Изминатите денови во земјава престојуваше холандската амбасадорка за безбедносна и сајбер-политика, Натали Јаарсма. Нејзината позиција можеби е невообичаена за Северна Македонија, но е нешто што е веќе стандард во западноевропските држави. Холандија, како земја каде завршуваат значаен дел од трансатлантските интернет-кабли, посветува многу внимание на сајбер-безбедноста. Јаарсма, која има големо искуство во надворешната и безбедносната политика, меѓу другото, е задолжена за промовирање на владеењето на меѓународното право и во сајбер-сферата. За време на престојот во Скопје, 360° имаше можност да разговара со неа – холандската амбасадорка даде неколку совети за тоа како да се подобри безбедноста во интернет-доменот
360°: Холандската влада вели дека сајбер-дипломатијата е потреба, а не луксуз. Дали би сакале да ја објасните оваа позиција?
Натали Јаарсма: „Да, секако. Сајбер-дипломатијата е суштинска и зошто веруваме дека е суштинска? Како холандска влада имавме аларм за будење, а тоа се случи во 2013 година кога одеднаш се појави прашањето со сертификати на веб-страници. Тој сертификат се викаше „Diginotar“, тој сертификат беше пробиен… Зошто, како влада, ова го сфативме како аларм за будење? Зашто повеќето од владините веб-сатраници го поседуваа тој конкретен сертификат. На крајот излезе дека, најверојатно, некоја странска влада го пробила сертификатот за да ги шпионира луѓето. Оттука, почнавме да увидуваме дека треба да бидеме во контакт со други влади за да разговараме за она што би било нормално државно однесување во сајбер-просторот и дека ни треба одговор на прашањето што да се прави во случај кога држави нема да се однесуваат соодветно. Друг елемент во размислувањето беше дека нашиот Научен совет за владини политики, кој го советува парламентот, во 2015 година објави извештај што се однесуваше на јавното јадро на интернетот, а тоа е основната инфраструктура и логичните слоеви на протоколите на интернетот – ‘рбетниот столб на интернетот. Извештајот нотираше дека во ситуација кога овој ‘рбетен столб е нападнат тоа би можело да резултира со колапс на целиот интернет во земјата или во некој регион. Во силно дигитализирано општество тоа би значело сериозен удар. За нас, тие два елемента…, во тоа време почнавме да размислуваме за тоа што треба да го преземеме – во нашиот Устав има елемент што вели дека треба да го заштитиме и да го зајакнеме меѓународниот правен поредок и затоа сакавме да бидеме поактивни во меѓународниот правен поредок во однос на сајбер-сферата и да ги засилуваме нашите напори. Би сакала ова понатаму да го објаснам.“
360°: Кој е опсегот на вашата работа како холандска амбасадорка за безбедносна политика и сајбер-безбедност?
Натали Јаарсма: „Зборував за одговорно однесување на државите во сајбер-просторот и една од моите задачи е да се фокусирам на нормативните рамки за одговорно однесување на државите и во рамките на ОН изградивме консензус – сите држави во светот се обврзаа на оваа нормативна рамка. Требаше време да се дојде до тој консензус, но таа рамка вели дека меѓународното право се однесува и на сајбер-просторот, а како дополнување заедницата на ОН дефинираше дополнителни норми за елаборирање – тие вклучуваат норми што велат дека секој треба да си ги заштити сопствените сајбер-системи, на пример, секоја држава би требало да има свој државен СЕРТ (тимови за итен сајбер-одговор), секоја држава треба да ја штити својата критична инфраструктура, но и да има норми дека не треба да има меѓусебно напаѓање на стратегиската инфраструктура. Ова е еден елемент од мојата работа, заедно со поширок тим. Втор елемент е отчетност – што ако има злонамерни актери во сајбер-просторот и како да бидат одговорни, особено ако се актери поддржани од некоја држава. Оттука се наметнува прашањето што да правите во дипломатска смисла – тука ги имаме нашите вообичаени дипломатски правила. Владите треба меѓусебно да разговараат, да имаат дијалог… Вообичаено, ова е првиот чекор, кога ќе увидите дека нешто се случува, вие треба да разговарате. Ако тој разговор не резултира со нешто или има јасно разбирање дека има поголем интензитет, тогаш има наредни чекори, како јавно критикување на конкретната земја или, пак, преземање санкции кон одредени ентитети или поединци. Тоа е делот на отчетност. Третиот сегмент на кој се фокусираме е градење капацитети, зашто увидовме дека во сајбер-светот сите се поврзани, целиот свет е поврзан. Оттука, како Холандија, во наш интерес е сите земји да преземат мерки за својата сајбер-безбедност. Затоа сме овде во Северна Македонија, но и во поширокиот регион, како да се изгради подобра отпорност и да се заштитат дигиталните системи против сајбер-напади и што е потребно за тоа. За оваа конкретна цел во 2015 г. воспоставивме центар – Глобален форум за сајбер-експертиза, ова е организација составена од повеќе чинители, членки се влади, приватен сектор, невладини организации… Всушност, тоа е платформа во која владите можат меѓусебно да учат и да ја користат експертизата и во приватниот и во невладиниот сектор за самите да изградат своја отпорност.“

360°: Како во оваа сфера ја оценувате ситуацијата на Западен Балкан и во Северна Македонија, имате ли некаков конкретен увид?
