Албанскиот премиер Еди Рама информира дека по длабински истраги се појавиле докази оти Иран стои зад кибернападите на веб-страниците на владата на Албанија што се случија во јули годинава. Поради тоа, од целиот дипломатски и техничко-административен персонал во Амбасадата на Иран во Албанија е побарано да ја напушти земјата во рок од 24 часа
Кибернападот на официјалните веб-страници на албанската влада, кој се случи на 15 јули, денеска наиде на осуда и од македонското МНР од каде што посочија дека нападот е обид за поткопување на суверенитетот на Албанија и директна закана за безбедноста на нејзините граѓани и институции
Два месеца по кибернападите на веб-страниците на албанската влада, Албанија одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран. Одлуката на владата ја соопшти албанскиот премиер Еди Рама, кој посочи дека по длабинската истрага е утврдено оти Иран стои зад кибернападите.
„Советот на министри донесе одлука за прекин на дипломатските односи со Исламската Република Иран. Оваа одлука беше соопштена во официјална нота до амбасадата на Исламската Република Иран, од која беше побарано да ја напушти територијата на Република Албанија во рок од 24 часа со целиот дипломатски и техничко-административен персонал, вклучително и безбедносниот персонал“,
рече Рама.
Оваа екстремна одлука, како што посочи Рама, е во целосна пропорција со сериозноста и опасноста на кибернападот кој се закануваше да ги парализира јавните услуги, да ги избрише системите и да ги украде државните податоци, да ги украде електронските комуникации во владиниот систем и да ја поттикне несигурноста и хаосот во државата.
Албанскиот премиер информира дека по длабински истраги се појавиле докази оти Иран стои зад кибернападите на веб-страниците на Владата на Албанија што се случија во јули годинава.
„На 15 јули годинава нашата земја стана предмет на сериозен кибернапад, кој имаше за цел уништување на дигиталната инфраструктура на Владата на Република Албанија, парализирање на јавните услуги, како и кражба на податоци и електронски комуникации од владините системи. Нападот не ја постигна целта. Во споредба со целите на агресорот, штетата може да се смета за мала. Сите системи беа обновени и ништо не беше неповратно изгубено“,
рече Рама, додавајќи дека со недели се работело деноноќно за да се открие агресорот.
Во таа насока, Рама информира дека Иран ангажирал четири групи за кибернападот врз Албанија, а дека меѓу нив е и една од најозлогласените групи на меѓународен кибертероризам, автор или коавтор на претходни кибернапади врз Израел, Саудиска Арабија, Јордан, Обединетите Емирати, Кувајт и Кипар.
Кибернападот на официјалните веб-страници на албанската Влада кој се случи на 15 јули, денеска наиде и на остра осуда и од македонското Министерството за надворешни работи.
„Северна Македонија се солидаризира со Владата на Албанија, ги поддржува преземените мерки во тој контекст и повикува на одговорност за извршителите на ваквите малигни дестабилизирачки активности кои ја загрозуваат не само националната безбедност и сигурност на Албанија, но имаат и пошироки регионални и меѓународни импликации. Ваквите деструктивни напади претставуваат флагрантно кршење на нормите на меѓународното право, обид за поткопување на суверенитетот на Албанија, како и директна закана за безбедноста на нејзините граѓани и институции“,
стои во соопштението од МНР.
Со цел заштита на своите интереси, но и интересите на секоја поединечна земја-членка на НАТО и нејзините сојузници, се додава понатаму во соопштението, остануваме единствени во рамките на Алијансата во справувањето со сите предизвици кои го загрозуваат меѓународниот поредок и безбедност.