Шпанскиот премиер Санчез изрази благодарност за шорокорадоста и одговорноста на Северна Македонија, затоа што, како што кажа, иднината на земјата и нашата европска визија е ставена пред кој било друг интерес. „Го направивте вистинскиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде“, додаде тој
На прес-конференцијата со шпанскиот колега, премиерот Димитар Ковачевски, меѓу другото, посочи дека посетата на Санчез во земјава доаѓа во позитивен про-европски момент за Северна Македонија, кој, како што додаде, планираме да го зајакнеме за време на шпанското претседателство со ЕУ
Северна Македонија е во Европа – како географски, така и историски и сега сте еден чекор поблиску до вашата посакувана цел, изјави денеска премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон за време на прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски, додавајќи оти земјава може да смета на поддршката од Шпанија во следните чекори кон членството во Европската Унија.
„Ве поддржуваме и ќе продолжиме да Ве поддржуваме“,
истакна Санчез.

Шпанскиот премиер Санчез ја оцени посетата на регионот како симболична поради две основни причини. Прво, дека пред неколку дена се деблокира процесот за отпочнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија, и второ, како што рече, обединетоста против бруталната агресија на Путин во Украина.
„Благодарност за вашата широкоградост и одговорност, што ја ставивте иднината на земјата и вашата европска визија пред било кој друг интерес. Го направивте вистинскиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде“,
рече шпанскиот премиер на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, премиерот Димитар Ковачевски.
Санчез порача дека од шпанското искуство со реформите за влез во Унијата, секогаш вреди да се биде дел од европскиот и политички проект – ЕУ.
„Убеден сум дека Северна Македонија што поскоро ќе биде дел од ова“,
рече Санчез, додавајќи дека Шпанија и Северна Македонија се две земји од југот на Европа и дека интересите на земјите се заеднички.
На прес-конференцијата по тет-а-тет средбата помеѓу двајцата премиери и билатералната средба помеѓу нашата и делегацијата на Шпанија, премиерот Ковачевски порача дека денешната посета е симбол на речиси 30-годишните одлични билатерални односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за силната поддршка на Шпанија за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Со отпочнувањето на преговорите нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично македонско наше, ќе остане автентично македонско и во ЕУ од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна“,
изјави Ковачевски.






Премиерот во своето обраќање порача оти ние секојдневно го живееме европското мото, нагласувајќи дека нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите.
„Ние сме подготвени за ЕУ и со цврст чекор одиме напред кон полноправно членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме, бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели, како што е Шпанија“,
изјави Ковачевски.
„Премиере Санчез, вашата поддршка навистина ни значи, како досега така и во иднина. Шпанија и Северна Македонија особено од 2019-та имаат интензивен политички дијалог. Евро-интегративните процеси и економската соработка се полиња од интерес и за двете земји, во кои меѓусебната поддршка е на високо ниво. Продолжуваме со интензивирање на оваа соработка и поттикнување на приватниот сектор за заеднички инвестициски проекти“,
додаде премиерот.
Ковачевски, меѓу другото, посочи дека посетата на шпанскиот премиер во земјава доаѓа во позитивен про-европски момент за Северна Македонија, кој, како што додаде, планираме да го зајакнеме за време на шпанското претседателство со ЕУ.
Инаку, посетата на претседателот на Владата на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон на нашата држава е дел од неговота турнеја низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.