Шефицата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК), Вилма Русковска, е суспендирана. Информацијата за „360 степени“ ја потврди и самата обвинителка.
„Само што добив решение за времено отстранување од работно место“,
рече Русковска и додаде дека во моментот не сака да дава дополнителни коментари за случајот.
Претходно, Јавното обвинителство соопшти дека е поведена дисциплинска постапка за тројца јавни обвинители, а за еден донесено е решение за оддалечување од функцијата. Дисциплинска постапка е поведена за Русковска, како и за Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска поради претресот во Финансиската полиција.
„Во согласност со член 93 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство. Во исто време, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против наведениот обвинител“,
пишува во дописот од обвинителството.
На крајот од јули и почетокот на август првите луѓе на ОЈО-ГОКК и на Управата за финансиска полиција, Вилма Русковска и Арафат Муареми, разменија серија обвинувања преку медиумите откако обвинители од обвинителството со кое раководи Русковска на 18 јули влегоа во просториите на Финансиската полиција.
Јовески веќе констатираше неправилности
На 1 август Јавниот обвинител на Република Северна Македонија излезе со соопштение во кое констатираше неправилности во постапувањето на тимот на Русковска.
„При заведувањето на оформениот предмет нарушена е хоризонталната надлежност и организацијата на Јавното обвинителство. Кривичната пријава се однесува на лица од Управата за финансиска полиција, кои согласно чл.33 ст.2 од Законот за јавното обвинителство имаат полициски овластувања, а по таквите пријави надлежно е да постапува Специјализираното одделение за гонење на кривични дела извршени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија укажува дека предметот треба да се заведе во соодветен уписник и согласно распоредот да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение“,
се појаснува во соопштението.
Исто така, се подвлекува во соопштението, укажано е дека во образложението на барањето на Судот погрешно му се даваат податоци дека Јавното обвинителство има основи на сомнение дека е сторено кривично дело, а во списите од предметот има само анонимна кривична пријава.
„Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице“,
пишува во соопштението од JО на Република Северна Македонија од 1 август.
Покрај тоа, во образложението на барањето за издавање на наредба за претрес се наведува дека во предметот се води предистражна постапка, а при увидот е констатирано дека во списите постои само барање за претрес и писмо, кои се први дејствија преземени во постапката по анонимната кривична пријава.
Укажано е и дека од содржината и наводите во кривичната пријава не произлегуваат дејствија за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
При постапувањето по пријавата, за исти дејствија доставено е и писмено барање до Управата за финансиска полиција за да ги достави истите списи, кои исто така се бараат да се обезбедат со претресот.
„Во согласност со чл. 27 ст. 4 од Законот за јавното обвинителство, со укажувањето, задолжен е јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, целосно да го испита постапувањето по овој предмет, да ја утврди фактичката состојба и сите релевантни околности, пропустите во постапувањето и фактите за евентуална одговорност и за тоа да достави информација до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Укажувањето е во согласност со чл. 7 ст. 3 од Законот за јавното обвинителство и има за цел да се отстранат сите неправилности по предметот и во иднина да не се дозволат пропусти во постапувањето“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Муареми најави кривични, Русковска побара помош од амбасади
На 4 август на брифинг со новинарите директорот на Финансиската полиција, Муареми, најави дека ќе поднесе кривични пријави против Русковска, Трајчева и Јосифовска по, како што оцени, незаконскиот претрес во просториите на Управата.
Истиот ден Русковска ги повика институциите, но и странските амбасади, Делегацијата на Европската Унија, како и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат по, како што оцени, притисокот врз неа и обвинителството од директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
„Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите меѓународни институции и амбасади, пред сè амбасадата на САД и канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зеќири и овој најновиот, за Муареми“,
реагираше Русковска.