Обвинителството го заплени целиот имот на Сашо Мијалков за кој истражните дејствија докажаа дека е нелегално стекнат додека тој бил на функција (2006-2015 година), вели обвинителка во случајот „Империја“, Лиле Стефанова, во интервју за „360 Степени“
Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) било свесно дека дел од имотот на Мијалков е под хипотека, но Стефанова појаснува дека Обвинителството не можело а да не го конфискува и таквиот имот
360°: Предметот „Империја“ беше еден од главните на поранешното Специјално јавно обвинителство. Прво Камчев, а потоа и Мијалков дојде до спогодба. Како дојде до спогодбата и како дојдовте до заплената, односно конфискацијата на имот на Мијалков конкретно?
„Овие предмети, и за Мијалков и за Камчев, се фактички еден предмет. Тоа е предметот наречен „Империја“. Тој предмет произлезе од содржината на незаконски преслушуваните разговори и како таков започна како истрага, не само против Камчев и против Мијалков туку и против повеќе други лица. Морам да кажам дека во предметот, иако можеби изгледаше поинаку во јавноста, централна фигура беше Сашо Мијалков. За него долго време се зборуваше дека како директор на Управата за безбедност и контраразузнавање се стекнал со незаконски имот, дека поседува поголем недвижен имот во државата. Имаше содржини на такви разговори, и Специјалното обвинителство започна со истрага. За жал, таа истрага прво траеше долго, второ беше прекинувана неколкупати и имаше огромни тешкотии за да се дојде до она што јавно се зборуваше. Јавна тајна до скоро во Македонија беше дека фирмата ЕКСИКО е во сопственост на Сашо Мијалков, односно дека тој управува со неа. Меѓутоа, немаше материјални докази за тоа. Јавна тајна беше дека тој поседува имот во хотелот „Мериот“, меѓутоа немаше ниту материјални ниту вербални докази за тоа. Обвинителството, јас како јавен обвинител, тимот на истражители кои работеа со мене и стручни соработници буквално бевме максимално ангажирани и лично сметам дека успеавме да донесеме на чистина една правна ситуација за тоа кога, како и на кој начин Сашо Мијалков се стекнал со имот што на крајот, нели, заврши со конфискација. Имаше потреба од сведоци. Сведоците не беа доволно сигурни дека можат да го понесат товарот на сведочењето. Голем дел од тој имот се криеше зад офшор-фирми, никаде не стоеше името на Сашо Мијалков. За среќа, во последниот период, таму некаде пред Нова година, дојдовме и до материјални докази кои точно покажуваа дека фирмата ЕКСИКО, на која сопственик е правно лице од Швајцарија, дека на тоа правно лице е член на семејството на Сашо Мијалков. За тоа колку било сето тоа скриено или колку не можело да се прибираат докази ќе ви кажам само еден пример. Народната банка вршела проверка во Стопанска банка Битола кога ЕКСИКО станал еден од сопствениците на таа банка. Народната Банка барала податок за физичкото лице кое е краен сопственик на ЕКСИКО, односно на „ТМ инвестмент“, сопственик на ЕКСИКО, но не добила одговор, иако во два наврати во две години го барала тоа. Со тоа сакам да покажам колку истрагата беше тешка и колку беше, просто кажано, многу напорно да се дојде до докази. Откако дојдовме до доказите, дојдовме и до материјални докази кои се во предметот од огромно значење. Дојдовме и до изјави на сведоци, пред сè од луѓето чии имиња беа напишани како сопственици на имотот на Сашо Мијалков и затоа тогаш се отиде на спогодба, односно во преговарање. Затоа што немаше потреба да се води една долга судска постапка, на крај на утврдени факти и за кривичното дело што треба да му се стави на товар и за имотот што треба да му биде конфискуван.“
„Предмет на спогодување беше казната. Имотот што е предмет на конфискација воопшто не беше предмет на спогодување и во тие преговори постигнавме спогодба за тригодишна казна затвор за кривично дело злосторничко здружување и за кривичното дело противправно стекнување и прикривање имот од членот 359 од Кривичниот законик. Ова беше еден од најголемите предмети и лично сметам дека е добро што заврши со спогодби бидејќи се постигна целта за која се отвори таа истрага. Односно, се конфискува имотот од една страна, а од друга страна се призна вина и се намали тој судски трошок, тие долги судски процеси. Правдата е скапа, вие забележувате дека голем дел од предметите што тргнаа во судски процеси до денес или завршија со првостепени пресуди кои сè уште чекаат одговор по жалба, или се укинати, или уште не се излезени од првостепена постапка.“
360°: Конфискуван е имот, конфискувани се пари, шест милиони евра и имот што според одредени проценки е некаде околу 30 милиони евра. Прегледувајќи ги имотните листови во дел од имотот, не цел, има хипотеки. Зошто кога ја правевте спогодбата се согласивте на имот што веќе има товар?
