Ниеден видлив знак не укажува на вонредна состојба во зградата во која е сместена Клиниката за кожни болести во кругот на Клиничкиот центар во Скопје откако денеска беше соопштено дека директорката на Клиниката е заразена со коронавирус и дека ќе биде затворен одделот на кој работела таа.
Во објектот во кој освен кожната, се сместени и неколку други интерни клиники – гастроентерохепатологија, очната, ушната клиника…, денеска е вообичаена врволица од пацинти и медицински персонал.
Ништо не укажува на вонредност ниту внатре во објектот. Вратата што води кон амбулантите на кожната клиника е ширум отворена.
Ниту овде ниту на влезот во болничкиот оддел на Клиниката не може да се види знак или известување за евентуален посебен режим.
Дел од медицинскиот персонал со кој разговаравме вели дека денеска се очекува дезинфекција на целата Клиника и дека од утре ќе им се вратат на редовните обврски.
Министерот за здравство, Венко Филипче, претходно соопшти дека состојбата на заразената докторка е добра, дека таа е со лесна клиничка слика, но тој изрази огромно разочарување поради тоа што медицински персонал не ги почитувал препораките за самоизолација.
Филипче кажа дека таа се вратила од Италија и изминатите пет дена одела на работа, иако препораките се во таков случај да се остане 14 дена во самоизолација. Тој рече дека таа сега е хоспитализирана на Инфективната клиника каде што ќе биде на лекување, а одделот каде што работела, најверојатно, ќе биде затворен. Целиот медицински персонал ќе биде испратен во домашна изолација во следните две недели, исто како и пациентите на овој одел, а се идентификуваат сите лица со кои лекарката контактирала во изминатите пет дена, било да се работи за семејство, пријатели, колеги или пациенти. Среќна околност, според Филипче, е што таа изминатите пет дена немала ангажман во амбулантата, каде што има и најголема фреквенција на пациенти.
Тој не одговори директно на новинарското прашање, дали лекарката ќе биде суспендирана, туку само кажа дека доколку се утврди одговорност, ќе бидат преземени мерки без да прецизира какви.
*поврзана вест Директорката на Клиниката за кожни болести е заразена со коронавирус – наместо во самоизолација, пет дена одела на работа (ВИДЕО)