднесовме барањето за извод и ја избравме опцијата – готовиот извод да ни биде доставен електронски. Веќе наредниот ден, на оставената електронска пошта, добивме известување дека изводот е готов. Освен што беше изоставена графата за државјанство, немаше грешки.

И во третиот пример, барањето за извод го поднесовме електронски. Овојпат ја избравме услугата – изводот да ни стигне на домашна адреса во Куманово, по пошта. По претходното искуството со електронската апликација, очекувавме изводот да ни стигне брзо. Но…
„Денеска е осми ден откако аплициравме, а изводот од матичната книга на родените сè уште не е пристигнат. Сега ќе ја побарам Управата за водење на матичните книги, подрачна канцеларија во Куманово“
Никој не се јави на телефон.

По неколку дена се упативме лично на шалтер. Објектот на матичната служба во Куманово не е баш во центарот на градот, туку на патот кон општина Липково.
„Денеска е 11 ден, уште не ми е стигнато. -Ние го пуштивме, а дали пошта ќе ви го донесе, не одговараме ние. Може ли да проверите барем дали е готов, тоа да видам? -Ќе провериме, дајте лична карта“
објаснуваат од подрачното одделение на УВМК во Куманово.

По проверката, вработените во матичната служба ни кажаа дека изводот бил готов и испратен уште истиот ден кога е поднесено електронското барање. И токму додека бевме во матично, на домашна адреса стигна известување дека во пошта е стигната пратка што треба да се подигне лично.
„После 4 часот дојди.- Ама дали е тоа тоа? Дали е за изводот? –Па, не знам, мораме да го видиме писмото дали е тоа, не го знам јас кое е. Валда е тоа, штом го чекаш, тоа е.“
образложи вработената на шалтерот во пошта.
По 16 часот се вративме во поштата на истиот шалтер каде конечно го добивме пликото. Како и што очекувавме, во него беше изводот – без грешки. Од ова искуство произлегува дека доставата на извод до дома и не постои, бидејќи поштата праќа само картонче за подигнување на пратка.

Нашето теренско истражување ни покажа дека најбрзиот начин да се дојде до извод од матичната книга на родените е електронски. Но, само ако се избере опцијата и да го добиете електронски. Другите опции подразбираат пократко или подолго чекање, па и патување – зависно колку сте далеку од подрачното одделение. А тука се и грешките.
20 илјади погрешни изводи издадени за една година. Тоа се податоците кои ги соопшти Државниот завод за ревизија во извештајот за 2020 година. Каква е статистиката сега и дали има подобрување?
Новиот директор на Управата, Блерим Абази, вели дека е свесен за честите грешки што се прават при издавањето изводи. Дел од вината ја префрла на базата на податоци од МВР, но признава дека грешки прават и вработените.
„Ќе ги задолжам сите матичари, ќе направиме анализа, колку грешни изводи може да се дозволи, дека сите сме луѓе и грешиме. Но, треба да има некоја бројка до колку е дозволено еден матичар да направи грешка. И врз основа на тоа, кога ќе имаме детална анализа, ќе ги задолжам – секој матичар што ќе го надмине бројот, да ги плати грешните изводи“
вели директорот на УВМК, Блерим Абази.

Ревизорскиот извештај за 2020 година покажа дека 20 000 грешни документи годишно претставуваат 4% од сите издадени документи. Абази уверува дека статистиката годинава е подобрена и дека има намалување на бројот на изводи со грешки.
„Еве, во Велес – од 1018 изводи само 13 има згрешени. – За колку период, месечно?- Месечно да, а бројката била многу поголема. Берово на пример од 195 има три“
истакна Абази.
Абази, сепак, не можеше да ни презентира генерална слика за целата држава повикувајќи се на начинот на кој ги водат податоците. Дополнително, добивме податоци за првите три месеци од годинава за подрачното одделение Скопје.

Според тие податоците, за разлика од местата што ни ги читаше Абази, во Скопје се грешат меѓу 11% и 15% од изводите. Во март, од 6445 издадени изводи 950 биле со грешка – број што воопшто не е за занемарување.
„На чиј трошок паѓаат овие грешки?
–Грешките ние сами ги … затоа ги пишуваме како погрешен извод и Управата дава нов извод на граѓанинот со поправена грешка“
вели Абази.
Грешките не се единствените недостатоци. На терен се соочивме и со чекање и препраќање. Според директорот, тие проблеми ќе се решат со тоа што матичарите наместо рачно, наскоро ќе можат да ги проверуваат сите записи дигитално.
„Работиме на тоа да имаме „апгрејд“, како да ви кажам, на системот, за сите забелешки што се во книги, било од суд, или какви други промени да има, да ги види матичарот во едно посебно поле каде што ќе пишува забелешка. И во иднина да нема повеќе, да не треба да ги прашува матичарите од други градови“
додава Абази.
Новитетите, вели Абази, ќе се воведат до крајот на годината. Една од можностите ќе биде и електронски да се избере термин за склучување брак. Дотогаш, покажа нашето искуство, има уште многу работа за подобрување на услугите за граѓаните.

This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.