„Благодарение на новата Комисија и новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, имаме можност да реагираме и имаме во моментов институција што реагира професионално, односно, почитувајќи го законот утврдува вознемирување и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет“, вели во интервју за „360 степени“ извршниот директор на НВО „Субверзивен фронт“, Давид Тасевски
360°: Колку често во јавниот простор воочувате говор на омраза врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет и како реагирате?
Тасевски: „Говорот на омраза е често присутен на социјалните мрежи во изминативе години. По формирањето на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација имаме можност да реагираме со претставки за да се утврди дискриминација и вознемирување кон луѓето со различна сексуална ориентација или родов идентитет. Претходно, за жал, знаеме дека имавме други состави на Комисијата коишто не утврдуваа дискриминација иако знаеме дека сме подземје во коешто имаме дискриминација во голема количина и говор на омраза. Меѓутоа, како што кажав, претходниот состав утврди дискриминација за Никола Груевски, меѓутоа не утврдуваше за маргинализираните групи кои се најдискриминирани во општеството. Благодарение на новата Комисија и новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, имаме можност да реагираме и имаме во моментов институција што реагира професионално, односно, почитувајќи го законот утврдува вознемирување и дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.“
360°: Колку претставки имате испратено до комисијата за спречување и заштита од дискриминација?
Тасевски: „Јас прво би сакал да кажам колку имаме добиено. 18 се добиени што е прилично сериозна бројка. Фокусот ни е да се поднесуваат претставки претежно кон јавни ликови заради тоа што тие се тие кои имаат влијание во вршењето и поттикнувањето на дискриминацијата. Во 18 претставки Комисијата има утврдено дискриминација и вознемирување по основ на сексуална ориентација и родов идентитет и има одреден број претставки по кои сѐ уште чекаме Комисијата да даде свое мислење“.
360°: Каква е реакцијата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и какви се нивните можности, што можат тие да направат понатаму?
Тасевски: „Според измените во Законот за спречување и заштита од дискриминација, тие ја утврдуваат дискриминацијата доколку постои. Постои рок од 30 дена дискриминаторот да се извини. Ја има таа можност која лично јас можеби не би ја дал како опција, меѓутоа има можност од 30 дена дискриминаторот да се извини. Доколку не се извини за извршената дискриминација, Комисијата треба да започне прекршочна постапка пред судовите.“
360°: Како потоа се процесуираат тие случаи, како завршуваат најчесто?
Тасевски: „Со оглед на тоа дека сѐ уште е нова оваа пракса, сѐ уште ниту еден од случаите не завршил на суд така што тоа е следниот чекор што планираме да го направиме и да видиме каква ќе биде праксата и како ќе одговорат институциите, односно, дали ќе го почитуваат законот кој е пропишан или повторно ќе бидеме на моментот дека законите ни остануваат само на хартија.“

360°: Можете ли да ни посочите некој специфичен пример?
Тасевски: „Она што е важно е дека Комисијата има утврдено дискриминација кај лекари, кај новинари, кај пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, што во некој развиен систем би било скандалозно и тоа го гледаме, нели, во други системи кога ќе направат некоја грешка политичарите и пратениците, тие освен извинувањето често и даваат оставка. Јас колку што сум запознат до моментов ние немаме добиено извинување од пратеникот за извршена дискриминација. Тоа е прилично поразувачки. Можеби во моментов општеството тоа го смета како поразувачки за нас, меѓутоа јас дефинитивно го сметам за поразувачко кон самиот пратеник и кон целосно политичката фела заради тоа што очигледно една група луѓе коишто се ставени на нивните позиции да се борат против дискриминацијата, да го подобруваат системот во интерес на граѓаните, затоа што на крајот на денот и сите закони се прават во интерс на граѓаните, меѓутоа тие се тие коишто ја поттикнуваат дискриминацијата. Имаат правено и други организации истражувања во однос на тоа кога имаме зголемување на говорот на омраза. Говорот на омраза го бележиме како зголемен околу изборите што не можеме да не го поврземе директно со политичките партии. Не е случајно што најмногу говор на омраза имаме за време на избори, а подоцна кривата паѓа надолу.“
360°: Што треба да се направи, како да се подобри оваа состојба?
Тасевски: „Доколку јас или вие, исто така, извршиме дискриминација и доколку против нас нема никаква казна ќе продолжиме да го правиме тоа, најверојатно. Голема е веројатноста дека ќе продолжиме. Меѓутоа, доколку системот, институциите, некако нѐ казнат нас, голема е веројатноста дека ќе престанеме да дискриминираме и да користиме говор на омраза. Така што чекаме на институциите да си ја завршат својата работа односно вработените кои земаат плата од буџетот, а во голем дел можеби не си ја завршуваат работата како што се очекува и како што е пропишано по закон.“