Од пратениците на СДСМ само еден не гласаше за францускиот предлог, додека од коалициските партнери на социјалдемократите изостана поддршката од Морачанин од ДОМ и Трајанов од Демократскиот сојуз. Двајцата пратеници на ЛДП, Зајкова и Мојсоски, гласаа „за“

Од 69 присутни (пријавени со картичките) пратеници во пленарната сала во Собранието, 68 денеска притиснаа „за“ со што ги изгласаа заклучоците за францускиот предлог. Единствениот пријавен (во салата) што не гласаше беше Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој е дел од владината коалиција.
Од помалите партнери во власта, поддршка за заклучоците не дадоа ниту Маја Морачанин од ДОМ, ниту Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците. За разлика од Трајанов, тие не беа пријавени (присутни) во салата.
Од СДСМ, пак, „за“ притиснаа 29 од вкупно 30 пратеници. Единствениот што не гласаше е Диме Велковски, кој беше отсутен.

Кога се во прашање останатите коалициски партнери на социјалдемократите, меѓу 68-те се вбројуваат и: двајцата пратеници од НСДП (Соња Мираковска и Горан Мисовски); двајцата од ЛДП (Моника Зајкова и Боби Мојсоски); Љупчо Балкоски од ВМРО-Народна; Илија Николовски од Партијата на пензионери; Мирослав Јовановиќ од Српската странка на Македонија.
Со глас „за“ заклучоците во собраниските архиви се заведоа и двајцата независни пратеници, Зеќир Рамчиловиќ и Санела Шкријељ, кои инаку делуваат како дел од мнозинството. „За“ гласаше и Иљас Бејџан од Демократска партија на Турците на Македонија, дел од мнозинството.
Од партиите на Албанците, пак, гласаа најхолем дел од пратениците, и од власта и од опозицијата.
Поддршка дадоа сите 15 од ДУИ, четворицата од Алтернатива, вклучително и Скендер Реџепи кој од неодамна дејствува самостојно, како и Мендух Тачи од ДПА.
Од опозициската Алијанса за Албанците од седум пратеници гласаа шестмина. Единствено не гласаше лидерот Зијадин Села, кој во собраниските списи е заведен како „отсутен“. Од Беса, пак, гласаше Бастри Бајрами, додека Фадил Зендели не бил во салата. Поддршка даде и поранешниот пратеник на оваа партија Кастриот Реџепи, кој по неговото отсуство од седницата кога се гласаше недоверба на претходната влада предводена од Зоран Заев во ноември лани, дејствува самостојно.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициски партнери од помалите партии, како и двајцата пратеници од Левица, како што е познато, ја напуштија салата и не гласаа. Во собранискиот извештај за гласањето сите се заведени како „отсутни“.

Коментирајќи ја стабилноста на коалицијата по гласањето во парламентот и одлуката на владата да го прифати францускиот предлог, премиерот Димитар Ковачевски во денешната изјава тврдеше дека нема да има промени. Коалицијат, според неговата изјава по гласањето, е цврста и ќе опстои до редовните парламентарни избори во 2024 година.
Откако 68 пратеници на денешната седница ги поддржаа заклучоците, а Владата на седница одлучи да го прифати францускиот предлог, за вторник (19 јули) е планирана и првата меѓувладина конференција. Утре, според најавите од бугарските медиуми, пак, ќе се одржи состанок на меѓувладината комисија во Софија на која се очекува министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, да го потпишат протоколот.