„Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија, по секоја цена, мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија“, изјави копретседателот од македонска страна, Драги Ѓоргиев, при денешната презентација на досега усогласените препораки во заедничката историско-образовна комисија со Бугарија
Комисијата досега се договорила да им препорача на владите заедничко чествување на св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самуил. За учебниците, пак, се усогласени препораки за античкиот период – по пет за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија
По четири години работа историчарите ги објавија препораките за заедничко чествување на историски личности и за учебниците од петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија. Копретседавачот од македонска страна на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, со четворица свои колеги, денеска одржа едночасовен брифинг со новинарите за да ги објасни досегашните резултати од работењето на Комисијата.
Препораките за заедничко чествување се однесуваат на сесловенските просветители, св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум, како и за цар Самуил. За учебниците досега се усогласени препораки за античкиот период, односно по пет препораки за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Северна Македонија.
„Тоа се препораки и за македонските и за бугарските учебници, односно, препораки од македонската страна за бугарските учебници за петти клас основно образование., вупно пет препораки. И исто толку бугарски препораки за македонските учебници за шесто одделение. Тоа се учебници што го третираат античкиот период. Исто така, објавени се и препораките за заедничкото чествување на личности од Средниот век. Односно, тоа се светите браќа Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самуил. Значи, тоа се текстови за заедничко чествување кои се идентични – и македонската и бугарската верзија, текстови со кои ние препорачуваме до двете влади на одредени годишнини или јубилеи да се чествуваат заедно овие историски личности“,
вели копретседавачот Драги Ѓоргиев.
„Препораките не допираат до идентитетските прашања“
Тој дообјасни дека препораките за учебниците се однесуваат за оние места каде што македонската страна сметала дека треба да има подобрување во бугарските учебници и обратно.
„Препораките се однесуваат во однос на некои структурални недоследности во лекциите, на фактографски грешки, на историската географија, односно како се претставени одредени географски реони во учебниците, бидејќи во тие сегменти забележавме најмногу пропусти во двата образовни системи. Препораките воопшто не допираат до идентитетските прашања, повеќе се посветени на тоа да се избегне митологизацијата на тој антички период во образованиот систем на двете страни и да се избегне денешната национална перспектива на современите нации и држави во антиката и од тој аспект сметаме дека ќе се подобрат учебниците по историја и во двете земји“,
рече Ѓоргиев.
Членот на Комисијата Петар Тодоров појасни дека и македонските и бугарските историчари биле согласни дека постојат заеднички проблеми во двата образовни системи. Во делот на антиката, препораката е да се користи термин „денешни бугарски земји“, наместо „бугарски земји“ за младите да не се ставаат во заблуда. Препораките се дека треба да се користат попрецизни термини за антиката. Карактеристично е дека и двете држави во учебниците ги игнорираат другите антички култури кои постоеле на Балканот. Па така, во македонските учебници многу малку или воопшто не се споменува тракиската култура.
Во однос на препораките за заедничко чествување, главниот мотив за избор на овие личности (св. Кирил и Методиј, св. Климент, св. Наум и цар Самуил) бил да бидат предложени личности од двете држави што имаат универзално и општочовечко значење за двете култури и пошироко во регионот и Европа. Антропологот Љупчо Ристески на брифингот реќе дека ваквите чествувања имаат симболично значење бидејќи даваат основа за други регионални одбележувања, вклучувајќи ги државите што имаат допирна точка со работата на светите браќа Кирил и Методиј, како што се Грција, Албанија, Словенија, Чешка, Белорусија итн. Ристески рече дека со препораките за заедничко чествување, историската комисија имала цел да се истакне важноста на делата на свети Кирил и Методиј за ширењето на христијанството во регионот и во Европа и со тоа да се даде поширок контекст на нивното дело.
