Музејот „Мадам Тисо“ во Амстердам, кој е дел од ланецот на најпознатите музеи за восочни фигури во светот, на своевиден начин протестира против забраната за влез на Европјаните во САД.
Имено, претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера донесе одлука за забрана за влез на лица од Европа во САД како превенција за заштита од ширењето на коронавирусот. Како што најави тој, забраната стапува на сила од овој петок и ќе трае 30 дена.
Како одговор на забраната, музејот „Мадам Тисо“ во Амстердам на социјалните мрежи сподели фотографија на која се гледа дека восочната фигура на Трамп е извадена надвор на улицата, а на лицето му поставиле заштитна маска.
„Европјаните не се добредојдени во САД, тогаш ниту Доналд Трамп не е добредојден во Европа. ‘Мадам Тисо’ ја остави неговата восочна фигура надвор“,
стои во објавата.
Портпаролката на музејот во изјава за холандскиот портал „Луопингс“ вели дека нивната намера била да се пошегуваат.
„Секако дека е шега. Ние привлекуваме голем број на туристи и се надеваме дека наскоро туристите повторно ќе се вратат во голем број кај нас“,
велат од Музејот.
Трамп забрани влез во САД за граѓаните на 26 држави од Европа, како дел од мерките за ставање под контрола на ширењето на коронавирусот.
Северна Македонија не е опфатена со забраната на Трамп.
Мерката ќе биде на сила 30 дена и се однесува на луѓето, а не и на производите што се извезуваат од Европа во САД.
„САД имаат драматично помалку случаи на заразени од вирусот отколку Европа. ЕУ не забрани патувања од Кина и од други жаришта. Како резултат на тоа, голем број нови случаи во САД беа ‘насадени“ од луѓе што дојдоа од Европа“,
ја образложи Трамп својата одлука.
Со забраната се опфатени 26. држави кои се дел од Шенген-зоната: Австрија, Белгија, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
Велика Британија не е дел од забраната на Доналд Трамп.
Од државите од непосредното соседство на Македонија, мерката се однесува само на Грција. Бугарија, Романија и Хрватска, иако се дел од Европската Унија, не се дел од Шенген-зоната.