ВМРО-ДПМНЕ бара од Владата да одговори дали се точни нивните сомнежи дека во тек се тајни преговори за прифаќање на „францускиот предлог“ и на билатералниот протокол.
Нивниот портпарол, Димче Арсовски на денешната прес-конференција укаже дека Ковачевски, Османи и Маричиќ, далеку од очите јавноста, со својата дипломатска неспособност и незнаење продолжуваат да ги нарушуваат преговарачките позиции со Бугарија.
„Дали денеска има тим од МНР кој е пратен во Република Бугарија да преговара за францускиот предлог? Дали е точно дека овој тим денеска преговара за предлогот да биде ставен во протокол за Европската унија? Дали со ова молчење, тимот од МНР ја крои тажната судбина на државата, далеку од очите на јавноста каде што ги води овие преговори во Софија?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ги сметаат за смешни обвинувањата на владата дека државата била цел на хибриден напад, кој според нив, „ниту се обиделе да го спречат доколку го имало, ниту пак поднесуваат одговорност затоа што не можеле да го спречат доколку имало такво напад“.
„Ковачевски, Османи и Маричиќ мораат јавно да одговорат што прават тимовите денеска во Софија и најважно, мора да се сноси одговорност за овие дипломатски дебакли и неславни моменти што ги доживува државата и тие единствено паѓаат на товар и штета на граѓаните и државата. Оставка е најмалку што може да направи оваа влада, бидејќи срамот ќе остане, но тие мора да си заминат веднаш, за да не доживуваме нови дебакли како држава“,
истакна партискиот портпарол Арсовски.