Во меѓувреме, лидерите на западните сили се огласија и ги осудија најавените референдуми во регионите на Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје

Повеќе од два часа се исчекуваше рускиот претседател Владимир Путин да има јавно обраќање за војната со Украина, но не се појави.
Неизвесноста ја прекина еден клучните пропагандисти на Кремљ, новинарот Владимир Соловјов кој на Телеграм напиша: „Утре“. И рускиот медиум „Спутник“ објави дека обраќањето ќе биде утре.
Ова требаше да биде прво обраќање на Путин по 24 февруари, кога почна инвазијата на Украина, која тој ја нарекува „специјална операција“. Обраќањето сега се очекува утре во осум часот, а по Путин треба да се обрати и министерот за одбрана Сергеј Шојгу.
Додека вечерва се исчекуваше обраќањето на рускиот претседател, се покренаа низа шпекулации за темата за која би говорел. Како можни теми во анализите на западните медиуми се спомнуваше дека тој ќе објави мобилизација на сите руски мажи, но и дека би можел да говори за најавените референдуми во окупираните украински територии и евентуална нивна анексија.
Во меѓувреме, лидерите на западните сили се огласија и ги осудија најавените референдуми во регионите на Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
САД ги оценија брзо планирате референдуми како напад на принципите на суверенитет и територијален интегритет кои се основа на меѓународниот систем и лежат во срцето на Повелбата на ОН.
„Во контекст на воените победи на украинската војска уште на почетокот на руската инвазија и во изминатиот период, изгледа дека претседателот Путин презема два чекора. Како што предупредувавме се месеци, Русија најверојатно ќе одржи лажни референдуми во области на Украина кои се под нејзина контрола, но и во области кои не се. Како и тоа дека се подготвува за потенцијална мобилизација“,
изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност во Белата куќа.
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, ги нарече дополнителна провокација плановите за спроведување „лажни референдуми“.
„Тоа нема правна основа. Самата идеја за организирање референдуми на територии што се во војна е знак на цинизам. Да не беше трагично ќе беше смешно“,
изјави Макрон.
Тој јасно стави до знаење дека Русија мора да ја напушти Украина и да ги почитува меѓународно признаените граници, како и дека референдумските изјаснувања нема да имаат никаква правна важност.
Меѓу западните лидери кои излегоа со осуда е и канадскиот претседател Џастин Трудо кој оцени дека овие планови ќе значат понатамошна ескалација на војната и еклатантно кршење на меѓународното право, а како неприфатливи референдумите ги оценија и германските власти.
Со став излезе и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг кој оцени дека ваквите лажни референдуми немаат легитимитет и нема да ја променат природата на руската агресивна војна против Украина.