Во моментот историчарите во Комисијата разговараат за делот од средновековието. Досега донесени се седум препораки за шести клас во Бугарија и четири за седмо одделение кај нас, а треба да се донесат уште три нови. Според објаснувањето на Петар Тодоров, бројот на препораки мора секогаш да биде ист и не може една држава да добие повеќе препораки од другата. Очекувањата на македонските историчари се дека до крајот на годината ќе се дојде до решение за делот од средновековието, а потоа ќе се оди на погорните одделенија и со тоа во поновите периоди од историјата.
Рокови – како охрабрување, без императив
Прашан за поставените рокови во Протоколот потпишан на 17 јули 2022 г. меѓу Северна Македонија и Бугарија, Ѓорѓиев вели дека не постојат императивни рокови во кои Комисијата мора да заврши одредена работа.
„Рокови во однос на постигнување на резултати на Комисијата имаше и порано. И тоа е начин на кој размислуваат политичарите, тие сакаат да постигнат резултати. Меѓутоа, во Протоколот не стои императивно кога ние мора да ги завршиме тие прашања од Средниот век. Таму стои охрабрување да се заврши одреден период. Комисијата има своја динамика на работа, свој начин на работа“,
вели Ѓоргиев.
Историчарите од македонската страна уште од почетокот на работењето на билатералната историско-образовна комисија предупредуваа дека од бугарска страна се прави политички притисок врз работењето на комисијата. Прашан какви се очекувањата за 19 и 20 век, период кој е најчувствителен и во македонското и во бугарското општество, Ѓорѓиев одговори дека двете страни не мора да се согласат за одредени ставови.
„Ние никогаш не сме рекле дека мора да дојдеме до заеднички став и до унисоно мислење. Тој период несомнено ќе биде тежок, мачен период околу кој ќе дискутираме. Дискусиите ќе траат и, во крајна линија, ако ние се договориме, успееме да најдеме некакво решение, ќе го презентираме. Ако не успееме да најдеме, тогаш нема решение. Не мора да значи дека оваа Комисија, по секоја цена, мора да донесе решенија за историските недоразбирања што постојат меѓу македонската и бугарската историографија. Ние повторно ќе расправаме за презентирање на одредени настани и личности во учебниците по историја. Како се презентирани тие личности и дали е потребно нивно поинакво презентирање во бугарските и македонските учебници. Ние не расправаме за тоа како историографиите гледаат на одредени личности и настани. Историографијата ќе си ја продолжи својата работа со истражувања, историчарите ќе ги презентираат своите видувања за настани и за личности, онака како што тие мислат. Комисијата, на никој начин, нема да влијае врз историографијата, врз пишувањето на историските книги, врз истражувањата…“,
вели Ѓорѓиев.
Препораките сега одат до Владата која треба да ги усвои и да го продолжи процесот при пишување на идните учебници по историја. Меѓутоа, овие препораки немаат обврзувачки карактер и Владата не е должна да ги усвои. Ѓорѓиев вели дека препораката доаѓа од Комисијата, но како понатаму ќе се одвива процесот е во рацете на институциите на системот.
Во четиригодишната работа на мултидисциплинската комисија за историски и образовни прашања, историчарите одржаа вкупно 19 средби, плус четири средби за технички работи. Или, во просек, средби се одржувале на секои два месеца. Работата на Комисијата беше отежната откако Бугарија во 2019 година ги усвои Декларацијата во Народното собрание и Рамковната позиција на Владата.
Според Ѓорѓиев, целта на работата на Комисијата не е да се менуваат историските факти, туку промоција на образование кое нема да биде основа за манипулација на младите. Копретседавачот тврди дека историчарите не подлегнале на политички притисоци и била задржана автономијата на работата на Комисијата. Вели дека македонските историчари досега се соочиле со обвинувања од бугарските колеги со политички речник, а речиси истите обвинувања можеле да се забележат и во македонската јавноста. Според Ѓоргиев, дијалогот за историјата со Бугарија мора да продолжи бидејќи македонскиот тим имал капацитет за да се постави рамноправно со бугарските историчари.