На прашањето, што содржи протоколот и на што се согласила С Македонија, Ковачевски рече дека тоа не е нов договор кој се додава на веќе постојниот Договор со Бугарија, туку констатира што досега е направено и што треба да се направи во иднина
Нашиот став е дека преговарачката рамка треба да биде мултилатерален документ во кој се разговара и се става рамка за преговарање за пристапување во ЕУ како организација на земјите членки, а билатералните прашања да се решаваат со државите со кои ги имаме. Затоа има и Договор со Бугарија и Преспански договор со Грција, изјави премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со финската премиерка Сана Марин одговарајќи на прашањето дали С Македонија се откажа од принципот билатералните прашања да не влегуваат во преговарачката рамка.

„Во однос на преговарачката рамка, таа е мултилатерален документ одобрен од сите земји членки кој потоа оди до земјата кандидат. Искуството е дека овој документ треба да одразува насока и правила според кои треба да се одвива процесот на почеток на преговорите, отворањето поглавја и преговарањето за усогласување на државата со сите аспекти на европското законодавство. Со оглед што нашиот пат беше исполнет со билатерални прашања, прво со Грција со која имаме договор кој е во сила и втор со Бугарија и кој е потпишан со цел да се решат, ние сме на став дека преговарачката рамка треба да е биде мултилатерален документ во кој се разговара и се става рамка за преговарање во однос на пристапување во ЕУ како организација на земјите членки, а билатералните прашања да се решаваат со државите со кои ги имаме“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека искуствата досега на земјите кои преговарале, а имале отворени билатерални прашања со земји кои биле веќе членки, од решавањето на отворените билатерални прашања зависи и прогресот во делот на преговорите откако ќе отпочнат, и изрази надеж дека земјите од ЕУ ќе усвојат преговарачка рамка која ќе го отсликува мултилатералниот карактер на документот и Бугарија ќе биде на ниво на соседна држава која сака да ја види другата соседната држава како полноправна членка на ЕУ.
На прашањето што содржи протоколот и на што се согласила С Македонија, Ковачевски рече дека тоа не е нов договор кој се додава на веќе постојниот Договор со Бугарија, туку констатира што досега е направено и што треба да се направи во иднина.
„Кога се зборува за протоколот тој е всушност статус и понатамошни чекори во однос на спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, Тој не е посебен договор или нешто ново кое се случува со Бугарија оти такви протоколи се прават во однос на статусот и следните чекори и обврски кои сме ги презеле двете земји. Тоа е работа на МНР и експертските групи во однос на тоа до каде се стигнати во преговорите и се потпишува на ниво на МНР. И после тој протокол треба да е одобрен во МНР на двете земји, и при спроведување на следните чекори од договорот, пак се работи за протокол каде што се кажува до каде е стигнато и што следува. Во моментов го гледаат во Бугарија, до каде се стигнати работите досега и што треба во иднина. Тоа не е нов договор што се додава на она што го имаме досега во Договорот со Бугарија“,
рече Ковачевски.
Ковачевски беше дециден дека не е пристигнат никаков документ во нашето МНР.

Финската премиерка Сана Марин повтори дека нејзината земја е за проширување и дека сака, освен за Украина и Молдавија, земјите членки да разговараат и за Западен Балкан.
„Финската позиција е јасна – ние сме за проширување и сакаме С Македонија и Албанија да станат земји членки на Унијата. Одговорност на ЕУ е да осигури дека ситуацијата нема да остане замрзната, дека ќе ги имаме насоките по кој пат да се движат. Неделава ќе имаме состанок за Украина и Молдавија и важно е да се разговара за Западен Балкан и да се осигури дека сите прашања да бидат решени и дека нема да има проблеми. Сакаме да ве видиме како дел од ЕУ“,
изјави Марин, но не одговори директно на прашањето дали Финска го добила францускиот предлог.