известува од Брисел: Даниел Василев
Северна Македонија ги почна пристапните преговори со Европската Унија. Во зградата на Европскиот совет во Брисел денеска се одржа првата меѓувладина конференција со ЕУ, а уште попладнево се очекува да почне скрининг-процесот. Премиерот Димитар Ковачевски на меѓувладината конференција се обрати на македонски јазик, оценувајќи дека ова е историски ден за нашата држава.
„Во име на граѓаните и Владата на Република Северна Македонија, ми претставува исклучителна чест што ја имам можноста да се обратам на мојот мајчин, македонски јазик на денешната долгоочекувана и сосема заслужена меѓувладина конференција, со која ги отвораме преговорите. Со оваа меѓувладина конференција, Северна Македонија започнува последна етапа од својот долг пат кон полноправно членство во Европската Унија. Денешниот ден е историски за нас, долго очекуван и заслужен. После 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски, генерациски сон, за којшто долги години посветено се работело. За остварување на оваа стратешка цел ние направивме многу, донесовме мудри, храбри, државнички одлуки во интерес на иднината на нашите деца и државата. Јасната визија и план за иднината, залагањето за просперитет на државата и на сите граѓани за мене е најголем чин на патриотизам“,
кажа премиерот во воведното обраќање.
Ковачевски порача и дека со нетрпение го чекаме денот кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на Европската Унија, а македонскиот јазик ќе биде еден од службените јазици во Унијата, еднаков со сите останати 24 официјални јазици.
По завршувањето на меѓувладината конференција Ковачевски одржа прес-конференција заедно со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, и шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски.
Ковачевски рече дека е убеден оти граѓаните ќе излезат како победници од процесот. Додаде и дека одговорноста сега лежи кај пратениците во Собранието, бидејќи сите тие треба да учествуваат во процесот.
„Одговорноста е на пратениците од опозицијата, да учествуваат во оваа дебата и понатаму. Вие кажавте дека ова е првиот чекор. Ќе има многу чекори понатаму до финалното зачленување во Европската Унија. Точно, Собранието го донесе првиот чекор и Собранието е место каде што ќе треба да биде донесен вториот, третиот, четвртиот чекор до финалното зачленување на Северна Македонија во Европската Унија. Одговорност на секој политичар е да мисли на иднината на државата и иднината на идните генерации. Не смее политичар да мисли само на својот личен рејтинг и на својата политичка кариера“,
рече Ковачевски, додавајќи дека Владата во носењето на одлуката за прифаќање на предлогот на француското претседателство се водела од иднината на државата.
Европкомесарот Вархеји рече дека Европската комисија ќе направи сѐ за да го забрза процесот на преговори. Рече дека јасно е оти уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот ќе мора да се направат.
„Има јасна обврска и ангажман не само од Владата на Северна Македонија, туку и од Собранието. Затоа и реков дека ова е најдемократскиот начин за добивање мандат од страна на Владата зашто францускиот предлог предвидува и компетенции и улога на Собранието. Затоа беше многу важно да се слушне Собранието“,
рече Вархеји, додавајќи дека Собранието покажало оти е подготвено за учество во процесот.
Вархеји се надева дека сите политички партии во Северна Македонија, вклучително и опозицијата ќе работат за европската иднина.
„Се надевам дека нема да почнат со контроверзии, со работење со емоции, емоции кои нема да ја однесат државата напред, емоции кои нема да ја решат ништо значајно за земјата. Затоа ја повикувам опозицијата, видов дека многу граници на политичката култура на европските вредности се поминати за време на оваа дебата. Се надевам дека со оваа одлука можеме да свртиме нова страна за Северна Македонија да може брзо да стане земја-членка“,
рече Вархеји.
Шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски, рече дека ова е историски момент бидејќи проширувањето на ЕУ со регионот на Западен Балкан е приоритет за Чешка како претседавач со Советот на ЕУ.
„Денеска постигнавме едно големо постигнување на патот на приближување на Западен Балкан кон ЕУ. Иднината на Западниот Балкан е во ЕУ и драго ми е што овој историски момент се случува во чешкото претседателство”,
рече Липавски додавајќи дека Чешка ја поддржува Северна Македонија да стане полноправна членка на Унијата.
Претходно, претседателката на Европската комисија изјави дека Северна Македонија набрзо ќе преговара со Комисијата за ФРОНТЕКС и за распоредувањето на ФРОТЕНКС во нашата држава.
Договорот со ФРОНТЕКС, нагласи таа, ќе биде преведен на македонски без фусноти и ѕвездички.
„Северна Македонија набрзо ќе преговара со нас за Фронтекс, се работи за распоредувањето на Фронтекс во Северна Македонија и тоа ќе ја зацврсти нашата соработка во миграцијата и Димитар може да сметате на мојата поддршка за да се осигураме дека договорот ќе биде преведен на македонски јазик, без фусноти, ѕвездички, на еднакво ниво со сите 24 европски јазици“,
рече претседателката на ЕК.
Денешните меѓувладини конференции и за Северна Македонија и за Албанија таа ги нарече историски момент.
Во македонската делегација предводена од Ковачевски се и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, шефот на дипломатијата Бујар Османи, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, како и други високи владини претставници.
ВИДЕО+ФОТОГАЛЕРИЈА: Почна првата меѓувладина конференција на С Македонија со ЕУ (360stepeni.mk)
Непосредно пред меѓувладината конференција, Ковачевски имаше средба и кратки изјави со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, премиерот на Чешка, Петр Фиала, и албанскиот премиер Еди Рама која ја предводи делегацијата на Албанија која исто така денеска ја имаше првата меѓувладина конференција.