„Јас овде сакам да појаснам една ситуација, една работа која во законот е јасно изразена и правниците ја знаат, меѓутоа, за јавноста. Постои разлика кога се конфискува имот заради обезбедување имотно-правно побарување на државата или надомест на имотна корист и кога се конфискува имот што потекнува од кривично дело. Во оваа ситуација, во овој предмет, ние го конфискувавме имотот што го лоциравме како имот на Сашо Мијалков, а се води или на правни лица или на физички лица. И тој имот по законот, согласно членот 359, став 5 и 6, се конфискува. Во самиот член стои дека доколку тој имот не може да биде конфискуван од која било причина се конфискува друг имот на сторителот на кривичното дело. Во спогодбата, при спогодувањето, оваа одредба исто така беше ставена и стои во самата пресуда. Точно дека многу мал дел од имотот, мора да речам, има хипотеки. Меѓутоа, тоа што тој имот е оптоварен со хипотека не му дозволува на обвинителството да не го конфискува. Кога ќе дојде на ред извршувањето на конфискацијата, кога Агенцијата (за управување со одземен имот) ќе започне со спроведување на конфискацијата, доколку одреден имот што е оптоварен под хипотека не може да биде наплатен поради целосно намирување, да речеме, на воспоставените хипотеки, тогаш, како што е и во пресудата по спогодбата, а така е и согласно Законот, ќе се конфискува друг имот што го поседува Сашо Мијалков. Пак ќе кажам, таму хипотеките се или многу постари, за дел се веќе исплатени кредитите. Меѓутоа, и да дојде до ситуација да не може од која било причина, поради некакви хипотеки да се конфискува тој имот, ќе се конфискува друг негов имот. И тоа е дел од спогодбата и дел од пресудата.“
360°: На почетокот рековте дека многу било тешко да се пронајдат сите оние што имале имот, а кој практично бил на Мијалков. Има ли друг имот Мијалков што не е конфискуван и за кој Јавното обвинителство знае дека е негов?
„Нема. Може тој да има имот, но нема за кој Јавното обвинителство знае. За сè што можеше да има сознание беше проверено и затоа толку долго траеше истрагата. Сметам дека во Македонија во моментот не постои друг имот. Но, доколку постои друг таков имот и ние имаме сознанија, постапките не завршија. Не е веќе завршена работа. Секојпат тој ќе може да биде конфискуван. Но, немаме такви сознанија. Целокупниот имот, за кој се сметаше дека го поседува и за кој знаевме дека го има и го лоциравме, е конфискуван.“
360°: Дали тоа значи дека практично сега нема да можете да направите конфискација за тие имоти…
„Да се разбереме една работа, конфискуван е имот што е стекна на незаконски начин. Сашо Мијалков не бил безимотен кога дошол на позицијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Тој има и правни лица и друг имот. Предмет на конфискација беше имотот со кој се стекнал Сашо Мијалков од моментот на стапување на функцијата до моментот на престанок на функцијата. Стекнат во тој момент, не го пријавил, ниту го кога го стекнал ниту кога му престанала функцијата. Тој имот ги надминува неговите законски приходи и приходите на членовите на неговото семејство и тој имот е предмет на конфискација согласно кривичното дело по членот 359-а. Строго се држевме за тоа што пријавил кога станал директор на Управата и што пријавил кога престанал да биде директор на Управата. Само тој имот го имавме предвид. Тоа ни го дозволува законот. Сè што стекнал по 2015 година или пред 2006 година не беше предмет на конфискација. Така што, сите знаеме дека тој поседува и друг имот, тоа не е спорно.“
360°: Во дел од имотите што сега се конфискувани, ќе го земам пример хотелот што се наоѓа до „Мериот“, на самиот плоштад. Тоа е хотел што го гради Сергеј Самсоненко преку неговата „СИС инвестмент груп“, тука Мијалков поседува 566 м2. Проценката е дека овој имот вреди 3 000 евра за квадратен метар. Меѓутоа, тоа е пазарна цена, не е во градба. Со оглед на тоа што не знаеме дали и кога овој хотел ќе биде готов, бидејќи со години веќе не се работи, како стигнавте до овие 3 000 евра и ако може да ми појасните кога точно е правена проценката?
