Претпладнево, според средноевропско време, почна погребната церемонија на која кралското семејство, владата, граѓаните на Велика Британија, како и голем број државници на земји од целиот свет ќе ја испратат кралицата Елизабета Втора, најдолговечниот монарх во британската историја, до нејзиното вечно почивалиште.
Над две илјади гости, меѓу кои и неколку стотици претседатели, поглавари и монарси, денеска ќе присуствуваат на државниот погреб на кралицата Елизабета Втора во Вестминстерската опатија во Лондон.
Таа ќе биде погребана вечер во капелата Свети Џорџ до замокот Виндзор.
Државниот погреб на кралицата Елизабета, еден од најголемите логистички предизвици во британската историја, ќе се одржи во Вестминстерската опатија, а меѓу 2 000 гости ќе бидат и јапонскиот цар Нарухито, францускиот претседател Емануел Макрон, американскиот претседател Џо Бајден.
Погребот ќе го обезбедуваат повеќе од 10 000 полицајци од цела Велика Британија, бидејќи се очекува рекорден број луѓе да ја следат погребната поворка. Велика Британија денеска речиси ќе застане. Продавниците, канцелариите, рестораните ќе бидат затворени. Збогувањето ќе може да се гледа во стотина кина и во паркови на големи монитори.
Попладне ковчегот на кралицата Елизабета Втора ќе биде однесен во замокот Виндзор каде што ќе биде погребана вечерта во кругот на најтесното семејство.