Натали Јаарсма: „Прво, би требало да кажам дека сум сајбер-амбасадорка и не сум експертка за овој регион, но во општи рамки она што го гледаме е дека државите сè повеќе се дигитализираат, во минатото безбедноста беше нешто второстепено. Сега, пак, разбирањето е дека при дигитализацијата и имањето повеќе е-влада апликации, безбедноста треба да биде од суштинско значење. Тоа важи и за Холандија и за Западен Балкан. Она што е суштинско во сајбер-безбедноста е интернетот, вообичаено, или во повеќето случаи, тој е поседуван од приватни ентитети, а не од владите. Владите може да постават законски правила, но приватниот сектор ја поседува мрежата и затоа е клучно при справувањето со сајбер-безбедноста да има соработка меѓу приватниот сектор и владите и затоа го користиме терминот учество и соработка на повеќе чинители зашто не станува збор само за заедничка работа меѓу компании и влади, туку има и многу додадена вредност за граѓанскиот сектор, кој понекогаш алармира за одредени ранливи елементи или ја потенцира важноста на основните права што треба и онлајн да бидат заштитени зашто понекогаш има упад во безбедноста за сметка на правата. За тоа треба да се дебатира со цел да се најде вистинскиот пат напред за сите граѓани да се чувствуваат комотно.“
360°: Од ваша перспектива, кој е најдобриот пристап за справување со сајбер-нападите и кампањите на дезинформации?
Натали Јаарсма: „Постојано велам: отпорност, отпорност, отпорност. Мислам дека за каков било сајбер-напад многу би можело да се направи, да се спречи, со земањето предвид на основната сајбер-хигиена. Не станува збор само за ИТ-човекот на компјутерот, туку за прашање што е во сржта на една организација. Среќна сум што овој период сајбер-безбедноста е на агендите на управните одбори на организациите. Тука е и човечкиот фактор – секој поединечен корисник треба да биде свесен дека има улога во овој сајбер-свет и дека треба да ги заштити своите организации од напади. Толку е лесно да се кликне на погрешен линк кој е можеби обид за „фишинг“ или почеток на напад. Затоа, станува збор за основна сајбер-хигиена на техничко ниво, но и едукација на корисниците и граѓаните. Мислам дека имаме многу работа. Како општества, колку повеќе стануваме дигитализирани толку повеќе се појавуваат иновации и предизвици со кои треба да се справиме. Затоа, треба да ги следиме тие иновации и да им се пријде на решенијата од перспективата на повеќе чинители.“

360°: Ако би биле во позиција на Владата на Северна Македонија, кои би биле вашите приоритети?
Натали Јаарсма: „Во ред, што јас би направила од таа позиција… Во основа, би кажала дека елементарната сајбер-хигиена е многу важна, но би објаснила и други работи. Тукушто посетивме центар на Министерството за одбрана кој, меѓу другото, се занимава и со дезинформации. Станува збор за центар кој е акредитиран од НАТО и бев импресионирана од работите што таму ги прават. Импресионирана сум и од брзината со која Министерството за одбрана се интегрираше во структурите на НАТО. Мислам дека тоа е патот за напредок, не само од аспект на НАТО туку да се излезе и да се види што другите имаат да понудат и од нив нешто да се научи, зашто не сакате да ги правите истите грешки што некои други држави можеби ги направиле. Затоа, треба сакате да направите чекор напред и од старт нештата да ги направите како што треба. Покрај НАТО, тука е и ОБСЕ, организација која разви многу мерки за градење доверба. Нешто што треба да се гледа во регионот, можеби, би било воспоставување точки на контакт кои би комунцирале во ситуација на сериозен предизвик со сајбер-безбедноста кој би можел да се прелее во други земји од регионот. Би можеле да станете членка на Глобалниот форум за сајбер-експертиза кој има развиено најдобри практики за процедури за национален СЕРТ и како да се соработува со други СЕРТ, тоа се тимови за итен сајбер-одговор. Она што го сметам за критично, а јас сум овде за една регионална конференција на која ќе учествуваат луѓе кои предводат разни СЕРТ-тимови…, отсекогаш сум ја ценела соработката на ниво на СЕРТ и постои организација која помага во воспоставувањето ваква комуникација која се грижи секој СЕРТ-тим истовремено да ја има соодветната информација. Станува збор за ваква комуникација и осигурување дека секој чинител во Северна Македонија ја има соодветната информација за да постапува. Оттука, одете разговарајте со овие организации – НАТО, ОБСЕ, ЕУ, ОН, Глобалниот форум за сајбер-експертиза, регионални организации…“