Во пресрет на новиот ребаланс на Буџетот, Владата најави нов сет од антикризни мерки кои, како што велат оттаму, ќе бидат потаргетирани, односно ќе бидат насочени кон ранливите категории граѓани и стопанството
Доколку не беа мерките како намалувањето на ДДВ од 5 на 0 проценти на основните прехранбени продукти, додаваат од Владата, граѓаните ќе мораа месечно да плаќаат по 1 500 денари плус. Доколку ДДВ за горивата не се намалеше од 18 на 10 проценти, од Владата велат дека секој граѓанин во просек би плаќал по 300 денари повеќе секој месец
По истекот на времетраењето на претходните, Владата најави нов сет антикризни мерки кои ќе бидат донесени со новиот ребаланс на Буџетот, а кои, како што додаваат, ќе бидат потаргетирани, односно ќе бидат насочени кон ранливите категории граѓани и стопанството.
„Владата на РСМ со повеќе навремени, одговорни и сеопфатни мерки и решенија обезбеди заштита за граѓаните од поскапувањата предизвикани од глобалната економска и енергетска криза. Во тој дух и по тој принцип Владата со новиот ребаланс на буџетот, продолжува со силната грижа за граѓаните и во најкраток рок ќе излезе со антикризни мерки кои ќе бидат потаргетирани, како што всушност се и последните препораки на меѓународните финансиски институции – ММФ и Светска Банка, ЕУ и експертската јавност“,
соопштија од Владата.
Овој пристап, како што додаваат од Владата, има за цел да се заштитат оние на кои поддршката им е најпотребна и да се обезбеди праведна распределба на средствата. Освен тоа, една од целите е, како што велат, да се задржи патот на постепена фискална консолидација – што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на економијата воопшто.
„Сите овие мерки што ќе следуваат се надоврзуваат на очекувањата на меѓународните финансиски институции дека ценовните притисоци на меѓународните пазари во текот на годинава постепено ќе се ублажуваат, за да се стабилизираат веќе следната година“,
стои во соопштението од прес-службата на Владата.
Оттаму додаваат дека со првиот пакет мерки кои беа донесени се амортизирале првите силни удари на кризата, се спречил ценовниот шок и шпекулативниот раст на цените, со што се запрени и инфлаторните притисоци.
„Доколку не се направеше субвенционирање на производството на електрична енергија од 80 проценти и доколку не го намалевме ДДВ цената на која што ја плаќаат граѓаните, сметките за струја на секое семејство ќе беа за 2 150 денари повисоки“,
велат од Владата.
Доколку, пак, не беа мерките како намалувањето на ДДВ од 5 на 0 проценти на основните прехранбени продукти, додаваат од Владата, граѓаните ќе мораа месечно да плаќаат по 1 500 денари плус. Доколку ДДВ за горивата не се намалеше од 18 на 10 проценти, од Владата велат дека секој граѓанин во просек би плаќал по 300 денари повеќе секој месец.
Инаку денеска основните прехранбени продукти – лебот, млекото, јајцата, брашното тип 400, шеќерот и маслото за јадење се продаваат со пет отсто ДДВ, откако истече времетраењето на владината антикризна мерка за нула отсто ДДВ за овие продукти. Поради тоа, од денеска цените на основните прехранбени производи се покачени за два, три, пет, па и дваесет денари, во зависност од производот и од производителот.
Освен мерката за ограничување на ДДВ за основните прехранбени продукти, од денеска не важи ниту мерката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто. Поради тоа, од вчера на полноќ горивата поскапеа за девет денари, а денеска Регулаторната комисија за енергетика ги објави и новите поскапувања на нафтените деривати кои ќе важат од ноќеска на полноќ.