26 јули е денот кој е најдлабоко врежан во меморијата на Скопје, градот на солидарноста. Тој е потсетник дека имаме должност на новите генерации да им ја пренесеме љубовта, еснафскиот дух и пожртвуваноста со кои градот се градеше и развиваше, порачува премиерот во пораката
Од рушевините се роди едно ново Скопје кое стана синоним на солидарноста, етничката и архитектонската шареноликост и на еден модерен космополитски дух, вели премиерот Димитар Ковачевски во пораката по повод 59 години од катастрофалниот земјотрес во главниот град.
На денешен ден во 1963 година, во точно 5:17 часот, вели премиерот, запре срцето на Скопје.
„Катастрофалниот земјотрес однесе многу човечки животи и направи огромна материјална штета. Но, со трудот и пожртвуваноста на скопјани и на пријателите од целиот свет кои несебично подадоа рака, од рушевините се роди едно ново Скопје. Скопје кое стана синоним на солидарност, етничка и архитектонска шареноликост, на еден нов, модерен, космополитски дух. Тоа е вистинскиот код на градот. 26 јули е денот кој е најдлабоко врежан во меморијата на Скопје, градот на солидарноста. Тој е потсетник дека имаме должност на новите генерации да им ја пренесеме љубовта, еснафскиот дух и пожртвуваноста со кои градот се градеше и развиваше, но и да им оставиме аманет никогаш да не ги заборават жртвите од катастрофалниот земјотрес на кои денес се сеќаваме и им оддаваме почит. Слава им!“,
пишува Ковачевски во пораката.
Претходно на социјалните мрежи порака објави и претседателот Стево Пендаровски кој порача дека катастрофалниот земјотрес од 1963-та е потсетник дека најважна е нашата безбедност и дека само заеднички можеме да ја надминеме секоја природна и човечка катастрофа.
Скопскиот земјотрес пред 59 години беше со јачина од шест степени според Рихтеровата скала, а епицентарот беше на плоштадот „Македонија“. Во него загинаа 1 070 лица, а околу 3 000 беа повредени. Се урнаа околу 15 800 стана, а 28 000 беа оштетени.