Во реакцијата од Би-би-си порачаа дека тие ќе продолжат да известуваат независно и правично. Дописникот на Гардијан, Шон Вокер, кој е еден од 29-мина што се најдоа на списокот, пак, рече дека е не се „тепа за да влезе во Русија“, но сепак му е чудно да се најде на листата откако живеел таму повеќе од една деценија
Руското Министерство за надворешни работи воведе санкции за 49 британски државјани, меѓу кои и 29 новинари. Ваквата одлука на Москва следува како одговор на санкциите кои Велика Британија ги воведе кон руски јавни личности и олигарси.
Меѓу новинарите кои руското МНР ги стави на „црната листа“ се генералниот директор и репортери на Би-би-си, како и новинари, уредници, колумнисти и презентери на „Скај“ ТВ, „Тајмс“, „Гардијан“, „Канал фор“ и ИТВ.
Покрај медиумските работници, на листата се најдоа и лица од одбраната.
„Во врска со антируските дејствија на британската влада за воведување лични санкции за водечките новинари на нашата земја и директорите на компаниите во домашниот одбранбен комплекс, беше одлучено на руската стоп-листа да бидат вклучени шефовите и дописниците на голем број големи британски медиуми, како и претставници на командата на вооружените сили, воено-индустрискиот комплекс и одбранбеното лоби на Велика Британија“,
соопшти руското МНР.
Со ставањето на стоп-листата Русија ги обвини британските медиумски работници дека ширеле лажни и информации.
Во реакцијата од Би-би-си порачаа дека тие ќе продолжат да известуваат независно и правично.
Дописникот на Гардијан, Шон Вокер, кој е еден од 29-мина што се најдоа на списокот, пак, рече дека е не се „тепа за да влезе во Русија“, но сепак му е чудно да се најде на листата откако живеел таму повеќе од една деценија.
Од почетокот на војната во Украина, Русија затвори бројни независни медиуми кои важеа за критички настроени. Руските власти, кои сè уште одбиваат инвазијата на украинската територија да ја наречат војна туку ја карактеризираат како „специјална воена операција“, претходно го криминализираа и новинарското известување за сето она што тие самите го сметаат за „лажна информација“.