Истиот (Христијан Мицксоки, н.з.) што денеска, вчера и секој ден додека трае кризата нè обвинува, седел на моето столче и бил директор во ЕЛЕМ и во неговиот мандат и период имало 44 постапки без објавување оглас односно постапки со преговарање. И тогаш се склучувале договори за ископ на јаглен, и тогаш се склучувале договори за ископ на јаловина, и тогаш се склучувале договори за помошна механизација по 200, по 300, по 400 милиони денари. Дали тогаш не биле договори во четири очи? Или само сега се договори во четири очи, праша директорот на Електрани на Северна Македонија во гостувањето во „360 степени“ на ТВ Алсат
Директорот на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, тврди дека откако е на оваа функција, а и претходно како директор на РЕК „Битола“, нема ниту една јавна набавка за која е склучен договор во четири очи.
Тој во емисијата „360 степени“ реагираше на обвинувањата на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за начинот на склучување договори.

„Ова најодговорно го тврдам пред цела јавност – секогаш кога се вршеле постапки без претходно објавување оглас, биле повикувани најмалку три фирми, некогаш пет, некогаш седум, некогаш 11, во зависност од тоа за која постапка се работи и секогаш имало транспарентност и конкурентност и секогаш се бирала најниската цена. Меѓутоа, кога веќе некој ве обвинува за договори во четири очи и покажува со прст кон некого, тој истиот што денеска, вчера и секој ден додека трае кризата нè обвинува, седел на моето столче и бил директор во ЕЛЕМ и во неговиот мандат и период имало 44 постапки без објавување оглас односно постапки со преговарање. И тогаш се склучувале договори за ископ на јаглен, и тогаш се склучувале договори за ископ на јаловина, и тогаш се склучувале договори за помошна механизација по 200, по 300, по 400 милиони денари. Дали тогаш не биле договори во четири очи? Или само сега се договори во четири очи“,
праша Ковачевски.
Мицкоски деновиве го обвинува ЕСМ и за начинот на продажба на ноќните вишоци на струја правејќи споредба со цените на берзата во деновите во кои Електрани ги продаваат ноќните вишоци за периодот од 2 пополноќ до 7 часот наутро. Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на пример, во периодот од 30 август до 6 септември државата е оштетена за 178 илјади евра затоа што во тие седум дена просечната цена на струјата на берзата била 426 евра за мегават час, а ЕСМ ја продала по 337 евра за мегават час.
„Тоа е весела математика“, одговара Ковачевски велејќи дека Мицкоски добро знае како се пресметува цената при продажбата на ноќните вишоци, но тоа поинаку го претставува во јавноста.

„Вишоците што не можеме да ги пласираме и нема кој да ги купи во државата, ги продаваме на слободниот пазар, на јавна продажба, на аукција, каде што може да се јави секој трговец и секој што му е потребна таа енергија. Највисоката понуда што ќе стигне, за што имавме објавено и податоци – некој нуди 148, некој 220, некој 303 евра, ние ја земаме највисоката цена, тој е победник. Меѓутоа, таа цена е само за тие часови. Трговецот што ја купил го прави продуктот со таа енергија што ја купил од нас, некоја пикова енергија што ќе ја купи по илјада евра, некоја друга дневна енергија што ќе ја купи по 600 евра и прави цена за 24-часовна енергија и ја продава на пазарот. Ако кој било има потреба од таа енергија од два до седум часот, ќе ја купи кај нас, на пример, за 200 евра, но останатата енергија, ако ви е кај добавувачот 400 евра, тој нема да ви ја даде по 400 евра, затоа што тие пет часа не ги купувате од него, тогаш ќе ви ја даде по 500 евра и заедно со овие по 200 евра ќе испадне повторно 400 евра. Мицкоски многу добро знае како се креираат и продаваат продуктите“,
рече Ковачевски.