Во денешните соопштенија и двете партии го обвинуваат политичкиот противник дека прави штета на македонскиот идентитет и тврдат дека народот е на нивна страна
Владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжија со меѓусебни обвинувања околу Иницијативата за референдум.

Во денешните соопштенија и двете партии го обвинуваат политичкиот противник дека прави штета на македонскиот идентитет и тврдат дека народот е на нивна страна.
„Иницијативата за референдум на Христијан Мицкоски е против македонскиот јазик, прави штета на идентитетот, насочена е директно против евроинтеграцијата на државата. Сите официјални институции на Унијата потврдија дека процесот на преговори за членство го водиме како Македонци со заштитен македонски идентитет, со чиста формулација на македонскиот јазик“,
велат од СДСМ.
Но, Мицкоски, додаваат од владејачката партија, по секоја цена дејствува антиевропски и на штета на државните и националните интереси, без било какво чувство за државност, своите политики ги води според личните потреби и интереси.
„Мицкоски со референдумот има за цел да си ја спаси разнишаната фотелја во Белиот дворец, бидејќи и истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ не се сложуваат со него. Со иницијативата за референдум, со активните и пасивните блокади Мицкоски сака да го попречи нормалното функционирање на државата, во време на економска и енергетска криза, работи на штета на граѓаните и на компаниите“,
додаваат од СДСМ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак велат дека антимакедонската СДС не треба да се плаши од народот и да го прифати референдумот.
„Над 60 отсто од Македонците ќе излезат на Референдум, а огромно мнозинство од истите ќе гласаат за поништување на Договорот со Бугарија. Народот бара Референдум, тој е највисок облик на демократија и можност за корекција на власта. Антимакедонската СДС да собере храброст и да прифати Референдум, а со него и предвремени парламентарни и претседателски избори“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако власта верува дека тоа што гo прави е правилно, велат од ВМРО-ДПМНЕ, и дека Договорот наидува на поддршка кај народот, тогаш зошто тактизира и не прифаќа соочување со народот?
„Антимакедонската СДС знае дека народот не ги поддржува нивните деструктивни политики и дека на изборите и на Референдумот ќе доживеат тежок дебакл. Но тоа не ги оправдува, државниот интерес нема цена и затоа да го стават народот пред своите лични цели и да поддржат Референдум, а со тоа да се охрабрат и на избори“,
бараат од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ во петокот и официјално до Собранието ја поднесе иницијативата за собирање потписи и отпочнување на референдумот инициран од опозициската партија, според кој, граѓаните би се изјасниле „за“ или „против“ Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу С Македонија и Бугарија.
Но, спикерот Талат Џафери најрано во вторник би можел да ја прими бидејќи е на службен пат.
Кога и да ја прими Иницијативата, според Деловникот, Претседателот на Собранието веднаш ја препраќа до Законодавно-правната комисија и до Комисијата за политички систем. Во рок од два дена, овие две работни тела треба да оценат дали Иницијативата е уредна. Ако Иницијативата е уредна, собранискиот спикер во рок од 3 дена ќе треба да ја извести ВМРО-ДПМНЕ за да почне со собирањето на 150 илјади граѓански потписи. Ако документот, според комисиите, не е уреден. Тогаш Џафери е должен Инцијативата да ја стави на дневен ред на првата наредна седница и тогаш да се произнесе пленумот со заклучок.
Доколку Иницијативата го помине собранискиот филтер законските одредби предвидуваат дека во рок од три месеци ќе треба да се соберат 150 000 граѓански потписи во подрачните единици на Министерството за правда. Доколку тоа се оствари, ќе следува период од 60 до 90 дена и водење на кампања за референдумот што значи, како што вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, некаде напролет тој би требало да се одржи и ќе биде најголем тест за македонскиот народ во поновата историја.
За референдумот да биде успешен потребно е најмалку 910 000 гласачи да излезат на гласање и да се изјаснат дали се за поништување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.