„Вака сега, ние мораме да тргнеме од истата работа, да го повториме она што го рековме. Ние одзедовме имот. Вредноста на имотот во моментот на замрзнувањето била една, може да биде сега друга, а кога Агенцијата ќе изврши проценка може да биде трета. Јас не се сеќавам во детали која недвижност колкава вредност има. Меѓутоа, за сите недвижности за кои имавме замрзнување дадовме и докази пред судот за моментално утврдената вредност што ја имавме. За тој имот фирмата ЕКСИКО има купопродажни договори во почетокот кога се добила дозволата за градба, го има купено тој имот од Кондаминос, тогаш бил сопственик на тоа правно лице сега што гради, и тоа се договори „клуч на врата“. Значи, тие пари се исплатени преку сметка. Следена е и сметката. Доколку тој имот во моментот кога Агенцијата ќе реши да го продава вреди повеќе или вреди помалку, тоа ќе го утврди Агенцијата во својата проценка. Морам ова да го повторувам бидејќи ние во оваа конфискација не се држевме до тоа колку вреди имотот, туку се држевме до тоа кој имот е на Сашо Мијалков и тој имот го конфискувавме. Можеби тој имот ќе има многу поголема вредност. За споредба, во становите, овие што беа 25 стана на Водно, проценката од овластениот проценител беше дека стан вреди 1 400 евра (за квадратен метар). Ние сите знаеме дека стан на Водно од 1 400 евра нема. Меѓутоа, за Обвинителството беше важно да го лоцира имотот, да го обезбеди тој имот, прво со привремено замрзнување и запишување на хипотека на име на државата во Катастар, и сега да биде спремен за конфискација. Важно е колку вреди имотот. Јас се согласувам дека е тоа многу битно. Но, битно е кој е тој имот и тој имот државата да може дали да го продаде, дали дел тие готови објекти да ги даде за некаква намена согласно законот, тоа е веќе прашање за кое Обвинителството нема никаква улога. Но, не е важно колку вредел и колку е проценет, туку кој е имотот што го лоциравме, кој имот е на Сашо Мијалков и го обезбедивме да ѝ го предадеме на државата.“
360°: Можеме да заклучиме дека имотот не е 30 милиони евра туку е некаде приближно? Бидејќи има една поприлично спорна изјава од обвинителката Русковска на денот кога е објавена спогодбата. Телефонска изјава за Канал 5, ќе може да ја цитирам: „Одземен е голем имот, шест милиони евра во готово. Според проценките, во 2011, 2013, 2016 и 2019 година се околу 20 милиони евра, со тоа што знаеме сите колку е зголемена вредноста на недвижниот имот. Мислиме дека моменталната проценка е некаде околу 30 милиони евра.“
„Видете вака, јас сум предметен обвинител на тој предмет. Јас најдобро знам кога се вршени проценките и колку вреди имотот. Но, повторно повторувам. Вредноста на имотот изразена во пари во време на замрзнувањето, зборуваме за временото замрзнување, е една вредност. Која вредност ќе ја утврди сега Агенцијата, откако пресудата ќе треба да ја спроведе, таа е вредноста што треба да ја имаме предвид како вредност на одземениот имот на Сашо Мијалков. Јас се држев и сè уште држам и сметам дека е тоа правно исправно, до тоа да го лоцирам и да го обезбедам имотот со кој се стекнал Сашо Мијалков. А, вредноста на тој имот ќе ја покаже Агенцијата кога ќе го процени, а потоа по одлука на Владата ќе одлучи дали ќе го користи или ќе биде продаден. Не би се држела до вредноста дали е помала, поголема. Тоа не беше ниту во кривичното дело ниту требаше да биде важно. Но, ние како Обвинителство сме должни да дадеме проценки, вредности, за да можат судовите да ги донесат решенијата. И оттаму произлегуваат тие вредности.“
360°: Кога ја очекувате проценката на Агенцијата за управување со одземен имот?
„Агенцијата согласно закон има рок од 30 дена од правосилноста на пресудата да започне со процедурата. Имајќи предвид дека беше време на одмори, очекувам дека веќе на почетокот на месецот ќе ги започнат дејствијата. Тие согласно законот се должи да ги известат обвинителството и судот, како и лицето од кое се конфискува имотот за извршените проценки. И верувам дека тоа ќе биде направено во септември. Голем дел од имотот е неоптоварен. Паричните средства се веќе спремни да бидат одземени од сметките. Тие се замрзнати на сметките. Така што не очекувам тешкотии во извршувањето на конфискацијата. Секојпат се појавуваат одредени проблеми на терен, тоа е логично. Меѓутоа, не очекувам поголеми тешкотии и убедена сум дека процедурално конфискацијата за овој имот ќе биде завршена и спроведена за многу брзо време.“