Народите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија, Украина, тие треба да знаат дека се дел од нашето семејство. Вие сте иднината на нашата Унија и таа нема да биде целосна без вас. Тоа е пораката што им ја испраќаме, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска истакна дека ЕУ останува посветена на проширувањето и дека земјите од Западен Балкан, Молдавија, Украина и Грузија се иднината на Унијата.

Фон дер Лајен во своето обраќање пред Европскиот парламент рече дека ЕУ, кога е во прашање надворешнополитичката агенда, мора да инвестира во демократијата.
„Дојден е моментот да се инвестира во силата на демократијата. Но тоа започнува со група партнери. Нашите пријатели од демократските нации од планетата. Тие што го гледаат светот како ние и кои ги делат истите вредности треба да ги мобилизираме нашите колективни сили во интерес на светот. Треба да ја прошириме групата на демократии. Најдобар начин да се направи тоа е да се продлабочат врските и да се засилат демократиите на нашиот континент“,
порача претседателката на ЕК.
Според неа, треба да се започне со оние што се на патот кон ЕУ.
„Ние треба да бидеме покрај нив, при секој чекор, секој ден, бидејќи патот што води кон посилна демократија, патот што води кон ЕУ е истиот пат. Поради тоа, народите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија, Украина, тие треба да знаат дека се дел од нашето семејство. Вие сте иднината на нашата Унија и нашата Унија нема да биде целосна без вас. Тоа е пораката која им ја испраќаме“,
рече претседателката на Европската комисија која беше придружена со аплауз во ЕП.
Важно е, додаде претседателката на ЕК, да им се обратиме и на оние земји кои се надвор од процесот на проширување, и затоа, како што рече, го поддржува повикот за Европска политичка заедница.
Претседателската на ЕК, Урсула фон дер Лајен, говорејќи за енергетската криза од која е погодена Европа поради војната во Украина и санакциите против Русија, оцени дека пазарот на гас „повеќе не функционира “ и дека Русија „манипулира“ со него за да ја казни Европа за поддршката за Украина.
„Тие претпочитаат да го согоруваат гасот отколку да го испраќаат во Европа“,
рече Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија предлага ограничување на „приходите на компаниите кои произведуваат електрична енергија по ниска цена“ и „кризен придонес“ од производителите на фосилни горива. Се надева дека тоа ќе ослободи 140 милијарди евра.
„Тешко е да се прифати дека некои ја користат војната и прават мега-профити на грбот на граѓаните“,
рече таа.
Урусла фон дер Лејн најавува и создавање на „наменска група“, која ќе размислува за начини за намалување на цената на гасот.
Зборувајќи за енергетската криза, Фон дер Лајен потсетува на „важноста“ на Европскиот зелен договор. Овој договор меѓу 27 земји има за цел да ги намали емисиите на стакленички гасови за најмалку 55 отсто до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година и да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година.
Со нетрпение се чекаше и најавата на ЕК за реформа на европскиот пазар на електрична енергија. Засега, цените на енергијата се поврзани со најскапата енергија (односно гасот во моментот). Идејата за раздвојување на цените на нуклеарната енергија и обновливите извори на енергија од цената на гасот, сепак не е потврдена од сите земји-членки. Скандинавските земји, за разлика од Франција, остро се против реформите. Разговорите се најавува дека ќе бидат тешки.
Откако ги спомена манифестациите на климатската криза ова лето кои ја погодија Европа, Урсула фон дер Лајен најавува дека противпожарната флота на ЕУ (одвоена од онаа на земјите членки) ќе се удвои до следната година, со купување на десет лесни амфибиски авиони и три хеликоптери.