Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека наредната недела ќе соберат најмалку 100 квалификувани потписи со што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието, по што очекува Собранието во брзи рокови да ја одобри иницијативата по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум
Се надевам дека власта ќе покаже европско однесување и нема да ги спречува оние граѓани кои сакаат да гласаат. Се надевам дека има и албански граѓани кои не се согласуваат со она што ни го прави Бугарија, ќе станат и против асимилацијата која му се случува на македонскиот народ, рече Мицкоски на прашањето како мислат да обезбедат 900 000 гласови за референдумот да биде успешен
„Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Р Македонија и Р Бугарија објавен во Службен весник бр 12/2018 од 18.01.2018?“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва по седницата на Извршниот комитет на партијата го објави прашањето за референдум, за што ќе се собираат 100 илјади квалификувани потписи за иницијативата да се достави до Собранието, а потоа и 150 000 потписи за задолжителен референдум.
„Иницијативата за референдумско изјаснување, доаѓа по наметнатите потценувачки услови за отворена бугаризација и идентитетско редефинирање на Македонија, нешто што владата на СДСМ го прифати. Праксата досега покажа дека Владата и Ковачевски не ја говореа вистината кога велеа дека историските прашања не се тема на разговор, не само што се тема на разговор тие станаа и услов за Македонија да напредува кон ЕУ, што самото по себе преставува една не фер позиција која македонската влада на штета на целата држава и одејќи надвор од својот мандат ја прифати. При тоа суверенот во државата, народот не беше ниту прашан, ниту пак Ковачевски има мандат да ја става Македонија во подредена позиција“,
рече Мицкоски вечерва по седницата на ИК.
Тој рече дека прашањето е формулирано по широките консултации кои ги направил изминатиот месец со експерти и професори по уставно право, коалициските партнери, пратениците.
„Се донесе одлука да граѓанска иницијатива за собирање на потписи за распишување на референдум и во наредната недела ќе собереме најмалку 100 квалификувани потписи со што таквата иницијатива ќе биде доставена до Собранието. На оваа иницијатива прво потпишан ќе бидам јас, Извршниот комитет на партијата, пратениците. По што очекувам Собранието во брзи рокови да ја легитимира и одобри иницијативата по што ќе започнат роковите за собирање на 150 илјади потписи за распишување на задолжителен референдум“,
рече Мицкоски.
За самото референдумско прашање, рече дека ќе се однесува на Договорот за добрососедство со Бугарија кој Заев го склучи со Борисов, бидејќи, според него, тој е изворот и почетокот на сите проблеми за Македонија и основата по која потоа Бугарија ги темелеше своите максималистички барања и позиции.
„Раскинувањето на овој договор ќе значи раскинување на барањата за промена на учебници, спорење на јазикот историјата, културата итн“,
рече Мицкоски.
Тој изрази очекување дека власта, како што рече, ќе дозволи да се изјасни народот и да се стави крај на уцените притисоците и кочењата на Бугарија.
Мицкоски во изјавата рече дека сака да биде јасно оти ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но не поддржува асимилација, промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување.
На прашањето, што ако власта ја отфрли иницијативата, Мицкоски рече дека олекува одговорност и од Владата и од Собранието.
„При составување на референдумското прашање, водевме сметка кој какви ингеренции има за да не биде изговор на Џафери дека тоа не е надлежност на Собранието. Законот за ратификација на потпишаниот договор е надлежност на Собранието. Суштината е таа, гласаме за или против овој Договор кој е извор на сите наши проблеми“,
рече Мицкоски.
За тоа што ќе се случи со преговарачката рамка која се темели на овој Договор, Мицкоски рече:
„Ако го напуштиме овој договор тој нема да биде дел од преговарачката рамка“.
На прашањето, како мислат да обезбедат 900 000 гласови за да биде успешен рефернедумот, имајќи предвид дека голем број граѓани, посебно од албанската заедница го поддржуваат како основа за ЕУ интеграција, Мицкоски рече дека очекува европско однесување на власта која нема да ги спречува граѓаните да гласаат.
„Овој е задолжителен, а не консултативен како претходниот. Не би сакал да ни се повтори тој минатиот кога имаше излезност од 90 отсто во средини, каде знаеме дека нема ни 30-40 отсто население. Се надевам дека власта ќе покаже европско однесување и нема да ги спречува оние граѓани кои сакаат да гласаат. Се надевам дека има и албански граѓани кои не се согласуваат со она што ни го прави Бугарија, ќе станат и против асимилацијата која му се случува на македонскиот народ. Очекувам одговорен пристап на Владата и спикерот да се соберат овие потписи и да одиме на референдум. На тој начин Владата ќе има почиста позиција“,
истакна Мицкоски.
Мицкоски не гледа проблем да се организира референдум за поништување на Договор кој има поддршка од меѓународната заедница и објаснува дека не се сомнева во добрите намери на западот, туку во намерите на Бугарија.
„Јас немам проблем со официјален Париз, Брисел, Берлин и верувам во нивните чесни намери, знам дека тие тоа што го мислат е со добри намери, а не верувам во намерите на Софија. И покрај добрите намери на Европа секогаш имало кога официјална Атина или Софија барале од нас да бараат отстапка за да ни ветат некаква ЕУ која ни можеме да ја помирисаме, а камо ли да ја живееме. Немам дилема во нивните намери, нека ми простат секој може да се лути. Но, најмногу ме загрижва што македонскиот народ се чувствува понижен, излажан, омаловажен и сметам дека овој народ треба да си го каже мислењето на референдум“,
рече Мицкоски.